Глобален капитализам и постојана војна

30.09.2024 02:25
Глобален капитализам и постојана војна

На прашањето која личност најдобро ги претставува најлошите тенденции на нашата брутална доба, први на ум би ни биле Јахја Синвар (водачот на Хамас во Газа), Бенјамин Нетанјаху, Ким Џонг-Ун или Владимир Путин. Пред сè затоа што сме бомбардирани со вести за овие лидери. Ако го прошириме фокусот и ги земеме предвид ужасите кои главно ги игнорираат западните мејнстрим медиуми, ќе видиме дека водачите на конфронтираните страни во граѓанската војна во Судан се истакнуваат уште повеќе. Новите воени заповедници покажуваат шокантна суровост и рамнодушност кон сопствениот народ (или кон сите што живеат во областите под нивна контрола), вклучувајќи ги системското попречување и одземањето хуманитарна помош.

Ситуацијата во Судан ја разоткрива глобалната економска логика која не е толку јасна во други случаи. На масовните демонстрации во 2019-та година беше соборен долгогодишниот диктатор Омар ал-Башир, чие владење барем одржуваше привид на мир и стабилност по сецесијата на Јужен Судан (претежно христијанска земја која сега ја потресува граѓанска војна). Потоа, по краткотрајната преодна влада и обновените надежи за демократизација, изби брутална војна помеѓу двајцата муслимански војсководци: генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, водачот на суданските вооружени сили (САФ) кој сè уште е номинално шеф на државата и Мохамед Хамдан Дагало (познат како Хемеди, што значи „малиот Мухамед), командантот на Силите за брза поддршка (РСФ) и еден од најбогатите луѓе во земјата.

РСФ стои зад некои од најтешките злосторства во актуелниот конфликт, вклучувајќи го масакрот во Картум на 3 јуни 2019-та година, кога беа убиени повеќе од 120 демонстранти, стотици беа ранети и илјадници жени беа силувани, а многу домови беа ограбени. Силите на Дагало започнаа нов циклус насилства на 15 април 2023-та година, кога извршија напад на базите на САФ ширум земјата, вклучувајќи го и главниот град Картум.

Иако двете страни изразуваат приврзаност кон демократијата, таквите тврдења никој не ги сфаќа сериозно. Она што впрочем го мислат е: „Прво мораме да победиме во војната, па потоа ќе видиме“. Тоа е разбирлива позиција. За сите заинтересирани страни, некаква претежно беневолентна диктатура, налик на режимот на Пол Кагаме во Руанда, можеби е најдоброто на што може да се надеваме.

Нештата дополнително ги комплицира улогата на надворешните сили. Руската група Вагнер, Либиската национална армија (под команда на Калифа Хафтар) и Обединетите Арапски Емирати наводно ги снабдуваат РСФ со воени залихи, хеликоптери и оружје во обем кој овозможува значајна надмоќ во однос на САФ. Во меѓувреме, САФ наоѓа сопствени спонзори, пред сè, Кина.

Но РСФ има уште една голема предност: Дагало го контролира регионот богат со резерви на злато, што му овозможува да го купи оружјето кое му е потребно. Тоа ни е потсетник на тажната вистина со која се соочуваат многу земји во развој: природните ресурси можат да бидат извор на насилство и сиромаштија, колку и поддршка за мир и просперитет.

Типичен пример е Демократската република Конго, која одамна го носи проклетството на резервите со критични минерали, дијаманти и злато. Ако ги нема овие ресурси би била сиромашна, но барем би можела да биде посреќно и помирно место за живот. Исто така, Конго е пример дека развиениот Запад придонесува за околностите кои доведуваат до масовни миграции. Под површината на „примитивните“ етнички страсти кои повторно експлодираат во афиканското „срце на темнината“, несомнено се наѕираат контурите на глобалниот капитализам.

По падот на Мобуту Сесе Соко во 1997-та година, Конго престана да постои како функционална држава. Неговиот источен регион сега е распарчен помеѓу локалните војсководци, чии војски принудно регрутираат и дрогираат деца, додека одржуваат деловни врски со странските корпорации кои ги експлоатираат резервите со минерали во регионот. Овој аранжман е корисен за двете страни: корпорациите добиваат право да рударат без да ѝ плаќаат даноци на државата, а господарите на војната добиваат пари за купување оружје. Многу од минералите од овие области ќе завршат во нашите лаптопи, мобилни телефони и други производи со висока технологија. Не се проблем „дивјачките“ обичаи на локалното население, туку странските компании и богатите потрошувачи кои ги купуваат нивните производи. Отстранете ги од формулата и целото здание на етничките конфликти ќе се распанде.

Конго не е исклучок, а тоа го покажува распарчувањето - или, подобро кажано, „конгоизацијата“ - на Либија по интервенцијата на НАТО и падот на Моамер ал-Гадафи во 2011-та година. Оттогаш, со голем дел од либиската територија владеат локални вооружени банди кои нафтата директно им ја продаваат на странски купувачи; тоа ни е потсетник колку капитализмот е решен да обезбеди стабилно снабдување со евтини суровини. Таква е мачната судбина на државите со проклетството на ресурсите.

Трагичен исход е што ниеден учесник во тековните конфликти не е невин ни праведен. Во Судан не е проблем само РСФ; двете страни играат иста брутална игра. Околностите не можат да се објаснат со „заостанатиот“ народ кој не е подготвен за демократија, зашто навистина се работи за континуирана економска колонизација на Африка - не само од страна на Западот туку и Кина, Русија и богатите арапски земји. Не треба да нè чуди тоа што во централна Африка сè повеќе доминираат руски платеници и муслимански фундаменталисти.

Јанис Варуфакис пишуваше за преминот од капитализам во „технофеудализам“, за што сведочат фактичките монополи на крупните технолошки компании над своите пазари. Меѓутоа, во земјите како што се Судан и Конго на сила е нешто што повеќе наликува на средновековен капитализам. Всушност, двете ознаки се точни: сè повеќе живееме во комбинација на високотехнолошки и аналоген феудализам. Затоа Хемеди - дури и повеќе од Илон Маск - е вистинскиот аватар на нашата ера.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Faiz Abubakr

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото