1012 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 07:59
За еден месец колку што ќе трае најновата владина мерка за дисциплинирање на маржите, македонските граѓани ќе може да купат еден леб фазла! Ова е „подарок“ од трговците, кои во есенската кошница го сместија поевтинувањето на лебот од 1 денар. Добро прочитавте! Откако ќе се пресметаат и другите „дарежливи“ намалувања, повеќе од јасно е дека трошокот од акциите спакувани во звучни имиња, повторно ќе падне врз грбот на потрошувачите. Владата не само што не ги изигра трговците, туку им остави солиден простор подготвено да ги дочекаат евентуалните загуби од замрзнатите маржи по стапувањето на сила на Законот за нефер практики.
За оние што сè уште се надеваат дека Законот ќе воспостави ред на пазарот, ќе повториме: овој закон директно ги уредува односите меѓу трговците и добавувачите, а неговата улога за потрошувачите е само индиректна, затоа што трговците ќе ги намалат маржите на 2.500 производи, кои им ги набавуваат добавувачите и нема да им наметнуваат други давачки. Но, кога ќе се погледне податокот дека дури 80 отсто од суровините за производство на храна се од увоз, а само 20 отсто е домашно производство, тогаш јасно е колкав ќе биде ефектот. Кога им се наложуваат мерки спротивни на слободниот пазар, трговските синџири реагираат подготвено. Да потсетиме, целата 2023 година, кога имавме речиси постојано замрзнати цени на храната, нивниот приход беше зголемен за 25 отсто!
Сојузот на синдикати на Македонија го лоцираше проблемот – дека трговците ги искористиле најавите за ограничување на маржите за да ги зголемат цените на основните прехранбени производи и дополнително да се збогатат. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, укажа и дека платата во секторот трговија е намалена за 5,9 отсто, што значи дека ќе заштедат и на платите на вработените.
Производителите на земјоделски и прехранбени производи се жалат дека се во подредена положба во однос на трговците што ги откупуваат нивните производи по ниски цени, а ги препродаваат на пазарите со високи маржи. Претходниот министер за економија Крешник Бектеши беше фрапиран од маржите од 50 до 200 отсто, а ќарот за земјоделците изнесувал едвај три отсто. И самиот премиер Христијан Мицкоски рече дека имало огромни заработки и кај училишниот прибор. Македонска реалност!
Во последно време, од сите страни нè бомбардираат со флоскулата „општествено одговорни фирми“. Ако е така, зошто од ниту еден трговец не слушнавме дека самостојно ќе оди со трајно намалени цени што Владата ги бараше од нив?
Мерките што претходната влада лани ги воведуваше дадоа одреден резултат, но цените растеа по одмрзнувањето на маржата. Сега на пазарот повторно има голем пораст на цените на основните производи, а по секоја краткорочната примена, спиралата на покачување оди во недоглед.
Треба да се има на ум дека речиси две третини од големите трговски синџири во земјава се со странски капитал. Нивната цел е профит – и ништо друго!
Слики: Ethan Murrow
Извор: https://www.slobodenpecat.mk/