Преполниот паричник на лагата

04.10.2024 08:57
Преполниот паричник на лагата

(Кон претставата „Мистер Долар“, по комедијата на Бранислав Нушиќ во режија на Милош Лолиќ, а во продукција на Народниот театар од Белград, Србија. Главни улоги: Недим Незировиќ, Радован Вујовиќ, Теодроа Драгиќевиќ, Јован Јовановиќ, Александар Вучковиќ)

Погледот врз паричникот секогаш нѐ прави или многу задоволни или многу несреќни. Тие се крајностите што на многу значаен начин ни го обележуваат општествениот и социјален статус и конечно нѐ водат во голем прогрес или во неврат. Тие се воглавно премисите на комедијата „Мистер Долар“ на Бранислав Нушиќ чија сатира е остра како и во другите негови ангажирани комедии, но од друга страна, во драматуршка смисла, тоа е една од комедиите на кои им се обратило најмало внимание и е конечно, најмалку изведувана. Проблемот што го третира оваа комедија која има многу горчлив вкус е совршено референтен на денешното меркантилиевско и транзитивно општество и на неговото расклатено социјално опкружување. Не би рекол дека на Периша Перишиќ како драматург на претставата и на Милош Лолиќ како режисер им било проблематично да го донесат овој текст во денешно време, но би рекол дека нивната интервенција и радикализација прилично легнала врза базичната драматика на Нушиќ, а интимно и на потписникот на овие редови.

Овој „Мистер Долар“ на Лолиќ е многу вревлив и многу динамичен. А зошто не би бил кога тоа во овие општества го дозволуваат само парите. Кога говориме за „парите“ се чувствуваме многу банално затоа што нивното споменување е крајно колоквијално, но овде, во ова милје на континуиран „рејв“ и извонредно поставената „индолентност“ на ликовите, тој збор има крунска положба.

Имено, Лолиќ во блескотната визуелизација на претставата и „рејвот“ во кој потонуваат сите ликови, дури и кутрата наивна Маришка ја пронаоѓа еклектиката на денешното хедонистичко самоубиство на човекот на дваесет и првиот век. И е сосема во право. Ликовите на Нушиќ влетуваат и излетуваат од сцената опијанети од алкохол и дрога и се размавтуваат со лажното заедништво кое го размрдува ненадејната вест на Матковиќ дека младиот келнер Жан пред малку избркан од ноќниот клуб е наследник на милионски суми. Секако, тука Лолиќ не ја пресекува динамиката на дејствието, напротив, тој продолжува со вревата до највисоки граници која на својот врв, на крајот на претставата ја донесува нејзината трагика обвиткана во вообичаеното насилство со кое земјите од нашиот западен Балкан се соочуват секојдневно. Во овој концепт бучноста и алкохолното и наркотично лудило се алма матер заедно со превртените празни паричници кои се пополнуваат веќе следниот ден од сомнителни зделки. Младиот кленер Жан во режијата на Лолиќ се обидува да влезе во целата таа приказна, но безуспешно, што не е многу далеку од Нушиќ, но е многу блиску до нас и тоа е, се чини оставената реликвија на авторот во претставата која напати има и антологиски сцени (како што се сцената со солариумот).

„Мистер Доалр“ на Милош Лолиќ импонира со својата релевантност и порака, но ова е и претстава каде што кулминира колективната актерска игра во која се издвојуваат неколку актерски индивидуи. Жан во интерпретација на Недим Незировиќ е фино кооптирање со ликот на Нушиќ со тоа што овој млад актер успеал да ја додаде и современата нитка на соживување на Жан со настанатата ситуација и тоа е одлична состојка на овој лик кој и во драматургијата на Нушиќ и во режијата на Лолиќ е главен лик за кого повеќе се зборува отколку што го има на сцена.

Вистинскиот стамен лик е оној на Матковиќ, церемонијал масторот на целата игра со наследството и парите кој одлично го толкува Радован Вујовиќ, актер чиј сензибилитет и острина се скоро и двигатели на целото дејствие. Радован Вујовиќ со голема прецизност и умешност гради лик кој е сосема индиферентен кон парите и поиграувајќи си со нив, всушност ни покажува колку судбината може да си поигра со нас, онаа што ја наметнуваат мрачните околности на општеството. Овде некако би го додале и ликот на Маришка на Теодора Драгиќевиќ, единствениот, би рекол, „неизвалкан“ лик на девојка која искрено го сака својот Јован (Жан) не обрнувајќи внимание на финансиите. Овде и Нушиќ и Лолиќ ја оставиле таа оаза на вистинската љубов која сакале или не, еден ден ќе се случи и ќе го избрка ѓаволот на лагата, па така оваа малда талентирана актерка на сцената многу храбро донесува лик на наивно девојче кое не робува на лажната скромност и лакомоста.

Колективната игра е главната координата на оваа претстава, па така голем број на млади актери и актерки понесоа завидна актерска енергија која одбележува време кое не се помрднало многу од местото кога станува збор за овие места од земјината топка. Обезличени, но окарактеризирани по своето социјално обележје, овие ликови го оформуваат чудовиштето на парите и паричниците, картичките врз кои се редат линиите дрога и врз кои се истура алкохолот кој го извиличуваат човекот.

Што се однесува до визуеланиот аспект на оваа претстава би рекол дека и тука станува збор за една многу остра радикалност која е обележана со висок колорит, особено во сјајните костимографски решенија на Марија Марковиќ Милоев кои повремено потсетуваат на модата од времето на диската во седумдесеттите години, како и во идејното сценографско решение на самиот режисер кое со доминацијата на пирамидата на празната сцена потсетува на една прилично фарсично сфатена автократија на која ликовите и тоа како успеваат да се адаптираат. Секако дека еден од најдоминантните сегменти на оваа претстава е музиката која е сеприсутна на сцената (повремено дури и го покрива текстот), дело на композиторката Невена Глушица, музика чија динамика ја диктира и динамиката на целата претстава. А тука се и атрактивните кореографски парчиња на Ирена Максимовиќ.

„Мистер Долар“ на Милош Лолиќ е модерно видување на горчливата комедија на Бранислав Нушиќ чија иновативност е токму во вештото метаболизирање на оваа драматургија во денешните „чистилиша“ кои никако да запрат. Да, се чини дека е тоа и пораката на овој многу интересен театарски режисер: дека измамите што ги носат парите се мимикрија за привидниот мир кој се топи во бучавата на хедонизмот и во сеопштата деструкција. Мислам дека треба да му веруваме.

Фото: Архива на Народен театар, Белград