Габриела Бример: „Како да врескам кога не можам да зборувам?”

30.09.2024 11:31
Габриела Бример: „Како да врескам кога не можам да зборувам?”

Габриела Бример била поетеса и активистка за правата на лицата со попреченост. Се родила со церебрална парализа во 1947 година во Мексико Сити во еврејско семејство кое го преживеало холокаустот.

Како невербална корисничка на инвалидска количка, таа уште од раното детство учела како да го најде своето место во свет кој тешко ја прифаќа различноста. Во тоа време не се знаело многу за церебралната парализа. На нејзините родители им било кажано дека Габриела веројатно нема да ја доживее десеттата година од својот живот.

Со неизмерна поддршка од нејзината дадилка, Флоренсија Моралес, Габриела научила да комуницира покажувајќи ги буквите на азбучната табла. Основно училиште запишала во рамките на центарот за рехабилитација, и уште тогаш бил препознаен нејзиниот книжевен талент. Иако во училиштето за деца со попреченост добила поддршка да стане писателка, Габриела барала право на редовно образование.

„Сѐ додека не бараме нешто подобро, ништо нема да се промени. Што мислите за редовното училиште? Во интелектуална смисла, тие немаат ништо што ние немаме. Не треба да им дозволиме и нашите умови да ги сместат во количка”.

Кога преминала во редовно училиште, меѓу нејзините учители имало и еден поет, под чие влијание Габриела почнала да создава поезија. Можела да пишува со машина за пишување на која куцала со палецот од левата нога, бидејќи тоа бил единствениот дел од нејзиното тело со кој можела да управува.

„Како да врескам кога не можам да зборувам? Како да престанам да сакам од утробата, од женското семе во мене? Боже, ако животот е толку многу што јас не сум, ниту ќе бидам некогаш, дај ми сила да бидам тоа што сум”.

Од срамежлива девојка која се соочувала со предизвици во комуникацијата, Габриела Бример станала влијателна на ниво на меѓународната заедница. Таа била меѓу првите што се залагале за правата на лицата со попреченост во Мексико, занимавајќи се со прашањата за остварување на правото на самостоен живот, правото на образование, односите на родителите кон децата со попреченост, како и природата на љубовта и интимноста.

Бример била основачка на Здружението за правата на лицата со моторен инвалидитет и активно учествувала во работата на бројни организации, паралелно пишувајќи поезија. Авторка е на три најпродавани книги, вклучувајќи ја и нејзината автобиографија.

Нејзиниот живот е прикажан во филмот од 1987 година насловен „Габи: Вистинската приказна” на мексиканскиот режисер Луис Мандоки. Филмот имал влијание врз заедниците за лица со инвалидитет ширум светот. Во една од највпечатливите сцени, филмот прикажува разговор меѓу родителите на Габриела, каде нејзиниот татко вели: „Ние немаме ќерка, имаме проблем. Но, ако сакаме ќерка, за доброто на светот, да почнеме да се однесуваме со неа како кон ќерка”.

Водечката порака на Габриела Бример до другите лица со попреченост гласи:
„Преиспитајте го вашиот начин на живот, на тој начин што ќе заборавите на ограничувањата што ви ги наметнуваат другите”.

Габриела Бример починала од срцев удар на педесет и две годишна возраст. Училишта и улици во Мексико Сити денес го носат нејзиното име.

Извор: www.cerebralpalsy.org

Слични содржини

Книжевност / Живот
Активизам / Живот / Уметност
Книжевност / Психологија / Живот
Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Општество / Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото