По 25 години напорна работа, се повлекуваме

03.10.2024 01:07
Се повлекуваме (соопштение)

 

Соопштение

Nomen est omen принципот имаше големо влијание врз нашиот начин на работа, но „ремонтот“, кој подразбира аналогна логика и поврзување различни елементи кои заедно, усогласувајќи се, сочинуваат цел механизам, веќе не е функционален во дигиталната доба.

По 25 години напорна работа, решивме да се повлечеме!

На 1 октомври 1999 година, Ремонт НУА (Независна уметничка асоцијација) го основаа уметници и историчари на уметноста, со намера да создадат динамична и независна вонинституционална рамка за професионална размена на знаења и искуства. Додека постоевме, со здружување на личните капацитети и ангажмани, се занимававме со актуелните проблеми, подобрување на условите и начините на работа на современата визуелна и независна уметничка сцена. Преку различни изложбени и други формати, експерименти, формални и неформални дебати, преку поврзување со истомисленици, ја преиспитувавме улогата што уметникот и уметноста ја играат во современата општествено-политичка средина и во системот. Се обидовме да ги следиме промените и да користиме современи алатки, но свесни сме дека околностите се сменија.

Современата уметничка пракса заснована на преиспитување на општествените вредности, размислување, анализирање, таргетирање проблеми, субверзија на хипокризијата и несогласување со политички прокламираните вредности, е потисната во јавниот простор со комерцијализацијата, медиокритетствата во форма на „убава декоративна уметност“, продукција на еднократни настани и краткорочни „проекти“ со сомнително значење, од една страна, и со банален активизам, од друга. Ваквата замена на тези, поддржана од културните политики и медиумите, создава слика во пошироката јавност дека сè е во ред.

Пропагирањето и величањето на идентитетот заснован на банализирање и злоупотреба на постулатите на националните вредности, инсистирањето на партиска припадност, маргинализирањето на критичката мисла, буџетското финансирање на „подобните“ во локален контекст и ригидните услови и критериуми на странските донатори, ги загрозија нашата мотивација и верата во значењето на борбата за подобро разбирање на силата и значењето на современите уметнички пракси. Одамна се откажавме од европските и слични донаторски конкурси кои експлицитно ги поставуваат темите и форматите, инсистираат на формално партнерство, ја оптоваруваат администрацијата и го кастрираат развојот на различните (реални) потреби и капацитети. Вредноста на препознаеноста на организацијата врз основа на тоа што го прави и како работи, и ја прави кандидат за донаторска поддршка, е условена од смислувањето НОВО И НОВО, на штета на воспоставувањето стабилност, развој и подобрување на постигнатото. Овој апсурд преоптоварува, исцрпува и не само што доведува до прегорување туку и ја обесмислува суштината.

Во средина оптоварена со хипокризија на сите нивоа, верувајќи во значењето и силата на индивидуалната креативност и колективна работа, неоптоварена од пазарот, креативните индустрии, однапред дефинираните инпути и политичките определби, не можеме и не сакаме да се согласиме со ваквите трендови и услови за работа.

Без да се откажеме од нашите верувања и системот на вредности, се повлекуваме и преминуваме во модус на преиспитување и прегрупирање.

Им се заблагодаруваме на пријателите, колегите и сите кои нè поддржуваа и вистински нè разбираа. На сите останати им велиме: „Довидување и благодариме за рибите“. [*]

[*] Даглас Адамс, Автостоперски водич низ галаксијата

Извор: Ремонт - независна уметничка асоцијација

Слични содржини

Општество / Јавни простори / Уметност / Око
Општество / Активизам / Балкан / Историја
Општество / Активизам / Стрип / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Стрип / Култура / Уметност
Активизам / Уметност / Око

ОкоБоли главаВицФото