Карли Флајшмен:„Вашиот внатрешен глас ќе најде излез”

01.10.2024 12:46
Карли Флајшмен:„Вашиот внатрешен глас ќе најде излез”

„Не знаеш како е да си јас. Не можам да седам мирно бидејќи имам чувство дека нозете ми се во пламен или дека стотина мравки ме лазат по рацете”.

Карли и нејзината сестра близначка се родени во Торонто. Кога наполниле две години, развојните разлики меѓу нив станале очигледни. Карли доцна научила да седи и да оди, а нејзиниот говор не се развивал. Набрзо ѝ бил дијагностициран аутизам.

„Тешко е да се живее со аутизам, бидејќи никој не ме разбира. Луѓето ме гледаат и претпоставуваат дека сум глупава затоа што не можам да зборувам” – вели Карли.

Лекарите предвидувале дека Карли ќе го достигне нивото на развој на шестгодишно дете и дека никогаш нема да може да води самостоен живот. Таа била подложена на интензивни терапевтски интервенции, понекогаш со неа работеле три или четири различни терапевти истовремено.

Правела мали и бавни движења, ништо што би укажувало на позначаен напредок. Сите тие експерти околу неа биле скептични, верувајќи дека невербалните луѓе како Карли не се способни да размислуваат и пишуваат. Воспитувањето на Карли со уште две деца не било лесно.

Понекогаш спиела по само еден час во текот на ноќта, нејзиното необично однесување и неможноста да да се комуницира со неа правеле семејството да се чувствува изгубено, но и покрај сите тешкотии, тие никогаш не се откажале од неа.

„Многу луѓе се информираат од таканаречените експерти. Но, ако коњот е болен, не треба да се прашува рибата што му е на коњот. Прашајте го коњот”, коментира Карли.

Терапевтите се обидувале да ја научат како да комуницира преку слики и симболи, а до одреден пресврт дошло кога Карли имала единаесет години. Ѝ се слошило додека била на терапија, па истрчала до компјутерот и отчукала: „Боли. Помош”. Потоа повратила.

Терапевтите биле шокирани. Никој никогаш не ја научил на тие зборови, ниту пак воопшто ја учеле како да пишува. Неочекувано, Карли им покажала дека во неа има многу повеќе отколку што претпоставувале. По девет години терапија, таа конечно изнурнува од својот тивок, таен свет.

Кога на родителите им ја соопштиле веста, тие биле скептични. Карли не сакала да ја повтори вежбата. Тогаш примениле неумолив режим: „Ако сакаш нешто, мора да отчукаш”. И тоа функционирало. Неколку месеци подоцна Карли почнала да пишува.

„Имам аутизам, но тоа не сум јас”.

Карли почнала да ги разоткрива мистериите зад необичното однесување, како што е удирањето со главата.

„Ако не го направам тоа, се чувствувам како моето тело да може да експлодира во секој момент. Како кога ќе протресете лименка со кока кола. Посакувам да можам да го запрам тоа, да притиснам некој прекинувач, но тоа не функционира на тој начин. Знам што е исправно и погрешно, но се чини како да треба да се изборам со сопствениот мозок”, објаснува таа.

Карли увидела дека комуникацијата ѝ дава моќ над опкружувањето и веќе не се срамела да ги изрази своите потреби и фрустрации.

„Сакам да одам во редовно училиште, но другите деца да не се вознемируваат ако удрам на масата или врескам. Сакам да можам да читам книга без да морам постојано да се потсетувам себеси: „Седи мирно”. Сакам да се појави нешто што ќе го изгасне огнот”.

За прв пат, Карли почнала да комуницира со своите родители. Биле преплашени бидејќи поголемиот дел од животот го поминале зборувајќи пред неа како да ја нема. А таа цело време била присутна. Според она што го знаеме за неа, Карли е интелигентна, духовита и забавна девојка која себеси се доживува како заклучена во тело кое не може да го контролира.

„Нашиот мозок е вмрежен на поинаков начин. Примаме многу звуци и разговори одеднаш. Кога гледам во една личност, преземам илјадници слики од неговото/нејзиното лице. Научив како да го филтрирам целиот тој хаос”.

Во тоа ѝ помагаат пливањето, јогата и музиката.

Карли несомнено поседува вештини за кои никој не е свесен, само ѝ недостига начин да ги изрази.

Денес е авторка на блог на кој одговара на прашања за аутизмот. Заедно со нејзиниот татко, таа ја пишува книгата „Гласот на Карли” (Carly's Voice), базирана на лично искуство. Врз основа на извадок од книгата направено е и кратко видео насловено Carly's Café (Доживување на аутизмот низ очите на Карли) во режија на Мајлс Џеј.

Покрај тоа, Флајшмен ја покренува веб-серијата „Без зборови со Карли”, со што станува првата невербална водителка на ток-шоу. Во првата епизода таа го интервјуира познатиот холивудски актер, Ченинг Тејтум.

„Вашиот внатрешен глас ќе најде излез”, порачува Карли Флајшмен.

Извор: https://portaloinvalidnosti.net

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Графички Дизајн / Психологија / Живот
Општество / Психологија / Живот
Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото