Каде заминуваш, ќерко?

02.10.2024 00:22
Каде заминуваш, ќерко?

(„Strvinari starog svijeta“ Теа Тулиќ. Oceanmore, Загреб, 2023)

Книгата „Мршојадци од стариот свет“ од Tea Tулиќ е една од добитничките на признанието Штефица Цвек #3.

 

„Таму кајшто одам, ништо не се случува освен реченици.“
- „Мршојадци од стариот свет“, Теа Тулиќ


„Мршојадци од стариот свет“, краток роман на хрватската писателка Теа Тулиќ, веќе е еден од најзначајните книжевни феномени благодарение на вештото раскажување обележано со исклучително моќни поетски слики, а ги тематизира можностите за надминување на семејните трауми. Насловот ни укажува на поетичноста со која се исполнети сите поглавја на романот. Главни ликови се татко и ќерка кои заедно живеат покрај море. Гласот на ќерката раскажува за двајцата, зборува за сеќавањата од детството и за времето што доаѓа потоа. Во куќата кајшто живеат ги посетуваат мртвите Буга и Волга – мајката и нејзината пријателка, на кои ќерката често се сеќава.

„Волга и Буга лебдат над морето, над нашите глави и велат:

- Фрли го ова, а ова не.

Мртвите кои сѐ уште не паднале во заборав, во рацете држат шестари, поправаат карти. Мртвите нѐ навигираат.“ (стр. 5)

Ова е роман без цврста структура, се чини дека темите лебдат помеѓу интроспекција и интересни епизоди од животот, и тешко е да се соберат сите на едно место. Ова секако не е недостаток, имајќи предвид дека авторката од самиот почеток останува доследна на фрагментарноста и на своевидниот мотив на пловидба во кои се остваруваат средбите помеѓу таткото и ќерката, но и на својот наративен глас кој „плови“ низ поглавјата. Овој глас понекогаш е помирен, но почесто е во страв и во многу гнев, чувство на обесправеност, незадоволство, очај, па дури и меланхолија. Романот, и покрај нестабилната структура, има последователни точки со кои нараторката е мапирана во времето и просторот, а ние, под талогот на поетското поигрување, успеваме да го дофатиме нејзиниот живот кој тече. Живот кој е определен со куќата покрај морето, бродот, градот што мириса на „костени и асфалт“, мачката Гузана, военото искуство на нејзиниот татко, лошиот избор на партнери и лошо платени работи. Сеќавањата и разговорите кои нараторката ги има со татка си и со нас најчесто се исполнети со вина и нерешени конфликти помеѓу членовите на семејството. Но, таа се обидува нив да ги помири коментирајќи ги, и со максимално искористување на можностите на јазичното изразување, да го искаже својот суд. Тоа ја покажува умешноста и способноста на авторката да го смести приватното во доменот на универзалното. „Мршојадците...“ се, без сомнение, пример за автентичност во книжевноста, а покажуваат и добар баланс помеѓу „доволна количина интимност“ и „премногу интимност“.

Насловот е индикативен и е поврзан со присуството на птиците мршојадци во животот на семејството. Ќерката е загледана во облаците над нејзината глава и во мршојадците кои се гнездат на карпите над морето, на островот спроти нивниот град.

„Мршојадците се трпеливи птици. Богот на правдата јавал мршојадец. Зороастријците им ги дарувале на овие птици телата на своите мртви. Тие ги носат човечките души на другиот свет. Шаманите ги земаат нивните облици за полесно да се движат помеѓу световите. Како духовно животно, мршојадецот влегува во животот на луѓето кога им е потребна нова насока. Кога има голема промена на Повидок. Се чини дека ние двајца не бевме весници на промени. Се чини дека тие не се заинтересирани за нас. Но, тука на море, кај Велика Врата, ние исто така се движиме помеѓу световите, во нивна Придружба. И во најтешките времиња, исто како нив, остануваме лојални едни на други.“ (стр. 111)

Во „Мршојадци...“ важна улога имаат Медитеранот, летото, едрењето, а таткото и ќерката се одредуваат преку нив. За разлика од таткото, ќерката е позатворена за овој простор, посклона да каже дека морето е најголемото чудовиште. Нивниот свет е всушност просторот на куќата во која сѐ е запрено и во која сите нешта гледаат кон нив. „Предметите во куќата се јас. Ние.“, ќе рече ќерката, и, навистина, од почетокот до крајот на романот, своите најрани сеќавања ќе ги поврзува со предметите и во нив ќе наоѓа траги од татка си, од мајка си и од Волга. Значи, се работи за длабоко интимен роман во кој продорите на реалноста доаѓаат во трошки, но штом дојдат, силата на нивните удари е болна.

„Мршојадци од стариот свет“ преку прикажувањето на растењето на едно девојче на брод, на првата менструација, на раното губење на женската фигура и на животот со нејзиниот татко, прикажува едно суштински женско искуство. Притоа, романот не инсистира експлицитно на никаква светогледна агенда, дури ниту на феминистичка, туку овој импулс органски произлегува од опишаниот заеднички живот на таткото и на ќерката. Разбирањето на сопствената позиција во овој однос е тесно поврзано со темата на целиот спектар на женски позиции, искуства и улоги – улогата на мајка, ќерка, работничка и домаќинка. Тоа се делови од романот во кои авторката во купот поетски слики вметнува и пораки за растењето и станувањето жена на брод, таму кајшто никогаш не ѝ било место. Секојдневието е зона во која хероината ја пишува историјата на своето семејство со сеќавања на периоди во кои таткото бил насилен како и на тешкиот работнички живот. Едновремено, секојдневието се доживува како простор во кој се чуваат сеќавањата на блискоста со мајката и воопшто со жените од нејзиниот живот, па оттаму и мртвите Бугa и Волга кои ја опседнуваат куќата, како утеха и поддршка. Сликата на домот и куќата како една од најмоќните архетипски слики е истовремено и репресивна и утешна за главната хероина.

Иако ќерката изгледа доволно силна и храбра да го издржи она што ѝ се случува, Тулиќ често ни покажува дека таа е зависна од сe’: од куќата, од предметите во неа, од мртвите, од значењето што ѝ го дава околината и конечно од таткото: „Загрижена сум за здравјето на татко ми. (...) Мислам дека ќе нема кого да го прашам за моето минато кога тој ќе умре. За она минато што не го паметам. Или за она што едвај го паметам. Како да знам дека не сум измислила нешто? Татко ми е како чувар на природниот парк, сè забележува и добро го служи сеќавањето.“ (стр. 117) Авторката на тој начин ја определува својата хероина со слабостите, со траумите на заедницата што ја направиле позатворена и поплашлива, претпочитајќи да биде заштитена во просторот на својата тесна соба отколку во некој заеднички стан. Ова е важна тема бидејќи нараторката вака обликувана и влегува во романот, од таа состојба ја започнува својата исповед и ни го покажува сиот свој досегашен живот.

„Не ни насетував каква трајна штета ќе нанесат речениците: не си видела добро, не си запаметила добро, не го кажав тоа, друго сакав да кажам, тоа не се случило, пречувствителна си, ова не е сино (а навистина е, сино е!), тоа е само твој поглед на работите, тоа е само твое мислење, немаш поим што е реалниот живот, ти никогаш, ти секогаш, не се случило, не реков, не сум, не сум, не сум, а е, е и е... Така до бесконечност.“ (стр. 68)

Тулиќ понатаму се обидува да го поврзе физичкото тело со емоционални и други кршови: „Ние не сме родени на погрешно место - токму сме скроени за овој град. Ситни сме, па лесно се провлекуваме помеѓу паркираните автомобили и ѕидовите на зградите.“ Таткото и ќерката се ситни, незабележливи, осамени луѓе и во своите кревки тела носат многу тегобност што не ја делат со никого и секогаш го премолчуваат својот бол. И покрај сè, снагата на нараторката се манифестира преку конечното прифаќање на смртта и на околностите во кои се наоѓа, но овојпат придружено со свеста дека нејзината способност за имагинација отвора простор за одржување на животот и на духот, и дека сето тоа досега многу подалеку од куќниот праг. На крајот, сфаќаме дека таа била онаа која ги држела двајцата, себе и татка си, заедно, и се трудела да се навикнат на животот без мајка и сопруга.

Сепак, „Мршојадци од стариот свет“ понекогаш изгледа како нерамномерна книга бидејќи не сите поглавја се подеднакво интересни, поетски инспирирани, јазично разиграни. Последниве двa моменти се истовремено и најголемиот успех на книгата, бидејќи Тулиќ навистина импресивно се служи со очудувањето со кое ги заокружува извадоците од книгата. Таткото е единствениот кој е целосно вкоренет во реалноста, додека ќерката е задолжена за расчленување на сите семејни важни нешта во коментарите кои излегуваат надвор од границите на реалноста и задираат во полето на сонот, апстракцијата и поезијата. Ми се чини дека одредени екскурзии „од онаа страна“ на јазикот – иако многу убаво конструирани – понекогаш се просто непотребни бидејќи не додаваат ништо ново на приказната, барем ништо што веќе не сме го прочитале. Освен медитативните реченици, со задоволство би читала повеќе за мачката Гузана бидејќи деловите посветени на неа содржат и симболичен („Како што старее, таткото сè повеќе станува мачка“) и комичен потенцијал, тие ја враќаат стварноста на своето место, притоа не одземајќи ништо од добро воспоставениот ритам на романот, а со својата убедливост секако придонесуваат за поголема ангажираност на читателот за самата приказна.

Во секој случај, овој роман е прочистен од голем дел од тривијалностите од кои читателите би се умориле, а предност ѝ дава на чистата емоција – со бол и со по некои среќни моменти. Освен за мртвите, ова е роман за семејството и за неговото исчезнување, но и за прифаќањето на тоа исчезнување, бидејќи тоа произлегува органски од нас самите, како и за силата на една мала и кревка жена да се издигне од урнатините и да го понесе на грб својот болен татко. Хероината ја завршува исповедта подигајќи млад галеб пронајден на улица кого ќе треба да го исчува. „Ова засега е тивка птица“, вели ќерката, оставајќи ги мршојадците и својот поранешен живот на карпите на островот.

Превод на текстот на македонски: Александар Трифуновиќ.

Слики: Eiko Ojala

(Книгата не е објавена на македонски. Насловот на книгата и фрагментите се во превод на Трифуновиќ.)

Текстот е објавен како дел од регионалната иницијатива „Штефица Цвек #3“ спроведувана од Naratorium (Босна и Херцеговина), Pobunjene Citateljke (Србија), Kulturtreger/Booksa (Хрватска) и Коалицијата МАРГИНИ (С. Македонија).