Почина поетот Михаил Ренџов

08.10.2024 10:26
Почина поетот Михаил Ренџов

 

ПЕСНАТА

Штедра светлина
Лудо пулсирање
Песната?
Колку восхит
Толку умирање.

 

БЕГСТВО

Ѕвони,
Само во сонот
Во тоа црно
Сеопфатно
Ѕвоно
Ѕвони, ѕвони
Чиниш: на замин
Коњу мој, ајде
Пред да нè зајде
Во недофат
Сами.

 

ВО МОЈАТА ГЛАВА

Во мојата глава:
Огнови и цвеќе
Во моето срце
Огнови и цвеќе
О, каде со толку оган
И со толку цвеќе?

 

СЕМЕ

Ослободен од себеси
Со помалку жар во темето
Спокојно талкам по небеси
Збирајќи го
Од светлоста
Семето.

 

ПТИЦИ

Само тоа
Крилно племе
Знае
Што се случува
Во мене

 

КОЈ ЦЕЛЕШЕ ВО ПТИЦАТА

Утринава
Си го држам срцето в раце
И прашувам:
Кој целеше во птицата
Та мене ме погоди?

 

ЕЛЕНОТ

Би сакал да бегам
Онака ко што бега
Еленот што го замислив.
Но што со ловците
И што со пците
Што со нив?

 

НЕКОЈ ЅВОНИ

Некој ѕвони
Тоа пак они
Да го грабнат тоа
Што го сонив.

 

ОВОШНИК

Дрочен а мал
Овошник
Во кој сум се
Пресоздал

 

ЕРОТИКОН

Јас:
Полна месечина
Таа:
Најдолга ноќ

 

СЕНКА

Го поминав мостот.
На другиот брег
Сенката ми остана.
Каква убост:
Првпат сам
Во чиста
О-са-ма
(Струга, летото 94)

 

МЕ ПРЕКОРИЈА

Ме прекорија:
Зошто толку пепел
Зошто толку леден прав?
Зар не сум тоа, прашав
Без страв?

 

САМ

Знам:
И во самоста
Сакам да сум
Сам.

 

ПЕСНИТЕ ШТО МЕ БОЛАТ

Капе
Мракот:
Врела
Смола
Од мене
Така капат
Песните
Што ме
Болат.

 

КОМЕТА

Ја препознавам:
Тоа е мојата
Усвитена
Глава.

 

ОЗАРЕН И СО ОГОН

Озарен и со огон
Стрмам
До недофат
Дно.
Пеј и пламни, велам
Дур во ад се селам
И гаснам
Про
дол
же
но.


Извор за песните: ВЕЧНАТА БЕСКОНЕЧНАТА, Зумпрес, Скопје, 1996.

Избор: Иван Шопв

Фото: Борис Грданоски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото