1022 hPa
70 %

7 °C
Скопје - Чет, 13.02.2025 20:59
Психозата и гнило тело
Керис Најтон е дваесет и тригодишна уметница од Јужен Велс која живее со биполарно нарушување од својата единаесетгодишна возраст. Неодамна ја одржа својата прва самостојна изложба на поентилистички цртежи насловена „Исцртувајќи ја биполарноста”.
Таа се надева дека нејзината уметност ќе придонесе за подобро разбирање на различните ментални состојби. Инспирацијата ја наоѓа во дивиот свет, природата, книжевноста и интердисциплинарните истражувања во медицинско-хуманистичките науки, психијатријата и невронауката, декодирајќи ги социјалните конструкции на менталната болест.
Своите манично-депресивни искуства ги преведува во цртежи, за да воспостави комуниција со себеси и светот. Сега, кога подобро се разбира себеси и својата ментална состојба, може визуелно да ги претстави симптомите на биполарното нарушување и да ги направи препознатливи за другите.
Границите на медицински третман
За тоа кои се најважните работи, Керис вели дека според неа најважно е нештата да се прават со посветеност и желба да се даде сѐ од себе, да бидете љубезни и сочувствителни, да ја разберете позицијата на другите. Она што таа вели дека секогаш се труди да го постигне.
Нејзиниот омилен спомен од детството е моментот кога го добила своето прво куче, кого го нарекла Перди. Вели дека тој пес бил нејзиниот најдобар пријател додека растела и дека сè уште и недостига.
Киморт
Во контекст на поддршката која ѝ била достапна како единаесетгодишно дете со биполарно растројство, Керис Најтон вели дека за жал, имала многу малку достапна поддршка.
Недостатокот на свест за биполарното нарушување значело дека нејзините најблиски не сфатиле дека нејзините симптоми укажуваат на ментална болест и за жал, не секогаш ги добивала најдобрите одговори на местата каде што барала помош, како на пример на училиште.
„Требаше да поминам низ обид за самоубиство за да добијам медицинска помош, а службата за ментално здравје на деца и адолесценти ме изневери, бидејќи ми препишаа антидепресив наречен прозак, иако знаеја дека тоа е ризично, дека може да предизвика хипоманични епизоди, а тие не беа достапни за да закажат следен преглед, кога мојата состојба се влоши”, раскажува Најтон.
Некои го опишуваат биполарното нарушување како среќна личност и тажна душа во истото тело. А Керис вели дека е „како да си заглавен во тркало кое постојано се врти, не можеш да го запреш, но можеш да управуваш со него, што е налик на Сизифова работа: Сизиф постојано ја туркал карпата по ридот, само за да може да види дека повторно се тркала надолу”.
Гледано низ нејзиното сопствено искуство, за врската помеѓу биполарното нарушување и креативноста, уметницата смета дека тоа е двонасочна врска: ја поттикнува креативноста, а креативноста помага да се справите со таа состојба. Доживувањето такви екстремни емотивни состојби може да ја подобри креативноста и имагинацијата, а во исто време, креативното изразување го олеснува управувањето со биполарното нарушување.
„Лавица - гордост и достоинство“, од серијата цртежи за дивиот свет
Според изразот кој го користи Керис, може да се претпостави дека уметноста за неа е воедно и форма на терапија. На оваа тема таа објаснува:
„Уметноста ми беше најголема помош во моето секојдневно функционирање со биполарното нарушување. За изработка на цртеж ми се потребни часови и часови, бидејќи секој од нив е сочинет од точки, така што, дури и кога сум во лоша состојба и не можам целосно да се потпрам на моето доживување на реалноста, тогаш сум целосно нурната во цртањето и имам чувство за постигнување некаква цел, поради сето она што се влева во цртежот.
Алиса и змијата
Покрај тоа, уметноста стана мој начин на комуникација. Минатата година во ова време, толку многу се борев отворено да зборувам за она низ што поминувам и на кои начини се справувам со тоа, а дури ни моите најблиски пријатели не знаеја дека не се чувствувам добро.
Додека се борев да го вокализирам сето тоа, најдов начин да се изразам преку уметноста, преку која можам да ги искомуницирам овие емотивни состојби со себеси. Сега тоа можам да го споделам и со другите, надевајќи се дека луѓето што ќе ги видат моите дела ќе можат да ги разберат аспектите на маничната депресија”.
Заштити го гнездото, Заштити го насловот
Околу техниката на цртање која ја користи Керис, наречена поинтилизам, вели дека една од причините зошто го избира поентилизмот е поради тоа што создава еден вид двојност во перспективата. Од далечина можеби нема ни да видите дека сликата е составена од илјадници ситни точки, но како што се приближувате, точкастата текстура е она што привлекува. Се надева дека на овој начин ќе може да ги вовлече луѓето во пораката за менталната состојба во уметноста.
Во коренот
Во творештвото на Керис Најтон можат да се забележат влијанијата од романот Алиса во земјата на чудата” на англискиот писател Луис Керол, и самата таа во една прилика зборува за начинот на кој оваа приказна комуницира со нејзините цртежи:
„Бидејќи моите први халуцинации ги доживеав на рана возраст, уште на 11 години, сфатив дека „Алиса во земјата на чудата” може да ми помогне да разберам што се случува во мојот ум, па затоа се поврзав со Алиса на многу начини.
Поларизација
Искуството во Земјата на чудата и влијанието што таа го има врз разбирањето на идентитетот на Алиса, понекогаш и преку насилните физички манипулации низ кои поминува, хаосот, јазичната дезориентација и отсуството на смисла – дури и во нејзините сетилни активности – сето тоа и самата го доживеав. Со помош на Алиса почнав да разбирам што ми се случува и сè уште ѝ се навраќам одвреме-навреме”.
Меѓу уметниците кои најмногу влијаеле на нејзиното творештво, Керис ја издвојува својата мајка и вели дека отсекогаш најмногу се угледувала на нејзината уметност и дека се надева дека ќе успее да се приближи до нејзините достигнувања.
Голем пердувест греб
Зборувајќи за коментарите, согледувањата и впечатоците кои најчесто ги добива од публиката Најтон вели дека била изненадена од бројот на луѓе кои плачеле на нејзината изложба: „Навистина не сакам никого да направам несреќен/на, но неверојатно е колку луѓето се трогнати од емоцијата на уметничкото дело и пораката која стои зад него. Се надевам дека тоа значи дека ја постигнувам мојата цел, дека ги охрабрувам луѓето да размислуваат и зборуваат за менталните состојби и дека уметноста ја подига свеста за биполарното нарушување”.
Меѓудругото, целта на творештвото на Керис Најтон е да ги поткопа погрешните сфаќања за биполарното нарушување, при што често се соочува со одредени заблуди. Kaко една од најголемите заблуди го истакнува мислењето дека биполарното нарушување се менува брзо.
Две тела
„Брзите циклуси се карактеристика на ова нарушување, но дури и тогаш станува збор за екстремни и тешки емотивни состојби, промената на расположенијата не е толку брза како што се мисли. Моите искуства со депресивни епизоди траат помеѓу шест и осумнаесет месеци, а хипоманијата околу три или четири месеци.
Проблематично е што луѓето мислат дека биполарното нарушување се карактеризира со брзи промени, бидејќи тогаш оваа состојба се поистоветува со занемарливи промени во расположението, со што се потценува сериозноста на состојбата, а тоа истовремено го отежнува утврдувањето на симптомите и барањето помош.
Друг фактор е широкиот спектар на симптоми, на пример, многу луѓе се изненадени кога ќе слушнат колкав е опсегот: од когнитивна дисфункционалност, преку преоптоварување на сетилата, до губење на меморијата”, објаснува Најтон.
Уметницата Керис Најтон споделува и неколку лични совети и трикови за управување со биполарно растројство во секојдневниот живот:
Спиј мирно
„Водењето дневник на расположенијата е навистина важно. Се трудам да забележам што е можно повеќе информации, бидејќи дури и кога не можете да ги идентификувате проблемите во моментот на пишување, зашто се наоѓате во лоша фаза, кога ќе погледнете наназад, дневникот може да ви помогне да ги воочите претстојните проблеми. Ова го олеснува преминот помеѓу епизодите. Мислам дека е важно секогаш да се трудиме да бидеме максимално подготвени, колку што е можно, бидејќи состојбата може брзо да се влоши. Тоа го научив на потешкиот начин и сега сум навистина внимателна по тоа прашање”.
Керис Најтон испраќа важна порака до сите оние кои се соочуваат со проблеми слични на нејзините: „Би рекла дека една од најважните работи е да пронајдете нешто во кое ќе се изгубите, за да зачекорите во своето безбедно место. За мене тоа е уметноста!”
Нарушен/а
Извор: https://portaloinvalidnosti.net