„Во хаосот радост“: Поетски инает

03.10.2024 14:17
„Во хаосот радост“: Поетски инает

(Во хаосот радост, Калиа Димитрова, самоиздата, 2023)

Книгата „Во хаосот радост“ од Калиа Димитрова е една од добитничките на признанието Штефица Цвек #3.

Работата на критичарот не е некоја посебно тешка, искрено. По читањето и промислувањето, белешките и останатите пропратни работи кои се подразбираат, останува малку ризик. Може да погодите или да промашите, да сте погрешно разбрани или неразбрани, но фокусот врз критичарскиот текст не може да се мери со оној врз самото дело кое е предмет на анализа. За пишување, всушност, треба храброст; за пишување поезија — особена храброст.

Македонската книжевна продукција дефинитивно доживува подем во последните две децении. Сѐ повеќе македонски авторки и автори се објавуваат, сѐ повеќе пишуваат и сѐ повеќе освојуваат регионални, европски, па и светски награди. Од една страна, поезијата со Никола Маџиров и неговата застапеност во светските поетски кругови ја отвори вратата на новата литературна продукција од Македонија. Од друга страна, прозата забележува сѐ поголем процут, а со успехот на Румена Бужаровска како еминентна и позната авторка во регионални и европски рамки, преку останатите кои изнедруваат сѐ поквалитетен пишан збор, јасно е дека ова е златно доба на македонската книжевна сцена.

Калиа Димитрова е родена во Скопје, авторка е на есеи, колумни и две збирки поезија: „Вештерките денес“ (2018, Темплум) и „Во хаосот радост“, за која ќе стане збор во овој текст. Димитрова е основачка и уредничка на дигиталната феминистичка платформа „Медуза“, како и членка на поетската платформа „Версополис“.

„Во хаосот радост“ е нејзината нова збирка поезија, која е поделена на три дела, три тематски единици во кои преовладуваат песни со условно кажано сличен хабитус, слична структура и слични потраги на лирскиот субјект, кој низ преиспитувањата на своите чувства и желби ги доведува во прашање поредоците на секојдневието кое го живееме. И трите дела „Чија си ти“, „Дома е далеку“ и „Сонувајќи пронајде начин да преживееш и беше полна со радост“ пулсираат со ист поетски јазик и мисла. Динамиката на стихот е разгранета и слободна, со слична доза на ангажираност, референцијалност и извесен херметизам. Во првиот и третиот дел има по девет песни, додека во средниот — шеснаесет; значи 9:16:9 повеќе би можело да се поврза со некаков формат на екран кој во својот сооднос овие бројки ги подразбира како на секои 15 мерни единици на должина да доаѓаат 9 мерни единици на висина. Тоа важи за мониторите, а ако знаеме дека кај мобилните телефони се користи и обратниот сооднос 19:6, оваа форматска формула на подредување на бројот на песни кај Димитрова (9:16:9) може да се толкува како можност да го вртиме „поетскиот екран“ како сакаме и дека сепак ќе ја добиеме истата поетска слика. Друго значење на оваа симетрија во овој момент не можам да најдам, ако воопшто се работи за интенционален потег на поетесата. Одиме ние сепак кон многу побитната димензија на оваа поезија — нејзината содржина.

„Во хаосот радост“ е збирка во која отсуствуваат стихови што доминираат со експлицитен хаос и радост. Иако реферираат на современото, кое може да го доживуваме хаотично, сепак тие во својата структура и мисла се прилично кохерентни и прецизни. Од друга страна, може да се препознаат контури на имплицитна желба за радост, но доминантно чувство (а во поезијата со мирна душа може да зборуваме за „чувство“) во стиховите на Димитрова е една иманентна тага и меланхолија. Во песната „Сѐ по старо?“ стојат стиховите:

„ноќва сите ја постираат полната месечина,
се ѕверам угоре како отворена дланка,
но сè што ме гледа е една неодлучна неонка.“

Отуѓеноста и осаменоста под неонката што трепка е чувство кое лирскиот субјект го поврзува со виралноста на овие емотивни состојби како глобален феномен во време кога е тешко да се одреди дали социјалните мрежи се извесен симулакрум на реалноста или реалноста сама. Наместо на својот timeline од профилот, лирскиот субјект ја сака полната месечина „дрпната и ставена на тацна за јадење“.

„Сè што беше лошо се случи преку ноќ и остана во порите.
Сè што беше добро, не знаев кога се случувало.“

Со овие стихови завршува песната „Толку долго бев млада, а стара сум уште подолго“, во која е јасно видлива ламентација над пропуштените работи или случувањата кои се дел од минатото. Најексплицитен пример за меланхолијата во стиховите на авторката е истоимената песна „Меланхолија“, каде се значајни стиховите „дали јас го спасив ежето или тоа ме спаси мене“. Во сржта на песната е интроспективноста на лирското јас, кое го преиспитува односот со партнерот, преку доведување на прашање на своите чувства и константно миксање на она што е можна реалност со перцепцијата на субјектот. Дали партнерот немал пари за букет цвеќиња или бил мрзелив и му било срам да шета со него, се две страни на истата паричка која ја иницира тагата на лирскиот глас во песната. Меланхолијата е секако тука, а сите случувања околу неа се само артикулација на нејзиното присуство. Ежето е туѓинец кој упаѓа во тој свет и асоцира на живот вон границите на истиот. Затоа неговото спасување е спасување на самата себе.

Било да е поврзана со глобалниот тренд на отуѓеност и безизлезност (впрочем, живееме во време кога минатото е поспекулативно од иднината и не можеме да замислиме подобри опции за истата освен апокалипса), или е внатрешен и неделив психосоматски елемент на лирскиот субјект, меланхолијата е тука и видно влијае врз перцепцијата на светот. Таа перцепција, пак, од друга страна, е силна особина на оваа поезија бидејќи изобилува со проникливост на посматрањето и храброст во вербализирањето на истото.

„Живееш газејќи по јајцеви лушпи и
веруваш на приказни за мртвите нешта,
префини за твоите тромави, испотени шаки.“

Овде, лирскиот субјект прави остра и прониклива критика на општествените норми и ритуали. Симболот на „јајцевите лушпи“ ја отсликува кршливоста на социјалните конвенции, додека „мртвите нешта“ укажуваат на наметнатите очекувања кои се бесмислени и безживотни. Субјектот ја разобличува заблудата за префинетоста на традиционалните вредности, спротивставувајќи ги на своите лични и несовршени искуства. Димитрова е доволно храбра во „Луткица од Базар“ да наведе: „Губам апетит. Пред огледалото набљудувам како бавно исчезнувам и не сакам да си признаам колку сум задоволна што сум ужасно слаба. Можам ли да станам толку слаба, да мора некој друг да се грижи за мене? Фантазија која е срамота да се помисли, а камоли да се напише.“

Проникливоста во набљудувањето на реалноста оди рака под рака со неизбежната урбаност, речиси во секоја песна, која не се срами од себе пред налетот на must-do натурализмот на денешницата, каде е скоро па грев да го сакаш градскиот метеж и разновидноста на човечките појави кои го обликуваат. На сето тоа, Димитрова ја апострофира и својата црвенобуржоаска димензија, рамо до рамо со сите други особини:

„Моите среднокласни влашки
и црвенобуржоаски корени
и гордоста на мајка ми
што секогаш бевме шик
од глава до пети во Магнолија.“

Оваа одважност во содржината на нејзините песни не може да се гледа одвоено од бунтовноста и инхерентниот феминизам со кој се проткаени стиховите на Димитрова. Ова потсетува на фактот дека феминизмот нужно оди со бунтовност и револуционерност, која не познава граници на социјален статус или која било друга припадност. Феминизмот во стиховите на Димитрова е природно вграден и е доказ дека тој произлегува од нејзината внатрешна бунтовност, а не од нејзиниот статус или од потребата за некаква статусна самоактуелизација. Во „Чија си ти?“ или „Жена која не мора да прави ништо“ се очигледни и лесно воочливи критичките елементи на сметка на традиционалните женски улоги и репресивното воспитување што ја обележува женската сексуалност, анксиозноста што произлегува од очекувањата за улогата на жената во општеството итн. Меѓу „Девствените самоубиства“ и сите други минимизирања на женската реалност од страна на машката перспектива („Диви кози“), меѓу тематизирањето на пасивната женска улога и неслободата во сексуалното изразување („BDSM“), како и желбата за емоционална и физичка слобода („Сонувајќи виде начин да преживееш“), се истакнува една друга секвенца во оваа збирка. Се работи за песната „Треба многу да се сакаат мажите“:

„Треба многу да се сакаат мажите. Многу, многу.
Многу да се сакаат, за да ги сакаме.
Без тоа, не би било можно, не би можеле да ги поднесеме…“

Истакнувањето на репресивната идеја дека жената мора да вложи значајна емоционална енергија во „сакањето“ на мажот за да може да го поднесе не го покажува анимозитетот на жената кон мажот, туку го доведува во прашање нерамноправниот однос и улогите што им се доделуваат на жените во однос на мажите. Тоа е суштината, ми се чини, на феминизмот.

Во песните „Како на сон“ и „Ноќен лептир“ (и во уште најмалку две песни) се појавува како клучен мотивот на пеперутката, кој алудира на сестрите Мирабал и групата „Пеперутки“ наречена според подземното име на Минерва. Ова, по мое мислење, се двете најсигнификативни и феминистички, идеолошки и симболички најбогати стихови во збирката. Од една страна, бунтовништвото во „Ноќен лептир“ плени со својата директност и пробивност на стиховите. Од друга страна, во „Како на сон“ се соочуваме со уште еден слој на оваа збирка, кој се однесува на намерата на авторката низ порите на тагата, своевидниот сплин и огорченост, да го провлече копнежот за подобра алтернатива на иднината:

„Побарав пеперутка,
а ти ми нацрта прецизен и детален приказ
на инсект со пипци и влакна.
Сè што сакав јас
беше да си го држам сонот.“

Пеперутката е тука симбол, пред сè, на внатрешни промени, кои не наидуваат на разбирање од другата страна.

Не помалку битна димензија е и хуморот во стиховите на Димитрова. Хуморот во збирката „Во хаосот радост“ е суптилен и често саркастичен, користен како средство за преиспитување на општествените норми и личните искуства на лирскиот субјект. Овој хумор не е секогаш експлицитен, туку се појавува во форма на иронични коментари и мали искривувања на секојдневните ситуации. Но, пред сѐ, хуморот во оваа збирка е природен нејзин елемент, сосема компатибилен и природен на сензибилитетот на поетскиот израз.

Во една прилика, македонскиот писател и поет, професорот Влада Урошевиќ наведе дека поезија денес, ако ништо друго, треба да се пишува од обичен инает кон меркантилноста на светот во кој живееме. Не можам да најдам подобар изговор за вибрантноста на оваа збирка, од меѓу другото, и еден поетски инает кој Димитрова го поседува. Нејзината збирка е полна со отпор, остроумност, изгладеност во изразот, современост, но и љубов. Вистинска љубов, ослободена од патетика и полна со здрав и иновативен хумор, бидејќи само со хумор можеме да зборуваме за сериозните нешта.

Слики: Changyu Zou

Текстот е објавен како дел од регионалната иницијатива „Штефица Цвек #3“ спроведувана од Naratorium (Босна и Херцеговина), Pobunjene Citateljke (Србија), Kulturtreger/Booksa (Хрватска) и Коалицијата МАРГИНИ (С. Македонија).