Жизел Пелико: Симбол на отпорот на сексуално насилство во Франција

27.09.2024 13:46
Жизел Пелико: Симбол на отпорот на сексуално насилство во Франција

Жизел Пелико

Речиси секој ден од 2-ри септември, Жизел Пелико (72) се наоѓа во средиштето на судењето на кое 51 маж е обвинет за нејзино силување, меѓу нив е и човекот за кој била мажена 50 години.

„Судењето на векот“, како што го нарекуваат многумина, одекна низ целата земја и ги натера луѓето да излезат на улиците. За многумина, Жизел Пелико стана симбол на борбата против сексуалното насилство. Стотици луѓе, главно жени, се собраа во градовите ширум земјата за да ѝ пружат поддршка.

Центар на случајот е Французинот Доминик Пелико, обвинет дека ја дрогирал својата жена Жизел и наведувал десетици мажи да ја силуваат цела деценија.

Тој ги призна бројните обвиненија со кои се соочува, пренесуваат француските медиуми.

„Целосно ги признавам обвиненијата“, рече Пелико (71), а пренесува БФМ ТВ, чиј репортер беше присутен во судницата, додавајќи: „Јас сум силувач како и сите останати во просторијава“.

Обвинителите наведоа дека Пелико на мажите им нудел секс со неговата поранешна сопруга на веб страница, како и дека го снимал злоставувањето. Покрај него, на суд се уште 50 мажи обвинети за учество во силувањата.

Поранешната сопруга на Пелико, Жизел, инсистираше на јавно судење за да се разоткријат тој и другите мажи обвинети за нејзиното силување.

Доминик Пелико

Молеше за прошка

„Ја молам сопругата, своите деца, внуците да го прифатат моето извинување. Жал ми е за она што го направив. Ве молам за прошка, иако ова е непростливо“, рече тој.

Пелико се соочува со обвиненија кои вклучуваат силување, групно силување и разни повреди на приватноста со снимање и ширење фотографии.

Лошото здравје на Пелико беше причината заради која судиите го одложуваа неговото сослушување. Неговиот адвокат претходно пренесе дека Пелико сака да го искористи сослушувањето и да му се извини на своето семејство.

Во судницата рече дека имал тешко детство и дека и самиот бил жртва на силување. Повремено плачел, пренесуваат француските медиуми.

Жизел Пелико беше во судницата за време на неговото обраќање. Таа зборуваше и пред судот, а меѓу другото рече: „Тешко е да се слушне од устата на господинот Пелико она што го кажа“.

Жизел се откажа од правото на анонимност

На судењето, кое е планирано да трае до декември, досега се слушнаа сведоштва на адвокати, полицајци, психијатри и уште една жена чиј маж ја дрогирал и силувал по упатствата што ги добил од Доминик.

Ќерката на Пелико, Каролина, која верува дека татко ѝ ја злоставувал додека била без свест, исто така излезе да сведочи на клупата за сведоци. Доминик Пелико негира дека ја злоставувал ќерка си.

Непријатните детали за минатото, психата и наводните злосторства на обвинетите го исполнија етерот, порталите и социјалните мрежи. Овој вид пристап е овозможен дури откако Жизел се откажала од правото на анонимност.

Во случај со ваква важност тоа била необична одлука, особено кога се има предвид дека илјадници снимки од наводните силувања кои ги сторил Доминик Пелико ќе бидат прикажани во судот. Единственото барање на Жизел било на нејзините деца да им биде дозволено да ја напуштат седницата кога ќе се случи тоа.

Нејзиниот адвокатски тим тврди дека отворањето на судењето ќе го префрли „срамот“ назад кон обвинетите.

Страницата имала 500 000 посетители месечно

Она што шокираше многумина во Франција е бројот на мажи вмешани во случајот. Полицијата успеа да идентификува само 50 осомничени, од 83 колку што се појавуваат на снимките на Доминик Пелико. Нивата старост варира од 26 до 68 години и потекнуваат од сите сфери на животот - пожарникари, фармацевти, работници и новинари. Многумина од нив се татковци и сопрузи.

Од преостанатите обвинети мажи, 15 го признаваат силувањето, но сите останати прифаќаат дека само учествувале во сексуалните чинови.

„Она што уште повеќе ме шокираше е што толку многу мажи можеле да го направат тоа - повеќе од 50 'нормални' мажи, од кои сите живееле во близина. Пелико дури не ни морал да бара премногу далеку. Тоа ме плаши навистина, зашто е рефлексија на целото општество. Тоа не е норма, но сепак се премногу“, вели Каролина, 43 годишна докторка од Париз.

Доминик Пелико ги повикал мажите да имаат секс со неговата жена „без нејзино знаење“ во објавата на интернет страницата Coco.gg, која е отстранета дури минатиот јуни.

Минатата година страницата имала 500 000 посетители месечно.

„Не знаеле“

Одбраната на многу обвинети се заснова на премисата дека „не знаеле“ дека ја силуваат Жизел - со други зборови, мислеле дека имаат заемно доброволен сексуален однос со неа.

Сумирајќи ја оваа линија на одбраната, Гијо Де Палма, адвокат на шестмината обвинети, предизвика масовно гадење кога изјави дека „силувањето не е секогаш силување“ и кога тврдеше дека „без намера да се изврши силувањето, нема силување“.

Во француското право силувањето е сексуална пенетрација овозможена со врзување, насилство или изненадување - а од адвокатите на Жизел Пелико се очекува да докажат дека „изненадувањето“ го покрива дрогираната или несвесна жена.

Но овие коментари предизвикаа гадење и запрепастување во судницата и надвор од неа.

Ќерката на Жизел, Каролина, излета од судењето изјавувајќи: „Се срамам од правосудниот систем“, додека претседателот на судот го прекина судењето заради расположение кое новинарите го опишаа како „екстремно напнато“.

Другите адвокати наводно се оградија од коментарите на Де Палма.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://vreme.com/