1029 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Нед, 19.01.2025 20:59
Фото: Макс Гордон
(Кон кореодрамата „Полноќ“ по концепт и во режија на Јоан Буржоа и во продукција на Уметничката трупа на Јоан Буржоа, Франција. Главни улоги: Јоан Буржоа, Мари Буржоа и Оливие Матје)
Кореографијата на Јоан Буржуа нè наведува да помислиме на тоа: во каква форма доаѓа љубовта кај нас и дали сме секогаш подготвени да ја земеме со себеси. Оваа кореодрама едноставно наречена „Полноќ“ се занимава со еден друг аспект на љубовта и љубовниот триаголник, а тоа е нејзината контраверзност. Се чини дека токму затоа овој мошне даровит кореограф есенцијалната кореографска нишка ја повлекува низ акробатиката каде што хуморот е завиeн во форма на недоразбирање кое е изразено не само низ физичка динамика, туку и низ импресијата токму на акробацијата.
Во тој еден час Јоан Буржуа и другите актери покажуваат колку искршените реквизити и музиката можат да бидат компатибилни со клик клак девојката, која од друга страна пак, може да конвенира со кловнот чија зачудност го носи целиот хумор на претставата. Ова наведува на помислата на автоиронијата која низ кореографските делници се претвора во приказна што ние како публика си ја раскажуваме подоцна, низ впечатоци и расудувања.
И тоа најважното: што ни носи оваа извонредна кореодрама како искуство? Каде, всушност оваа чудна приказна за љубовта нè допира кога се обидуваме да ги средиме впечатоците и да се испитаме зошто сме се насмеале на местата каде што сме се насмеале? Јоан Буржуа започнува од една интактност која ја поведува низ пеколот на несреќното интерпретирање на љубовната аура. Тој во тој еден час импресивност нè поведува низ едно сосема поинакво поимање на љубовниот триаголник кој е секогаш присутен, во секаква форма. Нудејќи ни едно заумно толкување на љубовната достага, Јоан Буржуа, Мари Буржуа и Оливие Матје нè навикнуваат на тоа да се откажуваме од предрасудите и да се облечеме во нешто што не ни прилега, но и да се предадеме на емоциите, па каде ќе нè однесат, таму ќе одиме.
Фото: Џералдин Арестеану
Во прагматична смисла во оваа претстава која во една далечна симболичност се нарекува „Полноќ“ наоѓаме реквизити кои исчезнуваат од рацете на актерите, наоѓаме харфа која додека актерката свири на неа, таа се расклопува, наоѓаме џиновска клик-клак девојка која на многу сигнификантен начин ја покажува нејзината неодлучност меѓу двата мажи, а наоѓаме и многу столови и маси кои се распаѓаат кога актерите се обидуваат да седнат врз нив.
Оваа артистична декструктивност покрај тоа што е импресивна, на некој начин е и апокалиптична и зборува за замирањето на брачната институција под налетот на индолентноста. И секако, поместеното сфаќање на љубовта која не е само аура, туку е и посветеност, категорија која човекот на дваесеттиот век многу тешко ја одржува.
Во сцената без сценографија и со реквизити кои се дел од нејзиниот акробатски аспект, костимите на Сиголен Петѝ се многу реалистични, но и колоритни во извесна смисла на зборот. Овде во голема мера се наметнува музичката илустрација на Лоре Бриса со некои додатоци од музиката на Филип Глас.
„Полноќ“ е претстава која аборува за интимното поимање на гравитацијата, колку и тоа да звучи далечно. Тројцата актери/танчери својата избезуменст во љубовните бури ја оставаат на гравитацијата за која потајно веруваат дека барем во еден момент ќе работи против нив, па тие ќе се вивнат во воздухот. Но, сите сакаме да полетаме и да одлетаме некаде кога љубовниот флуид ќе исчезне и на неговото место ќе остане само сеќавањето, нели?
Фото: Уметничката компанија на Јоан Буржоа