Марина Вујачиќ, активистка за човечки права и родова рамноправност

27.09.2024 00:57
Марина Вујачиќ, активистка за човечки права и родова рамноправност

Како предвремено родено бебе, Марина е родена во седмиот месец од бременоста. Реткото оштетување (ахондроплазија) предизвикало низок раст, иако за себеси вели дека не е ни мала, ни ниска, туку висока 134 сантиметри.

Во тринаесеттата година преживеала клиничка смрт, откако се разбудила од тотална анестезија, заради исклучително висок крвен притисок. По испитувањата се утврдило дека е имуна на тотални анестезии. Во 36-тата година преживеала хеморагичен тип на мозочен удар (излив на крв во мозокот) кој го преживуваат 4 проценти од луѓето.

Откако завршила основно училиште, за да го продолжи образованието, се одвоила од родителите. Затоа смета дека живее самостојно од својата 15-та година. Завршила гимназија, а потоа дипломирала социологија. Од мала сакала да го анализира општеството, да ги истражува општествените феномени и појави, однесувањето и постапките на луѓето...

За време на студирањето повеќе пати била ангажирана во разни истражувања, а исклучително многу ги сакала јавните обраќања, одржувањето часови на училиште итн.

По завршувањето на факултетот се вработила во локалната организација на лицата со инвалидитет. Набрзо потоа, по посетите на Школата за човекови права на лицата со инвалидитет, добила понуда за нова работа и позиција - извршна директорка на Здружението за млади со хендикеп од Црна Гора (УМХЦГ).

По една година откако стапила на функцијата, од родниот Никшиќ се преселила и почнала да живее во Подгорица (главниот град на Црна Гора).

Посетувала разни едукации, обуки, учествувала во студиски посети во градовите од регионот и Европа. Набрзо и самата почнала да спроведува едукцаии. Поседува тренерски сертификат за едукација за бројни теми, а авторка и коавторка е на пет програми за обука. Вклучена е во едукации на лицата со инвалидитет, наставен кадар, вработени во државната управа, адвокати, судии, обвинители, претставници на политички партии, ученици, средношколци и студенти и бројни други целни групи кои работат со лица со инвалидитет или се на позиции за подготовка и/или примена на закони и политики. Најмногу сака да работи со деца и тинејџери. Смета дека учи заедно со нив и дека, иако им пренесува знаење и искуство, и самата учи од нив.

Заради јавната функција поднесува оставка на местото извршна директорка во август 2017-та година. Била државна секретарка во Министерството за европски работи, во Владата на Црна Гора, од 31 август 2017-та до 1 март 2018-та година кога е разрешена на нејзино барање, на што претходела оставка од министерот. Од април 2018-та до мај 2019-та била консултантка во Здружението за млади со хендикеп од Црна Гора, како и менторка на нововработените во УМХЦГ, а повремено била хонорарно ангажирана од страна на други невладини организации и државни органи. Се занимавала и со фриленсинг.

Во април 2019-та по вторпат е избрана на позицијата извршна директорка на УМХЦГ.

Во моментов, во двегодишниот мандат, како претставничка на невладините организации, е членка на Заедничкиот консултативен одбор (ЗКО) помеѓу Црна Гора и Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК). Како претставничка од невладиниот сектор била членка на Советот за транспарентност на Министерството за внатрешни работи. Најзначаен резултат за време на мандатот ѝ било враќањето во гласачкиот список на лицата на кои им била ограничена или одземена деловната способност, на што претходела токму нејзина иницијатива, по Одлуката на Уставниот суд за неуставноста на одредбите со кои било оневозможено правото на глас.

Координаторка е на порталот на лица со инвалидитет - Disability кој е основан и го уредува УМХЦГ. Уредничка е и на списанието DisabilityINFO.

Марина е една од најактивните и јавно најпрепознатливи лица, не само во движењето за правата на лицата со инвалидитет, туку и генерално - во црногорското општество. Често е застапена и во медиумите, не само во рамки на темите кои се однесуваат на инвалидноста и човековите права на лицата со инвалидитет, туку и други општествени теми.

Пишува автобиографска книга, која по закрепнувањето од последиците од мозочниот удар го доби насловот: Сите мои животи.

ОкоБоли главаВицФото