1012 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 07:59
(Temeljenje kuće, Марија Андријашевиќ, Фрактура, Загреб, 2023)
Книгата Втемелување на куќата од Марија Андријашевиќ е една од добитничките на признанието Штефица Цвек #3.
Сестра, ќерка, поетеса и градителка на куќа – вака ни се претставува авторката Марија Андријашевиќ во рамките на нејзината најнова стихозбирка Втемелување на куќата (оригинален наслов: Temeljenje kuće)
Всушност, поетесата Андријашевиќ се покажа како одлична проектантка на содржината и формата во оваа збирка. Нејзините песни во проза се напишани како цврсти блокови од кои се гради збирката, односно куќата. Но, од друга страна, секој од овие поетско-прозни блокови е исполнет со поетска содржина, односно со сите оние универзални човечки и поетски занимања. Затоа, не изненадува што збирката Втемелување на куќата е целосно испреплетена со сè што е нематеријално, неопипливо и се протега, како пулсирачка жила, низ сите нас: носталгија, сеќавање, духови од минатото, генерациско наследство, метафорични и симболични дарови на семејните врски и односи.
Поради сето ова, особено е интересно како авторката ја користи куќата, една од најизразените материјални појави во стварноста, деконструирајќи ја, релативизирајќи ја, често иронизирајќи ја и соголувајќи ја до ситни поетски детали. Всушност, авторката речиси постојано, се осврнува на куќата што ја гради во својот ум. Таа води монолози со домот и со скицата на куќата што живее во неа.
Притоа, поетесата ни дава низа субјективни и рефлексивни осврти кон внатрешноста. Навистина, сопствената внатрешност, внатрешноста на сеќавањата, внатрешноста на куќата, внатрешноста на семејството – сето тоа се темите на кои е изградена оваа збирка, а самото втемелување е, како што пишува авторката, започнато токму од втемелувањето на самата себе.
Куќо, морав да се заштитам како што ти го заштитуваш домот од ветрот или од мртвите. Куќо, втемелувањето на Марија било едно од најтешките втемелувања на Марија. Куќо, јас исто така ги градев своите ѕидови со години. Куќо, Марија не се урива. (...) Куќо, ако некој некогаш навистина ме запознае, тоа ќе бидеш ти. Куќо, никаде толку осветлена како внатре (стр. 73).
Од друга страна, збирката до крај ќе остане впечатлива токму поради тоа што на уникатен начин зборува за преокупираноста со куќата, а при тоа куќата не е само појдовна точка за метафора и промислување за домот, туку е истовремено и многу конкретизирано станбено прашање.
Размислувањето за градењето и за куќата, за земјата и за обработувањето, во оваа збирка е вредно главно затоа што им припаѓа на свеста, на животот и на гласот – на жените.
Братот го прави она што ниту еден друг брат во нашето село не го направил досега. За тоа ќе се зборува со години. Приказната ќе му припаѓа на тоа место. Братот ѝ дава на сестра си, го извртува обичајот... (стр. 61).
Значи, куќата што ја запознаваме во збирката, која од скица се распламтува во необуздана желба и сон на авторката, започнува во моментот кога братот ѝ ја препишува сета земја на својата сестра. Овој момент е значаен во рамките на целата збирка токму затоа што го изопачува патријархалниот обичај за наследство. Дедовината, татковината, сето ова се локални имиња за парчиња земја што се пренесуваат во рацете на машки наследник.
Одеднаш, пред нас е жена која ја наследила земјата на татко си. И на таа земја, таа сака да изгради куќа, дом. Збрирката Втемелување на куќата им дава на читателите единствен поглед на тоа како именката куќа прераснува во незаситен и лаком простор и поим во кој се влеваат и течат мисли и сеќавања, носталгија и предмети, живи и мртви, конкретна земја и по неа расфрлани соништа за создавање, настанување...
Да се пишува за куќата, страдање. Да се замислува куќата, страдање. Да се оствари секој потег кој од неа прави реалност, страдање. Да се гради куќа на нива, страдање. Да влезеш во неа сама, страдање. Да ги оживееме мртвите за да живееме во неа, страдање. Да се направи овоштарник, страдање. Да се размислува за патот на предците, страдање. (стр. 35)
Градејќи куќа, мечтаејќи, сеќавајќи се, пишувајќи, Марија Андријашевиќ создава збирка песни која е тематски генијална, и создава многу самоуверен женски глас кој, стилски питко и ненаметливо, одново и одново нè потсетува дека семејните односи, наследството, осаменоста, љубовта, смртта, сеќавањето и соништата, се она што останува кога рацете ќе се спуштат под земја, т.е. под суштината.
Би било неправедно од приказот на оваа збирка да се изостави особено сензитивното пишување за самосвесното размислување за создавањето на сопствено семејство, осаменоста и здравјето. Ова е книга во која преовладуваат луѓето од спомените, но и на неколку наврати мислите на жената за создавање семејство и иднина... Во ваквите епизоди авторот не се двоуми да покаже страв и многу свесно пишува за темата која особено ни недостасува во книжевноста напишана од жени, а тоа е отвореното преиспитување на можноста за непостанување мајка и сопруга:
Како и сè што во земјата се става, и таа сè прифаќа па расте, за да стане дом. Љубовта е исто така прифатена и расте, но јас веќе предолго сум сама. Се плашам дека осаменоста си го направи своето и дека нема да имам кого да сакам во таа куќа. Маж или ќерка. Дека куќата никогаш нема да прерасне во дом. (стр. 57).
Куќата се затвора. Последниот прозно-поетски блок вели дека куќата нема да има ѕвоно. Затоа што нема да има гласови од минатото кои ќе изговараат имиња и ќе гледаат дека некој се вратил дома. На овој начин, авторката на поетски успешен и заокружен начин нè потсетува дека куќата не се уништува кога ќе се сруши до темел, туку дека куќата ја замолчува и ја поткопува – осаменоста.
Превод на македонски: Александар Трифуновиќ.
Слики: Yukihiro Akama
(Книгата не е објавена на македонски. Насловот на книгата и фрагментите се во превод на Трифуновиќ)
Текстот е напишан како дел од регионалната иницијатива Штефица Цвек #3 спроведена од Naratorium (Босна и Херцеговина), Rebel Readers (Србија), Kulturtreger/Booksa (Хрватска) и Коалицијата МАРГИНИ (С. Македонија).