1035 hPa
80 %
0 °C
Скопје - Саб, 18.01.2025 08:59
ИЗМОРЕНА СУМ
Убавината и младоста,
храброста и радоста,
ги оставив на шалтерите на гадоста.
На студентски шалтерот беше прв,
ми исцица доста крв.
Потоа следеше шалтерот за вработување,
редовно пријавување и одјавување.
Па шалтери за данок, за кредити, за рати,
за мобилен, за пензии, за плати...
Си чекав јас со саати.
Многу љубат шалтерџиите да ме гледаат,
па учтиво ме враќаат, препраќаат,
или вреѓаат.
Кога ќе се доближам до шалтер срцето ми бие,
во папирите некоја грешка да не се крие.
Стварно ми паѓа тешко,
престрашена сум да не заборавам нешто.
Ако на неправда сум сведок и решам да тужам,
допрва низ шалтерскиот пекол ќе кружам.
Паричникот ќе претрпи огромна штета,
психофизички ќе се истрошам сета.
Поарно не.
И така доаѓа до нужното зло
на ова бирократско тло,
во ова модерно време
никнато од перфидно семе
кое толку те изморува
што на пасивна послушност те приморува.
Исцедени, истрошени сите,
наведнати, влечејќи се, ги минуваме дните.
Тоа е.
КЛЕТИ ФАКУЛТЕТИ
Заврши факултет,
прочита за целиот свет.
Духовно се воздигна.
Свеста ја подигна.
Сега стои сам на улицата,
со поглед вџашен,
со живот страшен.
Тажна мелодија
на апсурдот рапсодија.
Моли тој за парче леб
од светот што кон него е слеп.
Колку само убаво раскажуваше,
колку сликовито нештата ги прикажуваше!
Срцето ме боли и ме стега штом се сети
дека ваквите судбини воопшто не се ретки.
Не знам, можеби и мене ме чека слична иднина,
во нашата, како што ќе ја нарече Шопов,
тажна Небиднина.
ИДНИНА
Од негде смрди на јаболки трули,
а ветрот не престанува да струи.
Реа во нос ми иде: „Со светот што ќе биде?!“
Жолт питон ме стега, обвиткува,
утробата ми ја превиткува.
Сè немилосрдно ротира,
секој чекор ми се блокира.
Ушите ми чкрипат, ѕвонат,
мислите во лавиринти ме гонат.
Конфузија светот ми прати
низ толку многу врати!
Една врата води кон друга,
на неизвесната иднина сум слуга!
ДОСАДА
Ми треба Новото,
да го допрам,
да го вкусам,
да го видам.
Не сакам олку
очајна да бидам!
Американските серии
редовно ги гледам,
сторињата на инстаграм
верно ги следам.
Општествово ме убива секој ден,
сирово и без глутен.
Апатија!
Без идеали, отсечени,
луѓето не можат да се зближат,
сè помалку мисли
во умовите им се движат.
Безживотно преживуваат
и многу им е досадно.
Толку многу што дури е опасно!
Го сакам новото, да го вкусам,
да го допрам, да го видам,
да ја растерам досадата
и радосна да бидам.
ВО СЛУЧАЈ ДА СТАНАМ СЛАВНА
Не ми треба слава
ако загубам глава,
ако почнам да се клештам и церам
и во огледало да ѕверам.
Не ми треба слава
за на себе да се насладувам,
туку сакам на животот да му се радувам.
Тивката вода брег рони,
а славата само бучи и ѕвони.
Затоа не мора за мене да се зборува
и секој втор да ми се додворува,
сосема сум во ред и вака
не ми треба дополнителна мака.
Не ми треба слава, нешто лажно и тажно,
слободата е она што ми е важно!
Слики: Claudia Koh
Стефанија Граовац (1989) учела во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, а факултет завршила на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Има работно искуство во маркетинг секторот, односите со јавност и јавното говорење. Се бори за правата на психички болните лица ( организација „Мисла“), и член е и на „Европската платформа против сиромаштија“. Во слободно време пишува, медитира и танцува.