1018 hPa
72 %

15 °C
Скопје - Вто, 17.06.2025 03:59
Џез гитаристот Жан-Баптист „Џанго“ Рајнхарт е роден во Белгија на 23 јануари 1910 година, а умрел на 16 мај 1953-та. По потекло е Ром и израснал во ромска населба во близина на Париз, каде бил најактивен. Овој ромско-белгиски гитарист и композитор е заслужен за популаризацијата на џипси џезот, како и градењето на овој музички стил, заедно со неколку други ромски музичари. Прекарот „Џанго“ на ромски јазик значи разбуден.
Жан-Баптист започнал нов правец во музиката. Неговата музика отсекогаш привлекувала големо внимание и поради фактот што донела интерпретации кои содржеле џез, бибоп ромски корени. Се смета за еден од најголемите гитаристи на сите времиња и првиот важен европски џез-музичар.
Џанго научил да свири гитара уште како мал, а најголем дел од својата младост поминал во ромските кампови во близина на Париз. Во 1928 година бил повреден во пожар кој го зафатил неговиот караван. Претрпел изгореници на поголем дел од телото. Десната нога му останала парализирана и трајно ја изгубил употребата на двата прсти на левата рака. Следните две години ги поминал без свирење, музика и употреба на левата рака. Но потоа својот недостаток го претворил во дар и своите обожаватели уште повеќе ги фасцинирал со својот необичен начин на свирење.
Со текот на времето научил како повторно да свири како порано. Тоа за него бил многу бавен, болен процес, но осмислил иновативен стил на свирење гитара. Рајнхарт ракувал со својот инструмент многу брзо и подвижно со два прсти и палецот на левата рака. Се вратил во полн сјај во 1930 година, свирејќи во ноќните клубови во својот Париз.
До средината на триесеттите ги здружил силите со виолинистот Стефан Грапели и го формирал петчлениот состав „Quintette du Hot Club de France“. Групата го вклучувала и братот на Рајнхарт, Жозеф, но и Роже Шапу на гитара и Луи Вола на контрабас. Петорката станала првиот голем европски џез бенд. Некои од раните снимки на бендот вклучувале обработки на американските песни како „Dinah“ и „Lady Be Good“.
Втората светска војна ја поминал во окупирана Франција. Воените години ги поминал со квинтетот со кларинистот Убе Роста кој го заменил Грапели.
Се обидувал да продолжи со својата музика, но војната со нацистите била катастрофална пречка. Од 1933 година на сите Роми им било забрането да живеат во градовите, биле сместени во населени кампови и рутински стерилизирани. Во Франција биле користени како робови на фарми и во фабрики.
При неговиот прв обид за бегство од окупирана Франција бил фатен. За негова среќа, џез-љубителот Дитрих Шулц-Кон, офицер на Луфтвафе, му дозволил да се врати во Париз. По неколку дена повторно се обидел да избега, но среде ноќ бил запрен од швајцарските граничари, кои го принудиле повторно да се врати во Париз.
Една од неговите мелодии, „Nuages“ од 1940 година станала неофицијална химна на Париз со која се означувала надежта за ослободување. Синглот бил продаден во над 100.000 примероци.
По завршувањето на Втората светска војна Рајнхарт заминал на турнеја во САД како солист со Дјук Елингтон, но турнејата не поминала најуспешно.
Рајнхарт немал формално музичко образование. Главно бил самоук и никогаш не научил како да пишува или чита музика. Морал да зависи од други за да пишува композиции. Во 1950-та се повлекол во местото Самоа-сур-Сен. Снимал и повремено свирел сè до својата смрт. Умрел од мозочен удар во Фонтенбло, Франција.