Новата економска трилема

04.10.2024 00:01
Новата економска трилема

Во 2000-та година напишав шпекулативен текст за „политичката трилема на светската економија“, како што ја нареков тогаш. Тврдев дека напредните облици на глобализацијата, националната држава и масовната политика не можат да коегзистираат. На крајот, општествата се определуваат за (најмногу) за два од трите облици.

Сугерирав и дека националната држава ќе биде таа која на подолги патеки излегува од комбинацијата. Но не без борба. Краткорочно гледано, поверојатен ефект би бил владите да настојуваат повторно да го потврдат националниот суверенитет, за да се позанимаваат со предизвиците на глобализацијата во дистрибуцијата и управувањето.

На мое изненадување, се покажа дека трилемата имаше солиден одек. Во книгата „Парадоксот на глобализацијата“, објавена деценија подоцна, подлабоко ја разработив оваа идеја. Концептот на трилемата стана корисен начин за да се разберат низа појави: негативната реакција на хиперглобализацијата, излегувањето на Британија од Европската унија, подемот на радикалната десница и иднината на демократијата во ЕУ, меѓу другото.

Во последно време ме преокупира уште една трилема. Таа се однесува на непријатните шанси дека можеби е невозможно истовремено да се бориме против климатските промени, да ја поттикнуваме средната класа во напредните економии и да ја намалиме глобалната сиромаштија. Според моменталните политички текови, се чини дека која било комбинација на две цели ѝ оди на штета на третата.

Во раните повоени децении политиките во развиениот и неразвиениот свет подеднакво ставаа акцент на економскиот раст и домашната општествена стабилност. Напредните економии изградија големи држави на благосостојбата, но исто така прогресивно ги отвораа своите пазари за извоз од сиромашните земји, сè додека можеше да се управува со дистрибутивните и општествените последици. Резултатот беше инклузивен раст во богатите земји, како и значајно намалување на сиромаштијата во оние земји во развој кои водеа правилна политика.

Колку и да беше успешна стратегијата, ги занемари ризиците од климатските промени. Со текот на времето стана сè потешко да се игногираат последиците од економскиот раст заснован на фосилните горива.

Повоената кејнзијанско-социјалдемократска спогодба во развиените економии беше дополнително раскината со внатрешните контрадикции на првобитната трилема. Кога хиперглобализацијата го замени претходниот модел од Бретон Вудс, пазарите на трудот во напредните економии доживеаја големо нарушување, поткопувајќи ги средната класа и самата демократија. Двата развои бараа нови стратегии.

Во САД, администрацијата на претседателот Џо Бајден директно се занимаваше со ваквата нова реалност и промовираше значајни вложувања во обновливи извори на енергија и во зелените индустрии за борба против климатските промени. Исто така, свесно беше поставена целта за обнова на средната класа со промоција на преговарачката моќ на работната сила, пренасочување на производството и создавање нови работни места во областите кои беа тешко погодени од увозот од Кина.

Беше крајно време за таков нов фокус кон климата и средната класа. Но она што американските и европските креатори на политики го гледаат како неопходен одговор на неуспесите на неолиберализмот, на сиромашниоте земји им делува како атак на нивните развојни шанси. Поновите индустриски политики и останатата регулатива често се дискриминаторни и се закануваат дека ќе го запрат влезот на стоки произведени во земјите во развој.

Зелените субвенции во САД го поттикнуваат користењето домашни ресурси на штета на увозните. Механизмот на ЕУ за одредување на цената на емисиите на јаглеродот наскоро од „валканите“ извозници од земјите во развој ќе бара да платат дополнителни царини. Владите во сиромашните земји веруваат дека таквите мерки ќе ги саботираат нивните напори да ја следат извозно ориентираната индустријализација на источноазиските земји.

Можеме да замислиме алтернативна комбинација на политики, фокусирана на сиромашните земји и климата. Тоа би подразбирало голем трансфер на ресурси - финансиски и технолошки - од север кон југ, за да се обезбедат неопходните вложувања во прилагодувањето и ублажувањето на климатските промени.

Исто така би барало значително поширок пристап до северните пазари за стоки, услуги и работници од сиромашните земји од југот, за да се подобрат економските шанси на работниците. Таквата конфигурација на политиките е морално привлечна; практично би ги применила принципите за правда на филозофот Џон Ролс на глобално ниво.

Но и тука трилемата ја покажува својата грда страна. Таквиот пристап би одел контра императивот за обнова на средната класа во напредните економии. Тоа би создало многу поголема конкуренција за работниците без високо образование или стручни дипломи, намалувајќи им ги платите. Исто така на овие земји би им ги намалило фискалните ресурси за вложувања во човечки капитал и физичка инфраструктура.

За среќа, некои од овие конфликти повеќе се претпоставени отколку реални. Конкретно, креаторите на политики во напредните економии и сиромашните земји подеднакво мораат да сфатат дека поголемиот дел од добрите работни места на средната класа во иднина ќе мораат да доаѓаат од услугите, а не од производството. А економскиот раст и намалувањето на сиромаштијата во економиите во развој ќе бидат поттикнати главно со отворање попродуктивни работни места во нивните услужни сектори.

Секторите кои ја впиваат работната сила, како што се негата, малопродажбата, образованието и другите лични услуги, главно се насочени кон внатрешниот пазар. Нивното промовирање не создава трговски тензии на ист начин како во производните индустрии. Тоа не значи дека конфликтот помеѓу императивот за средната класа во богатите економии и императивот за раст во сиромашните земји е помалку сериозен отколку што се чини на прв поглед.

Слично на тоа, ќе биде практично невозможно да се занимаваме со климатските промени без значајна соработка со земјите во развој. Додека емисиите од САД и Европа опаѓаат, емисиите во земјите во развој сè уште растат, некаде нагло, а нивниот придонес за глобалните емисии (без Кина) наскоро ќе надмине 50 проценти. Затоа на богатите земји им е во интерес да ја промовираат политиката за зелена транзиција како дел од стратегијата за раст во сиромашните земји, а не само како чист трошок.

Климатските промени се егзистенцијална закана. Големата и стабилна средна класа е темел на либералните демократии. А намалувањето на глобалната сиромаштија е морален императив. Би било страшно ако мораме да се откажеме од која било од трите цели. Сепак, нашата актуелна политичка рамка наметнува, имплицитно но моќно, трилема која изгледа дека е тешко да се надмине. Успешната постнеолиберална транзиција од нас бара да формулираме нови политики кои не прифаќаат такви компромиси.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Oguz Gurel

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото