1030 hPa
45 %
16 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 11:59
На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржат свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2024 година и промоцијата на победничкиот роман „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски.
На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман ќе се обрати жирито во состав: проф. д-р Наташа Аврамовска (Институт за македонска литература), проф. д-р Ермис Лафазановски (Институт за фолклор, писател) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“). Промоторка на книгата ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
Наградата „Пегаз“ по шести пат ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
„Ехото на акробатите“ повеќе е граматика на љубовта, отколку што е љубовна приказна. Не напуштајќи ја својата препознатлива раскажувачка поетика базирана на љубовта со сите нејзини убави лица и грди опачини, авторот Владимир Јанковски овојпат подлабоко загребува и во општеството и во семејните односи.
„Ехото на акробатите“ е скршена семејна фотографија со татко во центарот и деца расфрлани по периферијата, наративна сложувалка со 100 „глави“ и недоброј значенски „опашки“. Со мајсторски минимализам и кристално избрусен стил, Јанковски филмски ја измонтирал приказната за тагата и празнината, за успехот и неуспехот, за подемот и падот на едно семејство... со досетливи, длабоки и незаборавни кадри и резови.
Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.