За источноевропските национализми

27.09.2024 02:02
За источноевропските национализми

(Во текстов нема да наведувам цитати, зашто текстот не е академски. И покрај тоа што темата е неизмерна, а за неа е пишувано многу од разни агли, секоја референца само би го отворила прашањето зошто баш тој, а не некој друг автор. Значи, ова е само личен став - а, како што знаеме, поединците не се важни.)

Кај источноевропските елити постојат два проблеми. Тоа се: национализмот и парохијализмот.

За да ги разбереме национализмите (множина) на источноевропските елити, треба да ја погледнеме поновата историја. Под „понова“ мислам на претходните два до три века. Источна Европа била арена за империјалната конкуренција. Царствата често ги апсорбирале домашните елити, но како што се ширеле писменоста и урбанизацијата, а локалното население имало сè поголем удел кај интелектуалците, елитите се насочиле кон дефинирање на „нацијата“ во рамки на паневропското романтичарско движење. Почнало со проучување на локалните обичаи, поезијата и народните игри, потоа се тргнало кон кодификација и стандардизација на јазикот, за да се премине кон претензии за национално самоопределување. Во зависност од царствата чиј дел биле, национализмот на елитите бил антируски, антиотомански, антиавстриски и антигермански. Во некои случаи (како Полска) истовремено бил насочен и против повеќето од нив. Национализмот бил двигател на сите бунтови во 19-от век: српскиот, грчкиот, а подоцна и бугарскиот и албанскиот против Османлиите, полскиот против Руското царство, хрватскиот против Унгарците, унгарскиот против Австријците.

Таквите елити идеолошки биле многу блиски до фашизмот и не зачудува што поддршката што ја уживале нацистите во источна Европа била значителна, а во земјите во кои нацистите немале поддршка планирале да ги уништат локалните елити. Затоа елитите морале да се свртат против нив.

Во сите случаи, националистичките елити барале поддршка од Западот. Повремено поддршката била при рака, кога клучните западни елити (Обединетото кралство и Франција) имале интерес да ги распарчуваат царствата (од 1916-та па натаму во однос на Австроунгарија) или кога настојувале да ги зауздаат од идеолошки (како што е случајот со Советскиот сојуз) или од чисто воени причини (Франција во однос на Германија помеѓу двете светски војни). Во другите случаи, поддршката изостанувала, а земјите служеле за поткусурување на големите сили во Версај или на Јалта. Меѓутоа, тоа не ги попречувало елитите во уверувањето дека тие се браникот на „Западната цивилизација“. Во зависност од околностите, ја бранеле (или „бранеле“) од комунизмот, рускиот азијатизам, турските Османлии или од кој било друг за кого националистичката интелигенција мислела дека е културно помалку напреден од нив и нивната сопствена нација.

Комунистичкиот режим кој во многу земји пристигна со советската армија, го принуди национализмот да премине во илегала. Изразувањето на национализмот веќе не се толериралше, но тој сè уште постоеше. Како што попушташе комунистичкиот притисок, а неговиот економски неуспех стануваше поочигледен, подземните текови на национализмот прераснаа во движење. Движењето уништи сè пред себе во револуциите помеѓу 1989-та и 1990-та година. Самите учесници но и западните елити овие револуции ги толкуваа како што сакаа, како револуција на либерализмот. Реално, тоа беа револуции на национализмот и самоопределувањето насочени против империјалните сили од Советскиот сојуз (поистоветен со Русија). Откако овие револуции одеднаш добија широка поддршка, лесно беше да се прогласат за револуции на демократијата, а не на национализмот. Тоа беше особено лесно во земјите без етнички малцинства или „други“. Но таму каде тоа не беше случај, следуваше насилен конфликт: распадот на Југославија и Советскиот сојуз. Актуелното и најкрваво поглавје сега се пишува во војната помеѓу двете најважни држави наследнички на СССР, од кој се стравувало уште во времето на Бледскиот договор, но сите се надевале дека таквиот конфликт некако ќе се избегне.

Источноевропските национализми себеси секогаш се дефинираат како „еманципаторски“ и „либерални“ кога се соочени со поголема сила, додека, кога ќе дојдат на власт, се однесуваат империјално во однос на оние кои се послаби или помалубројни, репродуцирајќи ги истите особини кои ги оспорувале кај другите.

Секако, национализмот го следи парохијализмот. Кога источноевропскиот национализам се појави во својата модерна верзија, го интересираше само европскиот однос на силите, зашто (западна) Европа тогаш доминираше со светот и ги пишуваше правилата. За време на комунистичкиот период, таквиот интерес и почитувањето се проширија од западна Европа кон САД. САД секогаш им биле попривлечни на источноевроспките национализми од евроспките сили, зашто се пооддалечени и историски немале никаков посебен интерес ниту претензии за источна Европа. За Американците источна Европа постоела само како извор на евтина имигрантска работна сила. Така, благодарение на својата историска незаинтересираност, економската и политичката тежина, како и антагонистичката улога во однос на Советскиот сојуз, САД станаа идеален сојузник.

Тоа одеше рака под рака со игнорирањето на остатокот од светот. За источноевропските интелектуални сили, деколонизацијата, војната во Виетнам, рушењето на иранскиот премиер Мосадек и чилеанскиот претседател Аљенде, Мао и подемот на Кина, неврзаноста на Индија, Г77, азиско-африканската конференција во Бандунг - не постоеја. Последниве триесетина година нивото на незаинтересираност за околу две третини од светот, а на моменти и ароганцијата, се зголеми заради членството во Европската унија што на елитите, отсекогаш оптоварени со комплексот на инфериорност, им даваше чувство дека најпосле му припаѓаат на Западот. Како во карикатура на која остатокот од светот, посматран од Мехнетен, изгледа микроскопски мал, за источноевропските интелектуални елити светот постои само северозападно од местото на кои тие се наоѓаат сосема случајно.

Ваквиот специфичен образец на размислување го отвора веројатно нерешливиот проблем за руската интелектуална елита. Благодарение на својот антикомунизам, и покрај империјалното потекло, таа споделува многу одлики со источноевропските елити. Но бидејќи се позиционирани антируски, не можат да коегзистираат во хармонија. Руската прозападна елита се наоѓа на ничија земја. Не наоѓа симпатии кај источноевропските елити, но ни кај западните елити зашто тие ја поддржуваат источна Европа. Бидејќи национализмот и омразата кон другиот се главни компоненти на погледот на свет на источноевропските елити, единствениот начин руската либерална елита да биде прифатена како „западна“ лежи во омразата кон некој поисточен.

Така руските елити станаа интелектуално изолирани (и во смисла на симпатиите). Можат да ги повторуваат општите позиции на либерализмот, но никој не им верува. Или можат, како што изгледа дека прават многумина, да се вратат кон империјализмот и да измислат фикција за евроазијатизмот која им дава посебно место во светот во кој не им е потребно одобрување од западноевропските и источноевропските елити. Исходот е ужасен во двата случаи.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Adam Frint

Извор: https://branko2f7.substack.com/

ОкоБоли главаВицФото