Повик за учество во работилници „Хефест“

07.10.2024 12:44
Повик за учество во работилници „Хефест“

Граѓанската организација „Пркос“ објавува повик за учество во серија тематски и вклучувачки работилници кои ги нарековме „Ковачница Хефест“*. Тие се бесплатни и ќе се одржуваат во наредните шест месеци, на две недели. Наменети се за возрасни луѓе со физичка попреченост и без попреченост и со желба за „ковање“ пркосен дух. На нив ќе читаме книги, ќе гледаме филмови, ќе пишуваме есеи, ќе анализираме, ќе полемизираме…

Целта ни е преку овие работилници да ги поврземе двата различни света, да ги доближиме и да понудиме начини на меѓусебно разбирање преку дружење, запознавање, разменување вештини и суштини. Всушност, да се надградуваме интелектуално, да практикуваме да размислуваме критички, да сочувстуваме и да се изразуваме (говориме и пишуваме) креативно.

Работилниците ќе ги осмислува и води Никола Гелевски, главен уредник на книгоиздателството „Темплум“ и на порталот „Окно“, каде што има многу прилози за попреченост кои можат да се погледнат на следниот линк

Работилниците ќе се одржуваат во просториите на Пркос, на улица Ванчо Мицков 7А/2, Тафталиџе 2, Скопје. Максималниот број на учесници во работилниците е десет, а крајниот рок за пријавување е 10 октомври. Ова е мејлот каде што е можете да се пријавите и да ни дадете повеќе информации за себе: prkosime@gmail.com

*Хефест е еден од дванаесетте богови од Олимп, божествен ковач, бог на огнот и надарен занаетчија, мошне почитуван поради својата грижливост и креативност. Тој е единствениот бог што работи и секогаш е зафатен со некоја задача од голема важност за едно или за друго грчко божество. Наспроти другите бесмртници кои се истакнуваат со својата физичка убавина, Хефест има стапала што стојат наопаку, па дури и неговата мајка го смета за грд. Митовите и приказните во врска со Хефест се меѓу најстарите списи во поетската традиција на Западот кои се однесуваат на попреченоста.

За книжевниот критичар и стручњак за студии по попреченост, Леонард Кригел, Хефест претставува жива инспирација која резонира со неговото сопствено искуство со попреченоста: „И така го гледав овој куц бог како со своето тело се пробива низ небото на Олимп, и моето сопствено сакато срце се исполни со завист и воодушевување за овој брат во кралството на осакатените, мој светол пример во волјата да се издржи.“

Извор: https://prkos.mk

ОкоБоли главаВицФото