Чудесниот свет на минералите

08.10.2024 00:11
Чудесниот свет на минералите

Светот на минералите, поточно светот на скапоцените камења и благородните метали, отсекогаш бил обвиен со мистерии и стравопочит. Краловите, волшебниците, свештениците и алхемичарите со векови се опкружувале со посебни примероци од светот на минералите. Магичните прстени и мечовите, светите статуи и талисманите отсекогаш ги следеле ликовите од митовите и легендите, обдарувајќи ги со необични моќи и способности. Сите овие предмети потекнуваат од скриениот свет на минералите, свет во кој животот добива карактеристичен облик. Тоа е светот на цврстата материја во кој универзаланата супстанца на алхемичарите, Prima Materia, достигнува најгуста состојба на постоењето.

Многу мудреци и филозофи истакнувале дека дури и најгустата состојба на материјата покажува знаци на живот и активност, а онаму каде што има активност, движење, вибрација, таму има и свест. Накратко, ни велат дека постои само „еден живот“ кој се изразува преку различни облици (или степени на материјата). Во таа смисла, минералите исто така се живи „битија“. Во нив животот се манифестира преку отпорноста на надворешните влијанија и пасивноста кои се нивното главно обележје.

Каква е темелната вредност на скапоцениот камен? Тоа е неговата моќ на сјајот, неговото зрачење. Степенот и квалитетот на зрачењето изгледа дека се поврзани со неговиот стадиум на еволуција. Тоа е нешто што може да се заклучи преку набљудување на неговата атомска структура. Зачудувачката способност на дијамантот да ја рефлектира светлината сведочи за еволутивниот процес во кој неговата внатрешна структура достигнува геометриско совршенство.

Истата симболика ја наоѓаме и кај златото, кај кое забележуваме голема моќ на рефлексија на светлината. Златото ја претставува усовршената состојба на природата на металите. Таквата состојба би можеле да ја наречеме и трансцендентна, ако појдеме од тоа дека соларната светлина претставува само видлив отсјај на соодветната невидлива духовна светлина. Тогаш можеме да го споредиме златото со згуснатата состојба на духовната енергија. Имајќи го тоа предвид можеме подобро да разбереме зошто отсекогаш постоела горлива желба за наоѓање и поседување злато. Тоа е и причината зошто во старо време златото отсекогаш се користело за изработка на најсветите предмети и орудија.

Златото е добра појдовна точка за запознавање на вториот важен елемент во животот на минералите: врската помеѓу микрокосмосот и макрокосмосот. Се вели дека карактеристиките и својствата на скапоцените камења и металите потекнуваат од нивната врска со небесните тела. Од доцната антика па до средината на 18-от век бројот на познати метали бил ист како и бројот на планетите во традиционалната астрологија.

Совпаѓањето помеѓу планетите и металите се состои во следното: Сатурн - олово, Јупитер - калај, Марс - железо, Сонце - злато, Венера - бакар, Меркур - жива и Месечината - сребро. Верувањето во поврзаноста на овие седум планети со седумте метали потекнува од праисторијата. Не постоела доба кога среброто не било поврзувано со Месечината или златото со Сонцето. Овие врски го одредувале идентитетот на металите. Дури на почетокот на 18-от век својствата на металите престанале да се толкуваат преку своето космичко потекло и почнале да се дефинираат според својата атомска градба. Според книгата Тајните на металите на хемичарот Вилхелм Пеликан и совпаѓањата не се само симболички, туку имаат и научен темел.

За металите особено се истакнувало дека ги отелотворуваат најчистите планетарни карактеристики. Тоа исто така објаснува зошто практичната страна на алхемијата отсекогаш е поврзувана со металургијата. Во алхемијата ја наоѓаме старата идеја дека во земјината утроба се одвива траен процес на бременост од кој се раѓаат металите. Мајката Земја во својата утроба долго ги чува металите за да им го овозможи созревањето. Вадењето и користењето на металите имало религиска, обредна димензија. Улогата на металургот-алхемичар била да ги донесе на свет металните плодови сокриени во утробата на Земјата. Затоа со вадењето, трансформирањето, обликувањето и облагородувањето на нивните својства, алхемичарите придонесувале во забрзувањето и усовршувањето на еволутивниот процес својствен за Природата.

Посебните карактеристики и својствата на камењата и скапоцените камења биле изучувани и чувани во тајност од најстари времиња. На пример, наидуваме на приказни според кои древните народи знаеле како камењата да ги направат еластични како глина или каде да постават мегалит така што природно ќе се напојува со земните и космичките зрачења. Се сметало дека многу природни камења се свети и обдарени со живот. За некои од нив (бетилусот) се верувало дека се живеалишта на божества или дека се божества и затоа им биле припишувани натприродни својства. Исто така, постојат и бројни преданија кои ги поврзуваат светите камења со мистичните култови и митовите за настанувањето. Да ги споменеме каменот бенбен од фараонски Египет, омфалос од Делфи, каменот темелник во Куполата на карпа во Ерусалим, лапис нигер во древен Рим и кааб во Мека.

Во Индија уште во предведските времиња скапоцените камења се користеле во необработена форма за исцелителски и религиски цели. Користењето на скапоцените камења во оклопите и ѓерданите исто така било поврзано со таквиот вид на употреба.

Сите значајни ренесансни мислители кои биле упатени во Magna Scientiа, како Фичино, Мирандола, Бруно, согледале дека во природата сè е поврзано со сè според херметичкото начело на совпаѓањето „како горе, така и долу“. Животот е еден и насекаде присутен принцип, колку и да се различни неговите облици. Хелена Петрова Блавацка во Тајната доктрина ги пренесува одеците на древните учења: Сè е живот, и секој атом дури и минералната прашина е живот. Минералите не се безживотна материја туку манифестација на божествената бесконечност, со невидливи врски поврзана со други светови и форми на постоење.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: László Kupi

Извор: https://nova-akropola.com/