Кратки раскази, последен преглед 1-7 март

07.03.2011 10:59
Krатки раскази, последен преглед 1-7 март

Ги известуваме читателите на Окно, како и учесниците на конкурсот за краток расказ дека заклучно со денешниот преглед на пристигнатите раскази конкурсот официјално завршува.

Победниците од втората половина на конкурсот ќе бидат објавени по една недела.

Зоран Груески

Исповед

Тукушто излезен од издржување на дваесетгодишна казна затвор, четириесет годишен маж , седи на шанкот во празен бар и го слуша шанкерот како му се доверува. ‘’Знаеш, тука на шанкот, по толку поминати години се чувствувам се` поосамено, иако постојано ги гледам, ги слушам, а понекогаш дури и зборувам со луѓето околу мене. Срам ми е да кажам, но единствената забава во последно време ми се сопствените забелешки што си кажувам за нивните недостатоци, нивниот очај и срам којшто тука пред мене го покажуваат и лагите коишто ги голтаат секоја вечер само за да не останат сами навечер. Знаеш, се чувствувам како да живеам во некој затвор којшто самиот си го ѕидам, но во којшто затвор понекогаш се чувствувам навистина удобно.”
“Ве лажам. Срам ми е да кажам. Но понекогаш, само сакам да измислувам”.

Инспирација

Триесет и четири згужвани парчиња хартија. Триесет и четири пати го наслушнуваше сопствениот глас како му советува дека сепак нешто не е во ред со таквиот почеток. Триесет и четири порази пред да почне. Се надеваше дека ќе престане да се преиспитува пред секој обид да ја состави оваа самоубиствена порака.
“Каков пораз. Каков срам.” помисли, додека се обидуваше да стави нов лист хартија.
Му текна!!!
“Ќе нацртам нешто. Нешто што ќе им покаже на луѓето колку беше мизерен мојот живот. Колку обидот да се промени оваа состојба во која се наоѓам, никогаш нема да промени ништо и ќе биде безначаен. Но што да нацртам? Превртена стрела? Глупости, па јас никогаш не сум бил горе за да тонам или воопшто да паѓам. Ќе нацртам дрво, а наоколу ништо. Не. Тогаш ќе ми се смеат. Ќе ме сожалуваат. Ќе цртам без никаков посебен правец. Безмилосно ќе го исцртам целиот лист до последното парче белина.” Почна да се смее. Почна силно да се смее. Од смеењето му се сврте. Се созема, отиде и се напи чаша вода, седна, го вклучи телевизорот и по дваесетина минути заспа.

Празна кутија

Немаше повеќе цигари во кутијата. Немаше трпение и нерви да се бутка меѓу луѓето за да излезе и да си купи нова кутија. Никогаш порано му се немаше ова случено.
Никој тоа не го забележуваше. Никој таму, всушност и не го познаваше.
Нема повеќе што да се каже за ова.

Грев

Одеднаш, додека таа плачеше и се обидуваше да му го објасни нејзиниот грев, тој забележа дека во нејзините солзи има нешто демонско што го искушуваше, но и незапирливо го возбудуваше. Се обидуваше да се соземе. Се обидуваше да ја сослуша за да и каже некаков збор за утеха. Сепак, не можеше да престане да ги гледа нејзините размачкани очи и да се задлабочува во нивниот сјај.
Откако ја испрати, отиде дома. Не можеше да се врати на работа.
Следниот ден, сосема случајно ја сретна во продавницата за чорапи. Беше добро расположена. Таа тоа, ниту можеше, ниту сакаше да го сокрие. Му се насмеа, го поздрави и замина.
Ги плати чорапите, излезе и помисли: “Тие чорапи воопшто нема да и’ одговараат на бојата на нејзините очи”.

Надица Тренчева

Ссссссс.....

Читај како што пишува. А убаво пишува на македонски. А си е а, и никако повеќе. Б си е б, а ш си е пак ш. Ако нè натераат да спелуваме, а ќе биде еи, б – би, а ш ? Ако нè принудат да степуваме, дури тогаш ќе го почуствуваме тешкото. Јас би предложила да стартуваме, потоа да споделуваме и бол и бес. Па што биде нека биде. Подобро “О, Тешкото” , отколку “ О, Сузана”. Нека ми простат сите македонски Сузани, ова не се однесува на нив.
Кога сме веќе кај буквата С, би продолжила со едно рударско “Среќно”. Којзнае, можеби еден ден и нам ќе ни се осмајли. Со Swotch или Swarovski, сеедно. Само да е светло, сè можно, срцепарателно и сл.
Среќата со пари не се купува. Кога сме кај парите, една кинеска поговорка вели: Ако имаш пари, можеш да купиш куќа, но не и мирот во неа. Сите сакаме да бидеме софицисти, ни недостига единствено softwаre. Велат, бил суфицитен, та затоа имаме одлив на мозоци. Друга кинеска поговорка вели: ако имаш пари, можеш да купиш часовник, но не и време. А времето си тече, започна последното соронување... Сонуваме...Степ по степ.

Удар

Рекоа...
Дека извршил државен удар во литературата. Дека со еден удар создал две песни. Дека бил под удар на книжевна критика. Дека удрен од печатот, пожолтел. Дека удирајќи по зборовите, се прославил. Дека имитирајќи воен удар, предизвикал бунт кај буквите. Дека со кратки удари ги разделил слоговите. Дека заслужено се нашол на ударни вести. Дека под дејство на мисловен удар, го создал своето најдобро дело. Дека апстрахирајќи ги емоциите, избегнал срцев удар. Дека со перото ударил на погрешна врата. Дека од сопствениот удар, конечно се освестил...

Филмска стори

Не е сè така превртено како што изгледа. Тоа се само нашите сенки пред дождот. Ноќта е волчја, а денот силно светнал. Те молам, исправи се Делфина, а ти Фросина, залудно го бараш црвениот коњ. Црното семе одамна е засеано.
Се наметна време на летала, а мртовците ги оставив за викенд. До кога ќе се прашувам кој прв почна? Можеби Мис Стон? Не, никако, тоа беше сомнително лице.
Она што го започнаа солунските атентатори, продолжи и во битката на Неретва. Но, тоа е веќе друг филм. Нешто повеќе, во некоја наредна епизода. А дотогаш, филмската лента нека ја гризат бубачки.
И за крај, не труди се да пронајдеш нешто, зарем не гледаш дека постои дупло дно! Не кревај непотребно прашина, кога сè е хај фај!!!
Од далечината се слушна истрел. Јас не сум од Велес и не убив светец, затоа нема да направм тетовирање на десната рака.

Ана Кнежевиќ

Немилосрдно чудовиште

Тој ги заклучува сите мои мисли во далечни одаи. Клучевите ги чува цврсто врзани на својот појас до кој не можам да посегнам, колку високо и да ги подадам рацете. А одаите се далечни, илјадници вртени крцкави скалила, темни и сиви, без светлина, ретко населени, единствено со пајажина.
Затворени во овие самици, секоја моја мисла тој ја втурнува да лежи на студениот и влажен под на овие одаи без прозори, некогаш бојадисани со некоја боја, која што станала неопределена, но претставува основа врз која се напластуваат телата и искинатите облеки на моите прегладнети мисли кои согоруваат пред неговиот суров режим. А оние ретките кои ќе преживеат, тој обожува да ги вади пред мене и да ги расоблекува, партал по партал, пред моите солзливи очи сè додека не стигне до нивната гола, кревка и наежена кожа. Тогаш ова чудовиште со суров изглед, потемнети и челично сиви очи, ја отвора својата огромна уста со црвени рабови и немилосрдно, сосем мирно и обично, ги голта моите единствени мисли.
- Кој? Кој е тој? Кој е виновникот за изворно-горчливиот, бликнато-трагичниот и чисто патетичниот кус живот на моите мисли? На моите бели, нежни, блескави надежи? Кој?
Градот. Мојот град. Скопје.

Сликарот

Небото е најголемиот уметник на сите времиња. Тој секој ден слика молскавично, жедно зграпчувајќи го секој миг, со вчудовидувачка енергија се нафрла на своите платна. Со невидена чистотија и благородност, понесен од својот немирен дух, постојано менува нешто на своите слики.
Не му треба аплауз, не му требаат пари, доволно му се само искрените насмевки на нас обичните смртници кои во неговите бескрајни платна ќе пронајдеме некоја форма на ист начин замислена во нашата свест. Затоа кога ми треба религија, кога ми треба надеж, одам и го гледам небото...

Љупчо Д.

Мазна Лизна

Се викам Сања, а не знам како да сонувам будна, парчиња од душава наоѓам во крикот на секое палаво детуле. И јас еднаш одамна бев такво детуле, прчла со мило лице! Сега на себе носам фасада од брендирани шминки, имам немирна фантазија за бурни мигови, во подзнак сум порочна лавица, досадата е само состојба на умот, кога го боли глава!
Кога дојдов да студирам во велеградот, светлата ми ги парализираа дишните органи, секој прошетка низ трговските центри беше оргазмичен транс од милиони насмеани бомбони, од тогаш поминаа шест години а јас почнав да добивам напади на клаустрофобија.
Спијам под кирија, во соба 6 на 4, се работи за подрумска просторија која претходно била користена како фризерница. Низ плафонот ми поминуваат цевките за одводот од спратот над мене.Звукот кој се произведува во нив, ќе ве натера да ги замразите сите фонтани и водопади во вселенава.
Строго детерминирани се моите потреби, свесна сум дека слободната волја е само мит. Сакам да се омажам за некој богат и по можност, за нијанса помалку интелигентен од мене. Битен услов е да нема семејна историја на неизлечиви болести!
Очекувам од секого по нешто, и секогаш умирам поради сопствените очекувања!

Билјана Петрушевска

Животно богатство

Денес: ЧУЈТЕ ПОЧУЈТЕ! Богатството го најдов! Трезорот на кралот. Златото на пиратите. Зборот на еден џентлмен.

Гледам, многу сте се збрале. Дојдовте да ме видите. Колку фино од вас. Дали би сакале кафе, госпоѓо?! Господине, што велите за пура? А ти, девојченце, сакаш нова шнола?

Денес сите одиме во кафеана, на моја сметка пијачки. Сите ме сакаат а јас сум велик!! Утре одиме во рингишпил, повелете сите јаболка со карамела. Ајде зберете се околу сендвичара. Јас честам ручек.

Задутре: ЧУЈТЕ ПОЧУЈТЕ! Богатството го потрошив! Сонот на питачот е готов! Кралот е мртов. А џентлеменот испадна крадец.

Здраво пријатели мои, ми треба ваша помош. Госпоѓо, може ли малку лепче? Господине, една паричка за сирот ја? Девојченце, те молам за малку вода!

Еј... дали некој ме слуша?! Не гледам никој. Но мене ме сакаат сите, нели? И повторно тргнувам во потрага по злато, за мојот живот да е богат.

А. Јовановска

Денешната работа не оставај ја за утре

Таа погледна кон часовникот. Времето минуваше. Не успеа да му го каже она кое го чувствуваше. Нејзините зборови останаа само за неа. Никогаш не излегоа надвор. А времето и натаму минуваше. Таа тоа совршено го знаеше. Знаеше дека можеби и нема да го дочека утрешниот ден. Но и понатаму молчеше. А времето и натаму минуваше...

Вилинско коњче

Во живо

Татко ми и мајка ми многу сакаат да гледаат контактни емисии. На татко ми најомилени му се политичките емисии. Водителот ги воведува гледачите во темата и почнува да ги провоцира гостите од политичките партии да се изјаснат за своите спротиставени ставови.

Мајка ми, пак, ги сака емисиите со готвење. Но, и таа понекогаш гледа политички емисии.

Многу често од љубопитство телевизија гледам и јас. Упорно се ѕверам во телевизорот без многу да разберам за што се зборува.

Еднаш навечер, како што впрочем се случува многу често, го вклучив телевизорот и на екранот се појавија три постари лица. Седеа еден покрај друг на маса во форма на триаголник. Како и секогаш почнаа да зборуваат за нешто неразбирливо. Зборуваа и зборуваа, а јас гледав задлабочено како да сум експерт по областа...

И туку одеднаш, лицето во средината се струполи со цела тежина врз масата. Главата силно му удри врз тврдата маса. Другите две лица потстанаа за да видат што му е. Уште позаинтересирано зјапав во телевизорот. Настапија пречки. Одеднаш, исчезна студиото од екранот.

Утредента татко ми купи весник и прочита на глас: - Сред емисија од срцев удар почина едно лице. Во живо.

Анестезија

гореж

јас. дизајнирана сум за брзи паразитски пресметки. многу ми е јасно кој како мириса, а и сите го знаат својот дофат, а малку својот потфат.
неколкумина се, суви се. толку се суви што паѓаат на промаја кога некој им зборува и цинично им се смее, тогаш очајно бараат давеж во најблиската вода . кој ли ќе се засркне од своите солзи овојпат?
се отворив на безброј делови, продавам по еден на секој. уствари слободно ќе ги оставам пред врата, наминете, каснете . и музички желби примам, освен ако неможам да исполнам, а зашто сум нели семоќна, побарај, ќе да можам . давам и бесплатно совети или денови, бирај што повеќе ти одговара . само немој да кажеш не сум кажала . имам и слободни попладниња, ноќи, слободни и раце и нозе и уши. може само да ми ги оставите утрата? барем на саат. тука сум и кога ќе е уморно и се ќе е мрсно, кога можеби ќе сакате да сменам клима, време, година? ќе бидам и мајка и сестра, и другарка и женска, дечко по потреба. немора ни да спијам, а и кој ме лажел дека и витамините се добри за здравјето. цифри,толку е лесно.

јасно е и кога се збори за сите,
јасно е и кога не се збори за сите .
јасно е помалку кога се ќути, ама ПАК е јасно.нема потреба од ниеден збор

срж

спарна, рана зима. последниве две недели дува јужен ветер, ме фаќа сафра. овојпат спакував куфер, и чекам на една празна станица. едната рака ми се тресе, мраз, ме чеша. ме чеша и совеста и неизмиената коса. се препотив во капутот, не би го соблекла сепак.мириса на социјализам, на дома. лошо ми е и гадно, ми се гади од себе. главата ми тежи премногу, ја натоварив. темпирана бомба e, со многу испреплетени жици во сите бои. пече секоја секунда помислена, нека запре времево! веројатно поминаа дваесетина минути, уште нема превоз. не грч. ја масирам ногата со сета сила, не осеќам ништо. ми излезе модрица. што ми е? СЕ МИ Е!
жешко е. сè би дала за дожд сега,тука ли, или позади во бавчата.нека ме пресече. можеби и помина пладнето, ме болеа нозете. сè уште жалев за сè што не реков. а тој глас ми вриштеше ѕвонливо.
глуп. не, не глуп, бавен. секогаш со тенденција кон правилниот атрибут. сега и ми се зголеми уморот. облаците се сменија, црни и полни тежеа. можеби и ќе заврнеше по две недели, можеби ќе дојде некој вид на превоз, некој човек. јас само би дремнал, само малку би. сам во радиус од неколку километри.
у осталом, цела ноќ е пред мене. а неа би ја дружел.

за тие маалски муабети

денес веќе ги нема. тука се, а ги нема.
седам зад касата со вчерашен весник и сè уште неможам да го дочитам. ги сменија масите со тркалезни, шишињата со стаклени, зборовите со мимики, а насмевките со остри кучешки заби. сите остареа, станаа црни; децата неми џвакаа сув тутун и плукаа семки, наслонети на новите тврди столици од бадем и зборуваа за плантажи со сончогледи и диви јагоди.
седам и весникот не го дочитувам. се заглавив на вчера, и не го поместувам погледот од колумната со наслов 'а што сега?' од еден локален пијаница кој и не често греши.
само слушам како смеата ја снемува и нервозно буричкам во фиоката со ножеви, барајќи...

ЛИЛИ

Чаршија

И јас сакам да сум дел од уметничката авангарда на Скопје. По десет години се вратив, Париз и Берлин ме прифатија со широки раце. Пишував, учев, патував, водев љубов. Толку беше едноставно да пораснам, да дознаам што ми се допаѓа, да експериментирам. Не бев носталгична. Наеднаш тука сум (се случи). Се правам дека сè е во ред, дека ништо не ме допира, дека се прилагодувам. Вистината е поинаква. Подобра сум од повеќето што ме опкружуваат. За пријатели ги одбирам младите надежни поети. Сексуално не припаѓам во кругот ама длабоко ги почитувам. Но, не се почитувам себеси... глумам уметник во хомосексуална средина за да добијам некое бедно признание кое некаде го имав и го изгубив. Глумам девојка која не е заинтересирана за површни физички моменти а сè што сакам е еден од моите уметници да ме допре, да ми каже колку ме посакува... или барем да посвети еден ред за мене. Коста вечерва ми пријде, се насмевна, ме фати за рака и рече: Филип е прекрасен вечерва.

Словенска

Решив ќе одам со велосипед на работа. Тоа се 5 километри. Тргнувам со таква сила, елан, светот е мој. Сè е зелено и прекрасно - наеднаш чкрипат гумите на една кола. Застанувам: плаче дете. Го прегрнувам. Гледам крв околу мене, нема тело. Го стискам силно, толку силно што не го оставам да се сврти.
- Како се викаш злато?
- Елвис!
- Елвис, сакаш ли 10 денари?

4-ка

Чекам автобус. Немав пари и морав да отидам на работа со автобус. Чекам. Гледам 22-ка и ја пропуштам, позади неа има нов автобус. Решив да ја пробам новата 4-ка. Едвај влегов, полна, веројатно и други сакале да ја пробаат. И наеднаш мизерија. Старите, искористени, валкани убавици беа сведоци на болест, на тага, на прва љубов, на комунизам, на револуција, на повраќање, на првите рапери... Новите нашминкани преправени дами само ја кријат мизеријата на нашето општество. Се гушам - по две станици, слегувам. И јас ли сум дел од оваа мизерија?

Во трафика

- Здраво, вечер сум на забава, другарка ми се мажи. Сакав да купам поклон ама немав време. Имате нешто откачено? (помислувам во отуство на сексуала играчка, гелови и прстенчиња ќе завршат работа).
- Здраво, а што точно барате? (малава е топ, а плус и не и’ е срам да купува кондоми, може ќе имам среќа вечерва)
- Па, немој сега да ме зацрвенувате, знаете што може да барам. (Се правам социјално адекватна иако ми се гади од него, на челото му се гледа дека не знае за што служат тие работи.)
- Сакаш кондоми? (...одбивам да ги опишам неговите мисли.)
- Дајте ми кондоми и гел! И ве молам, не ме гледајте така, ме плашите по малку. (не ме плаши, ми се гади од него, петле од 20-тина години, што не сакам ни да помислам што ќе прави од кога јас ќе излезам од трафиката.)

На балкон

Погледот ме води дирекно кон тебе. Стоиш и полека ја догоруваш и втората цигара. Облечен во црно, како и секогаш, со црна коса и брада, од другата страна на улицата а сепак можам да ги видам твоите зелени очи. Си се вратил.

Павлески Тони

Лето

Разголени, младите девојки ја започнаа играта во водата, не забележувајќи го моето присуство. Со бујна страст влегоа во своите фантазии и на танцот се препуштија. - Гас и гас и гас! - велеше едната. - Полни каци маст! - продолжуваше другата. – Ха-ха-ха, хи-хи-хи! - се разнесуваше екот во широчината. - Пич и пич и пич, на селаните ич! - громогласно повторуваа двете. – Ха-ха-ха, хи-хи-хи! - не се воздржав и јас. Беше августовска жега. Птиците весело пееја и го собираа останатото од летнината. Милина во полето, во воздухот, во реката. На брегот ехо од помешано смеење, миг на препуштање на мајката природа и една заборавена долна облека.

Натпревар

Судијата само што праша и двајцата капитени во еден глас веќе рекоа. - Подготвени сме! - и натпреварот започна. Двете селски фудбалски екипи беа лути противници и секое нивно соочување беше проследено со многу публика. Средбите беа ризични и поминуваа со расправии и груби стартови по теренот. Тоа и сега се случи. После еден таков старт, капитенот од гостинската екипа си ги повлече играчите.Останаа залудни обидите на делегатот да продолжи играта, оти ќе има казни.Судијата после половина час чекање, отсвири крај. Победи домаќинот со службен резултат. Навивачите од двете екипи, иако скапо ги платија влезниците ,и овојпат останаа изиграни.

!g[]r

Од перспективата на лудакот

Пукна во мене, се скрши. Ѕвонежот ми одекнуваше длабоко во мислите, парајќи го умот на пола. Сакав да си ја скршам главата, да ја распарчам за да може да излезе и да не ме измачува повеќе. Ах, тој звук. Ме прогонуваше во сонот и ме тераше длабоко во ноќта да се будам со вресок, кинејќи си ја облеката. Мавав по ѕидови се додека рацете не прокрвавија...
Имав желба да зборувам со некого, непрекинато со денови. Но сите тие беа глупави, дури и најпаметните. Секогаш грешеа на работи за кои и самите велеа дека е плитко и малодушно да се згрешат. Проклетство, нема никогаш да научат нема никогаш да се поправат. А јас и натаму ќе ја носам лудачката кошула, гниејќи од болка и жал.

Марија Христова

Фотографија

Сара научи да плива кога имаше пет години, во Претор. Знаеше да исплива само во пет замави кон брегот и по петтото зафрлање со рацете спасоносно да се дофати до каменчињата од плиткото. За да го овековечи тој значаен настан во нејзиниот живот, важен речиси како и проодувањето, татко и’ го зеде апаратот. На фотографијата Сара нè гледа право во очи. Но, напорот да се додржи на површината на водата и да го задржи погледот вперен во објективот, се гледа во капката плунка на нејзината брада. Веројатно и поради тоа фотографијата доживеала седум копии.

Сонце со заби

Студено есенско утро во градинката „8-ми март“ во Кисела вода. Во широка просторија, на ниски квадратни масички (стандарден дизајн со бела горна површина) наредени во форма на буквата П, се испоседнати триесетина мали човечиња од по пет и шест години.
- Некогаш кажуваме нешто, а мислиме на нешто друго – воспитувачката (бела коса во форма на триаголник, розеникав, но темен тен) се обидува да ги воведе малите во светот на преносните значења – како на пример, сонце со заби.
Човечињата збунето ја гледаат.
- Дали сонцето има заби? Што кажуваме со тоа? Можете ли да наброите примери? – упорна е воспитувачката.
Штама. Веројатно обесхрабрена или несигурна во својата педагошка техника, им вели да нацртаат што мислат на темата. Малите ги отвораат блокчињата и почнуваат да цртаат. Едно девојче црта сонце со заби, облаци со заби, можеби, и кров со заби... забите се како запчаници.
Цртежот, по некое време, завршува во подрум меѓу старите тетратки и книги. Едно топло попладне, враќајќи се од факултет, пораснатото девојче случајно се потсетува на оваа случка за метафората. Си ветува да го најде цртежот. Не успева. Можеби сето тоа го измислила. Или пак цртежот е изеден од некои други заби.

Маја Мојсова

Судено им било

Од срам никогаш не ја погледна онака како што таа сакаше да ја забележи. Копнееше по неа, но не сакаше да и’ каже, плашејќи се дека ќе биде одбиен. Таа мислеше дека тој ја презира.
Помина време...
Помина уште време...
Старицата ги гледаше своите внуци додека си играа во паркот. Помина еден отмен старец. Од погледот фрлен кон старицата, почувствува како силно го стегна во градите.
Таа вечер старицата имаше фатален срцев удар. И старецот исто така. Помина не така долго време...
Двете дрвца ги пробиваа своите коренчиња низ многуте ковчези и подземни човечки живеалишта. Се допреа нежно кога се сретнаа и се заплеткаа толку силно.
Судено им било...

Пердув

Еден пердув случајно долета на неговата дланка. Немарно го згмечи и го фрли на земја.
“Човек не може да ме скрши.“ – рече пердувот и вовлекувајќи го стомачето, се обиде да стане полесен за да може ветерот да го одвее повторно.
По долго лутање падна на нејзината ракавица. Познавајќи се себе си и својата болна педантност, не ни помислуваше да го допре пердувот со гола рака. Го дувна... Една гладна мачка се обиде да го изеде зашто ја потсети дека три месеци беше на риби, а апстинираше од птици. Но не и’ се допадна вкусот и го исплука. Се залепи неколку пати на ѓонот на чевлите на луѓето кои минуваа по улицата. Го натопија неколку капки дожд и повторно го одвеа ветар.
Високо момче со блед тен и сини очи се наведна и го зеде пердувот. Го закопа силно во мускулот на своето рамо.
... Ангелите кога шетаат по земја никој не ги гледа.

Човек со многу бои

Не беше обичен човек, туку имаше карактеристики на човек-ѕвер. Ѕверското во него не беше физичкиот изглед, ниту нагоните кои им ги припишуваат на најдобрите љубовници.
Како и да е, неговата енергија и концентрација ја одземаа зборовите кои ги искажуваа луѓето околу него.
Ги собра најцврстите вреќи кои можеше да ги најде. Почна да патува по светот и да собира вокали и консонанти. Луѓето онемуваа откако ќе ги погледнеше во очи. Тогаш проговоруваа за сè. Додека зборовите излегуваа од нивните усти, тој ги полнеше вреќите. Кога веќе не остана ниту еден недоречен збор во мислите на луѓето, човекот со вреќите истите ги потопи во вода.
Оттаму доаѓаат боите кои отстапуваат од спектарот на познатите бои и оние на виножитото. Тоа се оние бои кои ниту едно човечко око не може да ги регистрира. Почнаа да го нарекуваат човекот со многу бои.
Кога почувствува дека почнаа да го гонат и задушуваат и човечките амбиции и незаузданост за изобилство, ги собра сите бои и ги фрли во својот подрум. Зеде нови вреќи и почна да собира човечки глави.

Денис Апостолов

Каде си сега?

Никогаш не успеав да го запаметам твоето име. Само координатите 27°42′N 85°20′E, кадешто за прв пат ја вкусив воздишката на твоето тело.
Каде си сега? Велат дека сите луѓе и коњи на кралот не можеле да те пронајдат. Твоето тело на сите војни миротворно делувало.
Каде си сега? Велат, си живеела на место кадешто писмата не стасувале. Си направила злочин.ниту во пеколот немало соба за тебе.
Каде си сега? Велат дека сè уште си ме сонувала, како тогаш кога се сонувавме и во соништата еден покрај друг се будевме.
Никогаш не успеав да го запаметам твоето име. Само координатите 27°42′N 85°20′E, кадешто за прв пат ја вкусив воздишката на твоето тело.

Woodyfallen

Dance macabre

И јас еднаш се родив, знаете. Вдишав ден после толку време.
А, не дека не ми беше убаво таму.
Јадев, пиев, па дури понекогаш знаев и да ѕирнам низ отворчето - имаше пар луди тетки (сè уште ги паметам како изгледаа - не се забораваат лесно - кратки коси, пембе-розеви кармини и селско-заруменети образи) што одвреме-навреме зборуваа со мене.
До денеска се прашувам зошто го правеа тоа.
Јас и ретко ги перцепирав.
А и кога го правев тоа, не се мачев да им одговорам.
Впрочем, тие и никогаш не ме прашуваа ништо.
Само зборуваа, знаете.
Па, понекогаш одеа толку далеку (да, да, тие, тетките), што додека пробував да ја најдам правата положба и конечно да се опуштам (знаете, станува збор за прилично тесно и не толку удобно место), па се помрднував, тие почнуваа да викаат.
Ма, благ збор е „викаат“.
Западнуваа во чудни состојби.
Си ги кубеа и така веќе проретчените коси, скокаа горе-доле така што нивните виснати гради почнуваа да ми го попречуваат видикот, и сè што можев да видам во тој момент беа нивните лица.
Со ширум отворени усти, и необично возбудени, речиси ѓаволести очи.
Тука веќе ми стануваа досадни, па продолжував со мојата вообичаена работа - го чекав следното доаѓање на тетките и нивниот „танц на смртта“.

СП Апостол

Гавранот

Кој би се поистоветил со неговата мрачна силуета, зацарена на гранката на некое дрво, повеќе поставена кобнички отколку да биде украс во шумата. Не е ниту тој виновен за бојата на неговите крилја и нивната форма на накострешеност, кои ни го одвлекуваат погледот со страв дека ќе го имаме сето тоа под нашиот допир. Не е виновен само поради нашето неверие дека под неговата надворешност можеби се крие мало срце со огромен број удари во минута, преплашено и прегорено за малку позитивно внимание. Не сум ниту јас виновен што наликувам на него и неговата присутност од која се очекуваат само црни новости. Не ми е виновен ниту Бог, Кој ме повикува со сите свои копнежи да Го донесам во моето срце за да ја предизвикам насмевката поради која можеби и ќе ме прифатат. Виновен е тој, Гавранот, кој ме воодушевува со неговата единственост да се биде најмрачен од сите, да се има своја судбина која во прераскажување ќе измами гнасење и сожалување, но само како површинска анализа на еден обичен смртник, кој никогаш нема да дознае за стравот кој можеби со страв се победува.

Неверни копии

Не бев воопшто задоволен од животот кој го нарекував свое будење, општење со светот и враќање во креветот со уште понеисполнети очекувања. Одлучив да се ископирам во некого, притоа искористувајќи ги нивните судбински патишта во мојата конструкција подготвена да се асимилира заради подобра иднина.
Пронајдов богат и неговата лекција за стекнувањето на материјалноста која требаше да ми овозможи мед и млеко под моите нозе. Бев крајно депресивен од загризот во мирисот на парите и нивната непостојана природа да бидат сечии.
Гордиот сам ми излезе на патот и не се срамеше да ме убедува за високо подигнатата глава која умее да надвишува и потценува. Ме иритираше самата помисла да се биде во облаците и да не се почувствува сопственото скапување кое почнува од петиците.
Лажливецот беше приказна за себе. Сакаше да ми ја наметне и мене, не предизвикувајќи сомневање во розовиот епилог. Не посакував такво завршување па макар и никогаш да не бидам награден со носот на Пинокио.
Не бев воопшто задоволен од животот во кој одлучив да се ископирам во некого. Затоа го зедов крстот свој и тргнав по Него кон местото во кое немаше ноќ и потреба од светило, бидејќи Господ Бог Го осветлуваше.

Странецот

Секој се познава себе си барем по малку, барем во онаа навика дека има потреба од мокрење неколку пати на ден. Останатото претпоставувам дека е енигма, од оној тип кога помислуваш дека нешто знаеш, додека всушност тоа било сосема погрешен правец. Односот помеѓу нив беше сосема јасен, бев како птица преселница помеѓу дојденци од месечина. Зборувавме на ист јазик, дури и дијалектот ни се поклопуваше, но Мерсо во мене не беше животно заинтересиран за нивните размисли дека белата боја има можеби и некои сиви нијанси. Тој погледнуваше над нивните глави во хоризонтот од каде очекуваше краток одговор за своето потекло, како да посакуваше Бог тоа лично да му го соопшти, и тоа тука пред сите овие луѓе, за истите да сфатат зошто тој наликува на отпадник. Се плашеше дека тој одговор нема да го задоволи целосно, пред се поради неговата склоност да продолжи да живее во својата куќичка со затемнети прозорци, каде се чувствуваше посебен и заштитен, секако во заблуда докажувајќи си дека никој и никогаш не го посакувал.

Студена убавина

Не беше таа родена за да ја нарекувам студена убавица. И, не се охрабрував понекогаш бидејќи тоа го расипуваше нејзиното расположение. Со искри во очите, подготвени да запалат оган во неа, и се доближував со надеж дека ќе го оствариме исконскиот повик помеѓу двајца, маж и жена, заљубен и заљубена... Но, таа се повлекуваше позади своите прекрстени раце кои креираа згрчено поле на енергија и удираше со горната врз долната вилица како разголено дете насреде снежна виулица. Не помагаа ниту зборовите со сјај и поезија, напротив со нивното влијание го чувствував презирот во нејзините очи, од каде и започнуваа да се формираат мразулците. Оддалеку го гледав присуството, кое и да не сакаше ме повикуваше со нејзината навика, но исто толку ме оддалечуваше со помислите колку сум виновен. На крајот остана очекувањето на милоста од Седржителот, Кој најдобро ќе умее да докаже што се се случува во дамарите, и дали тие можат да ја вратат пролетта во неа.

Vaya Con Dios

Да одиш со Господ по патот кој те води во неизвесност, за кој не си сигурен во својата сопствена слава и мравја независност. Да одиш без да се завртиш назад со тага кон својата куќа полна со отпадоци од злато кое рѓосува и мирис на пари кои прокрвариле низ повеќе раце. Да одиш со крстот на своите рамена кој го заменил тековното бреме создадено од исфрустрирани елементи на блуд и завист по туѓото. Да одиш и да очекуваш помош која добредојдена ќе биде кога ќе задуваат студени ветришта и кога човекот ќе му биде волк на човека. Да одиш и да погледнеш во Светлината која не е заморна за очите додека го третира семето на злото во внатрешноста и го претвора во никулци ветувачи на новата генерација ангели. Да одиш и да не се запрашуваш каде, и покрај нарушената верба дека нешто ќе се случи надвор од добро замислениот план за земска рапсодија. Да одиш и да плачеш по патот за твоите падови и издигнувања, бидејќи истите не си ги решил ниту со единствен напор на твојот најмал прст, а сепак се чувствуваш како победник. Да одиш со Господ, бидејќи долу нема победници.

In Absentia

Затвореникот

Овде се наоѓаше многу, навистина многу време, А времето се мереше единствено по должината на неговата коса. Одвреме навреме го гледаше парчето униформа на стражарот кое се појавуваше пред вратата. Секогаш истото дводимензионално лево рамо со сина униформа, на некој човек без лице. Беше овде толку долго, што ја заборави причината за своето доаѓање и стана имун на потребата од храна (што одамна престанаа да му ја носат). Го преизмисли светот. Го преизмисли времето. И од ѕвер еволуира во Бог, омнипотентен до границите на неговата ќелија. Можеше со еони да ја препрочитува еволуцијата во еден дерматоглиф. Едно утро, (судејќи по жолтеникавата нијанса на светлината која правливо влегуваше низ тесниот прозорец) Затвореникот забележа една чудна неправилност на ѕидот. Се приближи, како човек кој го одмерува секој чекор пред да биде погубен и во дел од секунда удри по ѕидот. Надворешноста како отров му ја допре раката. Сфати дека ѕидот воопшто и не бил тоа! За сето време се наоѓал во коцка од хартија. Излезе, и зачекори по пределите кои се менуваа наизменично, а од каде што сивата флека на патот секогаш изгледаше еднакво оддалечена.

Чекореше толку долго, што заборави од каде дошол.

Еднаш некако сфати дека е направен од - хартија.

Матеа те лаже

Неговите боси нозе, мајка му и јас

Вчера го поминав денот у sexting. Се договоривме за вечер.
Ме буди аларм, ми се спие ама ќе одам, сакам. Нема корист од попладневни дремки. Кои гаќи да ги облечам? На оваа маица ќе се познае ако се испотам, да одам со тренеркиве или ми се големи во газот.
Такси.
Домофон.
Во влез гледам низ дупката нагоре нема искезена фаца со брада, не ме чека.
Стигам до 2-ри, поглед нагоре- боси нозе. Боси нозе на бетон, бела маица свежо пеглана и тренерки кренати над пупак. А тој во нив.
Тој: Ајде влези побрзо, го грабнува џојстикот и се џитка на троседот во дневна. Мајка присутна на двосед, седнувам до неа.
Телевизор, замрзната слика од улица.
Тој: Мамо бегај ти од тука! Остај ме!
Јас: Шо правиш?
Мајка: Си игра детето, насмевка од срам.
Се осеќам непријатно како сите мои бивши да се соберат во една соба.

И ќутам јас, а он си вози... Туку едно време, мрда колата - мрдаат и ножните прсти. Врти лево на раскрсница и му текнува: се подига на босите нозе, се поместува поблиску до телевизорот, а подалеку од мене, не го трга погледот од воланот и додека тој мрда со устата, мене сè ми се успорува, го гледам што прави и ми се слуша како да сум над бунар:
- Тии дојди гушкај меее,
а јас да ја зачувам играта.

Платон

Прва љубов

Тоа ти е - вели еден мој пријател -“кога таа прва гласно ти ќе го ти го изговори името во читална.”* Но во времето кога ја заљубив јас не посетував читални, таа не го знаеше моето име.
Денес и двајцата еден на друг гласно си ги изговараме имињата додека се отпоздравуваме на разминување: таа кон дома, јас кон читална; таа со мажот под рака, јас со книга под мишка
- еден од нас без вистинската љубов.

Како го засакав театарот

Се отвараш под пригушеното светло во храмот световен. Ликот во грч ти се прибира, телото по даските тетрави, со очите дијалог водиш. Од оросеното лице сјаеш со неподнослива светлина, а под ленената ти кошула контурите ми ја прераскажуваат минатата ноќ. Секоја твоја маска е моја соблазна; за тебе е само уште една претстава, за мене болна хамлетова дилемапомеѓу два идеала за убавина
- твојата или театарската.
(на крајот од претставата сопругата зајадливо ме прашува: „ти се допадна ли претставата?“, знаејќи дека и овојпат избрав да ја гледам актерката).

Јујо

Мојот идентитет

-Зачини-

"Оставете ги зачините на мир"-извика едно тесто , посакувајќи да биде вредно само по себе, да биде засекогаш вкусот на природната смеса, своината.
Од некаде рака се прикраде , украде грст "снежно-белено" и вешто го напудри тестеното.
Рерната го голтна во болно печење и низ дим, душа што испаруваше, го плукна укрутено, ново и крцкаво, понудено да биде вкусено, приготвено за некакви си предизвици.
Од никаде прстиња украдоа парче и во негодување го турнаа во сос.
Од секаде носе го издушка и реши мирисно да го поигра, па го удави во цимет.
Папилите одгатнаа дека не е доволно, па вметнаа шеќерни зрнца.
И светот реши да го зачини, сопнувајќи го низ времето, па прати ветре во здив на прашинка.
Нештото, веќе го беше изгубило вкусот за себе, некаде помеѓу сè останато и, при некаков си крај, само тажно, разочарано промрморе:
"Викајте ме елка, новогодишна елка."

Вртоглава

Мала дигресија

Се возевме со девојка ми и зборувавме нешто за времето кога сме биле деца. Тогаш се сетив на случкава. Ми дојдоа на гости едни пријатели со нивната четиригодишна ќерка. На масата стоеше весник, а на насловната фотографија од една стара, напуштена фабрика. Девојчето почна да раскажува како една темна ноќ, таму ја бркало едно чудовиште, големо и страшно. И бегала, бегала, ама веќе се изморила, па се свртела и почнала да пука со пиштолот во него. Баш ова и` го зборував кога се свртев кон неа да и` покажам колку интересно гестикулираше малата. Но, ме заслепе некаква силна светлина. Се сеќавам дека ги покрив очите со раката. Кога ги отворив, воздушното перниче ми беше в лице. Девојка ми ја немаше.

Насреде

Мојот стан се наоѓа на средина на зградата. Во добри односи сум со соседите, но не можам да излезам гола на тераса.

Памперс

После неколку серии водење љубов (да не речам добар секс), погледнав кон телевизорот и видов реклама за Памперс. Не сакам да алудирам на ништо, ама ми се пресекоа нозете...

Промени

На факултет одев пешки. Така и се враќав. Најчесто сакав да чекорам сама, на раат... Откако дипломирав седам дома. Ми доаѓаат пријателите на кафе. Со коли.

Револуција

Гладни, потиснати, болни... Молат за парче леб. Се влечат по улиците на мојот град како цревата во мојот стомак.

Калиа

Среќа

Ги губам убавите зборови некаде меѓу јавето и сонот. Ги губам некаде во нашите кратки средби, ги губам и не ги наоѓам. Се прашувам дали можеби ги криеш или уште полошо крадеш. Ја нема убавата, тажна поезија. Ме правиш среќна - овие мисли се задоволни и прости.
Комплексноста на секој плачлив збор е загубен заедно со осаменоста во некоја тајна, црна, најверојатно и слепа уличка. Ме правиш молчеливо среќна, ми ги крадеш речениците и времето,а потоа без трошка срам ми го исцртуваш секојдневието со твоите весели бои.
Крадец.

Креативни воздишки

Во овој, да кажеме, циклус од мојот живот јас битувам како сложена конструкција на неговите секојдневни мисли. Немам што да соопштам, ми фалат зборови и поенти, ми фали острина и содржина, а најмногу ми фали тој.
Почнувам да живеам како шарена, топла проекција на неговите кретивни воздишки.
Почнувам д априфакам и начини, и причини, и промени... и љубов.

Магла

Деновите тајно ги снемува во маглата која ги голта и лицата и во ноќта која паѓа веќе поладне. Има некоја вознемиреност која не сака да биде голтната, рацете ми се тресат, а очите ми се отворени деноноќно. Трчам некаде постојано, изгледа скришум бегам од сета измината реалност. Бегам и полека се губам и себеси во смогот.

Магла 2

Вечерва открив некоја загубена убавина во тој густ воздух. Маглата која ги изџвака часовите и исплука годините ја прифатив до зрела леснотија. Таа е всушност празна, и не е обременета со тешкотиите кои сите безкрупулозно и ги подметнуваат.
Вечерва асфалтот беше осамен и влажен. Само двајца туѓинци и еден златен ретривер, заедно го газеа и се губеа низ белата воздушна маса.

10.10

Совршеноста во овој мал, топол ден е во зраците кои се одбиваа од стаклото на пладне. Совршен е начинот на кој истите тие ми ги стопллија цртите на неодамна смрзнатото лице. Совршеноста е во еден глас кој ми рече да се борам, да се решам , да не се откажам. Целиот месец е совршен а утре е неговиот последен ден. Дали некој знаеше?
Совршеноста е во кесичката исцеден чај од брустинца и течноста во мојата омилена, порцеланска чашка. Совршен е и моментот кога чајот со боја на крв се гали и спојува со моите усни. Тоа е овој момент-па веројатно оттаму следува и дека овој момент е совршен. Дали е?

Arrested Development

Поглед низ стаклото

Се погледна во огледалото и сè што успеа да види беше насобраната кожа на нејзиното лице. Беше полна со каење и очај. Каење за погрешните одлуки кои ги направила, каење за залудно потрошеното време, каење за работата што можеше да ја има, за успесите кои можеше да ги постигне ако само престанеше да се дави во сопствената апатија. Не можеше повеќе а да не чувствува. Се гледаше и не и се допаѓаше она што го гледа. Си ја виде иднината. Го зеде куферот и замина.

Стрим оф кончеснес

... што повеке го читам толку повеке ми делува дека некој друг го напишал можеби бидејки го читам повеке од еднаш и ми изгледа како предходно да го имам прочитано па го имам предходно прочитано само што го прочитав што ако некој друг го има напишано што ако го имам прочитано некаде и ова е негова проекција заробена во моите мисли која решила сега да сепојави залутани мисли кои чекаат да избијат на површината кога си преморен ме боли секој дел од телото мозокот одбива да сопре ми треба одмор и така батеријата е празна ке се исклучи каде е полначот во другата соба е нека се исклучи доста е за денес кој знае кога ке се врати Ана можеби ке биде гладна нема ништо во фрижидер ке пазарам утре треба да ја посетам мама во болница се прашувам какви цвекиња сакаше мразам болници особено мирисот ми влева страв ме потсека на смрт никогаш неможеш да најдеш слободно паркинг место можеби немам гориво или имам да имам ставив вчера те молам престани доцна е ме чека работа утре рокот истекува треба да го предадам расказот престани те молам престани веќе заспи заспи зас...

ADD

Се викам Дариа. Веќе половина час се обидувам да најдам совршен визуелен еквавилент на дамкана од вода под прозорецон. Дали е автомобил? Автовка? Можеби е трпезариска маса со само едно столче? Како мала уживав да седам во дворот на нашата куќа и со часови да ги анализирам мравките како ги собираа трошките од нашиот ручек кои мајками ги имаше предходно истресено од балконот. Бев фасцинирана од нивната тимска работа а и не ми беше тешко да најдам занимација. Еднаш мајками ме прати до продавница да купам леб, се вратив после четири часа со полни џебови камчиња... и без леб. Моите беа преплашени. Доцнев насекаде зошто неуспевав а да не заглавам во некој момент од мојот свет. Докторите ми препишуваа најразлични лекарства велејќи ми дека тешко се фокусирам на работи на кои не сакам. Ме дијагнозираа со недостаток на внима... Фиока! Дамката е фиока!

Габриела Стојаноска – Станоевска

The best of или писателски крај

Нема смисла – два збора му се изронаа в брада на писателот нобеловец само пет минути откако остана сам во болничката соба и четврт час пред да го напушти светот на деведесетгодишна возраст. Колку пријателства и животи на блиски луѓе уништив за да биде повистинито пишувањето. Ќе му ја дадам вистината на човештвото! Гревот кон неколкумина е ништо наспроти тоа добро дело. За возврат ќе ги воскреснам во книгите... А всушност сум бил гробар цело време. Не помнам ништо за тие драги луѓе настрана од страниците што сум им ги посветил. Пишувај за да не заборавиш?! Како да не! Пишувај, ако сакаш да заборавиш. Сега живеат моите полнокрвни ликови, без разлика што никој од нив не ми дојде на посета...
Писателот беше апсолутно во право. Четворица негови главни ликови од различни книги се мушнаа апансас во собата и бесшумно го завиткаа во почесно знаме со испринтани насловни страни.
- Поцекајте усте сум зив- мумлаше мумијата од писател.
- Нема врска, секако за неколку минути ќе бидеш мртов.

Види имало правда, успеа да си се насмее в ум, кога посакувајќи за крај да се сети на нешто убаво од својот живот, виде само закосени и зацрнети различни пасоси од неговите книги.

Кејт

Операцијата „Заматување“

Во очекување на крајот на состанокот, присутните се разведруваа дофрлајќи духовити забелешки. Откако стивна смеата по една шега, се обрати претседавачот:
- Би сакал да известам дека нашата загриженост е оправдана: јавноста се соочува со нов проблем. Живееме во време на неизвесност, а во такви времиња разногласијата создаваат конфузија и го јакнат чувството на несигурност. Блескава е нашата визија за иднината, но гласот за неа се гуши во вревењето на оние кои тоа не можат да го видат.
Во просторијата веќе немаше ведро лице.
„Решение, сепак, постои“ – заврши претседавачот. Еден од присутните се исправи:
- Операцијата „Заматување“ е едноставна: на јавноста ќе ѝ биде посочено дека постои врска помеѓу субјектот А и субјектот/настанот Б; при тоа, субјектот А е било кој извор на информација и анализа, а субјектот/настанот Б е од редот на субјекти/настани кои јавноста ги доживува како матни. Не е важно дали врската постои или не; важно е да се рашири сомнеж дека постои. Операцијата ќе заврши кога јавноста ќе почне да „пие“ само од единствениот преостанат бистар извор на информација и анализа – ние.
Присутните со олеснување ги нишаа главите во знак на согласност. Некои и аплаудираа.

Елена Илкова

Престанете да се нудите, без вашата помош сум пресреќна

Сите се обидоа да ме убедат во мојата голема несреќа освен мојата верба во сопствената среќа. Моето чувство за себепријатност и себеприсуство... зошто луѓето го толкуваат како моја голема несреќа?

Си ли за мисловен ремонт

Вакумиран егзистираш под ќебето. Печката е сеуште топла ама кај и да е ќе тркне до визбата по дрва, кога тебе не ти текнува, магаре двометарско. Ти минува застоена мисла низ „тазе“ декларираната мозочна маса: најавата на Дајте музика и она малото: - Не ми е јасно баба ми и дедо ми што правеле кога немало телевизор? Овде како три во едно ти проврвува уште пославната изјава на истото мало: - мајка ми, кај нема млеко, кај нема пари, уште ми го купува и морам да го пијам. Вадиш заклучок врз основа на твојата расипана фантазија и жалиш што кога беше дете немаше никаква двосмисленост во двете популарни изјави на малото. Го свиткуваш извичникот на крајот од сопствената мисла: како стасав до овие мисли! Најочајот од поочајот и очајот ти се обраќа: - говедо кај и да е твоите внуци ќе се прашуваат што си правел кога немало интернет. И во право се, еве сега ќе напишеш еден меил и ќе го архивираш за кога ќе дојде време да се прашаат да им кажеш дека моментално и ти самиот не се сеќаваш што правеше кога немаше интернет. Од мисловната иницијација се откажуваш уште пред да се откажеш. Помислуваш ,,барем да уплатев лото, може ќе ми паднеше“.

СТРАШНИОТ ЏУЏО и смешното џинче

Преку седум, свашта си животареше СТРАШНИОТ ЏУЏО. Од другата страна, преку седум свашта живуркаше смешното џинче. Кога Волшебничката од Џинчесмешкостан го прими пакетот со монтажна кристална топка од Икеа направи седумнаесет чекори напред и три назад и ја посети Волшебничката.
Таа му изгата дека преку седум сенешта на оддалеченост од девет илјади деветстотини и девет чекори исток – западно ќе ја најде својата средна душа. СМЕШНОТО ЏИНЧЕ праша колку ќе го фати ако почне да трча и замина уште пред Волчебничката да одговори.
За неколку месеци се најде пред куќа иста како неговата. Извади тенко сукало и заѕвони. Вратата се отвори сосема малку. СТРАШНИОТ ЏУЏО веднаш му рече на смешното џинче дека долго време го чекал. Смешното џинче се наведна и влезе во куќата по лика идентична со неговата само што на местата каде тој ги чуваше пинцетите и сукалата СТРАШНИОТ ЏУЏО чуваше скалила и дигалки.

Победата на гологлавите

Мајка ми требеше вошки и гниди најсурово на светот. Впрочем , јас и не знам како другите мајки требеа вошки и гниди ама можам да се заколнам дека ниту еднаш и ниту едно дете не видов да се симне пред влез после попладневниот одмор со насолзени очи и измачена душа како мојата.

Ракување

- Велиш не ме сакаш повеќе?
- Не, сто по сто.
- Е, шо така ти текна?
- Шо знам, онака, мислев, мислев и ОП!
- И сеа шо праиме?
- Шо да праиме, шо може да правиме, ти натаму јас нанаму.
- А стварите?
- Стварите ќе ги поделиме. Само плочите од Пинк Флојд не ми ги пипај.
- Ако ги земеш плочите ќе ти трба и грамафонот, тоа од прилика би значело дека лап – топот е мој.
- Кретенска работа, ме начека на тесно.
- Си го бараше, те снајде.
- А Марко, што правиме со Марко?
- Марко... Марко кога ќе порасне сам ќе си одлучи кого ќе мрази повеќе, тебе или мене.
- Сè ми се чини тебе.
- Сè ми се чини дека не, освен ако не израсне во твоја реплика.

Од оние раскази што можев да

Од оние раскази што можев да ги прочитам, би ги издвоил
"Фотографија" и " Денешната работа не оставај ја за утре". Но, исто така пофалба заслужуваат и расказите на Arrested Development.

За оваа недела меѓу

За оваа недела меѓу поквалиутетните:
Инспирација и Филмски Стории , сите раскази на Лили доста едноставно напишани ,некако искрено исплукани , Сонце со заби-ми создаде чувство на носталгија на нешто одамна изгубено , Затвореникот , особено крајот ,мене лично ми се допаѓаат раскази со неочекуван заплет ,ADD ми се виде интересно и расказите на Вртоглава .
Како најсупер фаворит го издвојувам Платон-за мене најдобар оваа недела.

*расплет

*расплет

The best of или писателски

The best of или писателски крај
Искрено, Габриела, и завидувам на нарацијата која го води секој твој расказ.
Поздрав!

Расказите на Лили се

Расказите на Лили се најдобри..зрачат со посебна силина, а особено На балкон..ме плени искреноста и емоцијата проткаена во секој збор..Браво!

Би ги издвоил се надевам од

Би ги издвоил се надевам од агол на добар познавач на краткиот расказ, пред се

За мене најдобри се Лето,

За мене најдобри се Лето, прва љубов и the best of

За мене најдобри се Лето,

За мене најдобри се Лето, прва љубов и the best of

Platon ima i lirika i

Platon ima i lirika i naracija i ideja....Definitivno favorit voopsto do sega

Лили, а што ти значи ова

Лили, а што ти значи ова Словенска? ај ОБЈАсни малку...
расказот е многу интересен.

The best of дефинитивно

The best of дефинитивно најдобар расказ неделава. Но, сакам да ги издвојам и расказите на Лили и Денешната работа не оставај ја за утре.

Зоран Груески - „Инспирација“

Зоран Груески - „Инспирација“ - Добра е изведбата на крајот, со изневереното очекување.
Надица Тренчева - „Филмска стори“ - Интересно и духовито. И референците се опасни :)
Вртоглава пишува одлични минијатури. „Памперс“ и „Промени“ се супер раскази. „Насреде“ е само добар :)
Елена Илкова - „Ракување“ - Обично не сакам дијалози во куси-куси раскази, ама ова е добро напишано.

Кога би се прашувала јас (а

Кога би се прашувала јас (а не се прашувам)раскази од оваа седмица што би се нашле во ветената збирка се: „Инспирација“ заради (погледни во коментарот на Иван)„Празна кутија“ од истите причини заради кои е награден расказот на Д.Коцев од претходниот циклус, „Филмска стори“ заради неговата различност,„Денешната работа не ја оставај за утре“ - оти сите сме се почувствувале така,„Чаршија“ заради крајот, „Словенска“ оти не го разбирам до крај,„На балкон“ зашто речиси се вљубив во тој тип ставајќи се во улогата на раскажувачката,„Лето“ заради атмосферата и хумористично еротскиот фон познат и од народното творештво,„Фотографија“ заради игривата едноставност,„Неговите боси нозе...“ - заради сликовитоста, и двата на Платон зашто Платон е Платон, од Вртоглава четирите минијатури зашто се ефектни во краткоста,Стрим оф кончеснес заради постапката тек на свеста,АDD е штосен,„Ракување“ заради репликата „... кого ќе мрази повеќе“ и можеби уште некој :) поздрав!

Многу сум љубопитен за

Многу сум љубопитен за СЛОВЕНСКА.

Не сакам да асоцирам, но можно е да се работи за грешка ЛИЛИ. Ако е тоа што мислам ти сакаш да кажеш СЛОВЕНЕЧКА, а не СЛОВЕНСКА, ако го поврзам СЛОВЕНСКА со ЕЛАН. Нашиве луѓе многу грешат и не прават разлика меѓу СЛОВЕНСКА и СЛОВЕНЕЧКА. Не се вика СЛОВЕНСКО МЕСО, туку СЛОВЕНЕЧКО од Љубљана. ЈУГОСЛОВЕНСКА како ние и СЛОВЕНСКА од ПОЛСКА, ЧЕШКА и СЛОВЕНЕЧКА од Триглав. Елан-скии, а можеби и велосипед. И јас имав елан-велосипед, добар беше. Ако е СЛОВЕНСКА како СЛОВЕНСКА ДУША од ПОЛСКА ЧЕШКА, извини, ако е СЛОВЕНЕЧКА, тогаш грешка имаш! Не го сфаќам текстот.

Претпоставувам поврзуваш нешто со Словенија зелено и убаво и одеднаш се наоѓаш пред некое наше Елвисче:) Посебно ме чуди што Елвис не ти бара пари.
Ај објасни, многу сум љубопитен!!!
Хмм, ако јас го толкувам ти си Словенија и и даваш пари на Македонија, како во старите добри времиња. Замисли, а не можат една без друга. Поврзан пазар. БРАТСТВО ЕДИНСТВО:)
Не ќути..објасни

Поздрав до сите,
МАМЛАЗ

По мене, Словенска или

По мене, Словенска или Словенечка, можно е да е име на некоја улица во Скопје, во случајов улицата по која се вози нараторот. Елан сигурно не е фирма туку енергија,сила,полет= елан. Мене не ме буни насловот, туку крвта околу нараторот и непостоењето на тело. Дали нараторот го прегрнува Елвис зашто под гумите што чкрипат настадал некој негов близок (пр. мајката на Елвис, или сестрата...)? Па прегратката е инстинктивен обид да се заштити малиот, барем на кратко, од катастрофата. Бо прилог на тоа, одат и понудените десет денари, не како моментално залажување, туку како единствено нешто што може да направи чувствителниот, потресен и во исто време целосно беспомошен минувач,ка- наратор за онесреќениот Елвис.
Од друга страна, тоа:Гледам крв околу мене, нема тело= ме наведува да побарам можеби тоа што го нема во расказот, но сепак, еве ќе кажам, ме наведува на некоја трага на фантастика, пр. можно ли е нараторот да е повреден, да крвари а да не знае за тоа, да не е свесен, па затоа не гледа тело = бидејќи не гледа на себе туку околу себе. Па во таа, условно, претсмртна или посмртна ситуација да се реши да биде хуман и дарежлив.
Сепак мислам дека поверојатно е првото читање на текстот, особено заради реченицата:Го стискам толку силно што не го оставам да се сврти. Како и да е, оваа силна прегратка не сврти сите околу неа, како загатката за прегратката на дадилката од Свртување на завртката од Хенри Џејмс, кој ја читал ќе знае за што зборувам, останатите веднаш да ја прочитаат. Па Лили, мислам дека доволно нагаѓавме, ќе се смилостивиш или убаво ти е вака да ги запознаеш сите можни читања на твојот расказ. Огласи се барем со некаков коментар.

Доколку постои тело (ако

Доколку постои тело (ако крвта не е на Елвис) би бил доста суров самиот обид да се надмине/ скрие/прикрие/ покрие таа загуба(ако хипотетичкото тело е на некој Елвисов близок) со 10 ден. Во секој случај, расказот е интригантен. Можеби само се обидува да му го сврти вниманието, што би се рекло да го заигра, да не го види трагичниот настан.
„Чаршија„ ми е реално тажно сочинение. Како авангарда од 20тите на 20тиот век, само што овојпат женственоста е свртена кон машкиот род.

Маријана, ти мислиш на Елвис

Маријана, ти мислиш на Елвис Присли???
Свашта. Елвис и 10 ден. има само една асоцијација!
А тоа е суровата реалност. А не машкост и женственост.

Лили во моментов не е во

Лили во моментов не е во државава (на службено патување), во нејзино име го пишувам следново: Словенска е улица... другото е ваше...:)
Поздрав

Е убаво... Лили се шета, а

Е убаво... Лили се шета, а ние тука нагаѓаме. Дај просветли не ти Лилина пријателко.
Елвис, абе тоа ти е некој од Шутка.
На претпоставувачката. ТОЧНО, ЕЛАН значи ПОЛЕТ, јас тоа исто го сфатив, ама Лили дава три асоцијации за СЛОВЕНИЈА. Извини, ама ти одиш премногу поетски, јас сум повеќе приземјен.
СЛОВЕНСКА (грешка, значи мисли улица на СЛОВЕНИЈА), ЕЛАН и ВЕЛОСИПЕД. Сите три збора укажуваат на СЛОВЕНИЈА, а зеленото уште повеќе. Кај имало кај нас ЗЕЛЕНО? Ајде кажи ми!

Леле Мамлаз ама не просветли.

Леле Мамлаз ама не просветли. Јасно е дека Маријана знае за кој Елвис станува збор, а нејзините коментари за родовите и половите се однесуваат на расказот-Чаршија. Туку, кога си расположен за коментари дај направи уште некоја анализа и на другите раскази, многу си интересен. :)))

Аа, расказот Чаршија е исто

Аа, расказот Чаршија е исто посебна прича. Нешто ми кажува дека Лили сака да прикаже геј корзо, ама не ми е јасно.

Абе просветлен, просветлена,

не е дека нејќам за сите да прокоментирам, ама јас прво гледам на насловите. Ако насловот ми штрчи, читам, ко СЛОВЕНСКО МЕСО што ми штрчи во МЕСАРА, ете така ми проштрчи СЛОВЕНСКА на Лили. АКо не е интересен насловот, не читам. Нека извинат другите. Може ќе прочитам па ќе кажам.

Инаку Лили има јаки раскасчиња, ко за мој вкус. Бутањето во четворка во веќе унакажаните нови бусеви од Украина, трафиката и кондомите и срамните погледи, 10 денари пред фонтана и чаршија се некако реалистични. Лили игра со мистериозни лица, со крв и појавувања на лица, чудни настани,па би и препорачал да пишуе криминалки.

А тоа со Елан, немаше да ми текне на фирмата, ако не беше фирмата пред 20 години у ШЕМА, освен тоа, ЛИли сама вика велосипед, па не ќе да е далеку.
Инаку, кога веќе сум кај СЛОВЕНСКА, Елан е исто легендарна словачка група. Најпозната песна им е ПСИ СА БРАНИЈА УТОКОМ: (Psi sa brania utokom)

Ај чао до објаснението на ЛИЛИ. А пријателка и слободно нека објасни што сака Лили да каже...

на самиот крај од неделава,

на самиот крај од неделава, сакам да ги пофалам расказите на Платон и " Денешната работа не оставај ја за утре "

ОкоБоли главаВицФото