1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
Без влез во ЕУ и во НАТО, судбината на Македонија е неизвесна и затоа мора надворешната политика да се врати кон овие стратешки приоритети и да се реши спорот за името, предупредува професор Денко Малески, прв министер за надворешни работи и прв амбасадор на Македонија во ОН, во интервјуто за весникот Шпиц кое го пренесува Окно.
Тој вели дека Никола Груевски покажал повеќепати дека има капацитет и голема храброст, но не за компромис, за прилагодување и за дијалог, туку за борба.
- Како што дома се бори да го уништи политичкиот ривал, што можеби и ќе успее, така и надвор се бори да победи, што секако нема да успее. Значи, некој друг со некаква поинаква храброст ќе мора да се соочи со тешкиот идентитетски спор, ќе изврши ревизија на партиската и државната идеологијата и ќе ја спаси државата. Политичката практика нè учи дека спас за едно општество од теророт на погрешни идеи е дека тие ќе се искршат во судир со реалноста. Со сите последици по државата и населението, се разбира - вели Малески во интервју за „Шпиц“.
Професоре Малески, владата по три години призна дека во 2008 година го прифатила предлогот на Нимиц, Република Македонија (Скопје). Како го толкувате ова признание и зошто тоа доаѓа токму во овој момент?
- Владата јавно соопшти дека се согласила со ваквиот предлог затоа што мисли дека со тоа ќе го намали странскиот и домашниот притисок врз себе, демонстрирајќи кооперативност. Меѓутоа, тука има и една мала итрина. Луѓето што ја водат македонската надворешна политика се сосема свесни дека за решавањето на нашите проблеми со Грција, овој предлог е, како што би рекле Англосаксонците – „премалку и предоцна“. Имено, спорот е во сосема друга фаза од онаа во која се наоѓаше во почетокот на 1990-тите. Проблемот на името денес е само дел од тешкиот и сложен идентитетски спор во кој така несмотрено заглавивме.
Да појаснам. Во времето од почетокот на 1990-тите, кога нашата надворешна и домашна политика беше на стојалиштето дека нашиот базичен идентитет е словенски, светот можевме да го погледнеме в очи и да му речеме дека под поимот „Македонија“, ние и соседите разбираме две различни нешта, и дека Грците се насилници кои немаат право да ни наметнуваат име.
Денес веќе не е така. Денес под поимот „Македонија“ мислиме исто, спориме за иста работа и затоа идентитетската дистинкција се наметнува, безмалку, како нужна. Како дојдовме до ова? Партиите, од лево и од десно, со сесрдна помош на интелектуалци, чии глави беа полни со вистински и измислени историски и археолошки податоци, но празни за меѓународна политика, ја вградија античката митологија во темелите на нашиот идентитет. Затоа, да нема никаква забуна - кога денес велиме дека ќе го браниме македонскиот идентитет, мислиме на античкиот македонски идентитет.
Оној словенскиот, никој, па ни Грција не ни го оспорува. Но, она што никој не ни го оспорува, ние не го сакаме, зашто во многу наши расистички умови, се чини помалку вреден од античкиот. Но, и тука не е крајот на приказната. Со античката митологија ја држиме во живот и идејата најблиска до нашите срца - Големата Македонија од нашите фантазии, нашата и само наша територија, која ни е одземена насилно пред сто години!
Со признанието владата се најде „соголена“ во лага и тоа се случува во критичен момент пред изборите, а знаеме дека последните избори ги доби на патриотската карта, правејќи поделба во општеството на патриоти и предавници. На која карта ќе игра сега?
- Поделбата на патриоти и предавници е прастара игра во политиката. Опозицијата, која има свој дел од вината за кашата во која сме денес, тешко ќе закрепне од погрешната процена дека, по Букурешт, следува некаква надворешна интервенција, која ќе ја принуди власта во Македонија на компромис. Имено, тогаш таа се изјасни во прилог на компромисното име во очекување дека, по аналогија со настаните од 2001 година, со поддршка на меѓународниот фактор, ќе се најде на победничката страна. Меѓутоа, странците нè оставија да се вариме во својот националистички сос, па опозицијата, по прашањето на името, остана без народот.
Владејачките националисти, пак, со своите големи резерви на патриотизам и со скиселени лица, кои јасно покажуваат дека, дури и кога мораат да прават некакви отстапки, тоа не го прават доброволно, повторно се во предност. Тие и денес играат на едно правило во меѓународната политика, кое вели дека аплаузот дома е најгласен кога отпорот кон надвор е најжесток.
Меѓутоа, жесток отпор не секогаш е возможен, како по неодамнешната посета на Вашингтон, на пример. Тогаш, и глумата на доброќудните скиселени политички лица, жртви на надворешниот притисок, носи симпатии кај гласачите. Сè на сè, комбинацијата на резолутен отпор каде што е можно, и глумење жртва во меѓународната политика, повторно ќе привлече многу гласови за владејачките националисти.
Дали признанието го доведувате во можна врска со разговорите на премиерот Никола Груевски во Вашингтон со Џо Бајден и со Хилари Клинтон? Некои од провладино настроените медиуми ден по разговорите со Филип Гордон пуштија информација дека Американците влегуваат во нова дипломатска офанзива за решавање на спорот за името и дека на Груевски му поставиле рок тоа да го стори до пролетва.
- Гледано со американска диоптрија, тие имаат симпатии за политичари кои се трудат и можат да произведат демократија во својата земја. Имаат симпатии и за политичари кои се трудат, но не можат да произведат демократија. Меѓутоа, внимавајте! Америка нема никакви симпатии за политичари кои со своите постапки ја загрозуваат демократијата. Критиката упатена до Владата на Македонија е без преседан во односите меѓу Македонија и Америка. Рационалното размислување вели дека, по посетата на Вашингтон, секоја умна политика би направила драматично свртување во своето поведение по сите наведени точки од соопштението на канцеларијата на потпретседателот на САД и од Стејт департментот. За жал, тоа не е можно, зашто рационалниот елемент е само еден од елементите кој го условува поведението на политичарите, и тоа не најважниот. Политичарите се често заробеници на своите карактери, со кои владеат и емоциите и страстите какви што се омразата или одмаздата. Оттаму, наместо прилагодување на државната политика на барањата на моќниот сојузник, имаме реприза на драмата по неуспехот во Букурешт - избори, овојпат наречени финален двобој.
Што се однесува до тоа дали Америка ќе се вмеша во решавањето на проблемот, во оваа фаза, тоа нема да се случи. Американците, со право, сметаат дека владата на една држава е најодговорна за нејзината домашна и меѓународна политика, а особено за решавањето на тешките предизвици што стојат пред државата. Се разбира, ако домашните политичари речат дека им се избори, Америка ќе им одговори дека е тоа нивна внатрешна работа.
Но, има и нешто друго за што вреди да се размисли. Ако некому во Македонија не му се допаѓа интересот и притисокот што го врши Америка врз македонските политичари, нека размисли малку за алтернативата: отсуство на интерес, отсуство на притисок и политика „нека биде тоа што ќе биде“. Кога, како министер за надворешни работи, во чие време се направени сите можни компромиси и се проголтани многу неправди, прашав министер за надворешни работи на моќна западна земја дали можеби политиката на прилагодување што ја водиме е погрешна, тој ми одговори: „Само таква политика нè обврзува да се грижиме за вас. Спротивната политика би нè ослободила од таа грижа и тогаш сте оставени сами на себе“. Навистина, што мислите, кој ни го купува мирот кај албанските партии на тешкиот пат кон НАТО и кон ЕУ денес?
Вие многу често имате обичај да нагласите дека проблемот со спорот за името е веќе и психолошки проблем на граѓаните зашто се одолжува неговото решение. Дали очекувате да се реши спорот за името и кога?
- Оставено на народите, спорот за името не би можел да се реши уште долго зашто во својата најдлабока суштина тоа е спор околу идентитети зад кои стојат националистички аспирации врз луѓе и врз територии од двете страни. Всушност, спорот извира од националистичките глави кои не можат да разберат и да прифатат еден прост факт - дека историјата не може да се поправи или да се преправи. Во една хипотетичка ситуација, во која од двете страни на грчко-македонската граница би живееле само луѓе со либерални умови, тогаш на таквите европски Грци не би им паднало на памет да бараат од соседите да си го сменат името, ниту на таквите европски Македонци не би им паднало на памет да се срамат од своето словенско потекло или да сонуваат за прекројување на границите. Но, такви луѓе, посветени на Балкан без граници, на човекови права и демократија има малку.
Затоа, овој спор нема да се реши, сè додека не почнеме да го препознаваме сопствениот национализам и она што ги вознемирува соседите. За жал, таа свест се пробива многу бавно и наидува на жестоки отпори од балкански умови загадени со „историја“, страв, омраза, предрасуди и претензии. Оттаму, за успешна разрешница се потребни водства кои ќе знаат на интелигентен начин да го премостат јазот меѓу двата народа кој го издлабила историјата
По сиве овие потези на надворешен план, на владата и’ се забележува дека приоритетите не и’ се НАТО и ЕУ. Го делите ли тој впечаток?
- Радикални аналитичари кои сакаат да ја соголат политиката на својата суштина велат дека не постои државен интерес. Постојат само интереси на поединци да опстанат на власт или да се доберат до власта. На примерот на Македонија оваа теза се покажува како точна. Несомнено е дека државен интерес на Македонија е членство во НАТО и во ЕУ, но бидејќи тоа претпоставува тежок и болен компромис кој може да ги загрози позициите на владејачката структура, реално, овие два сојуза веќе не се приоритет. Зачленувањето се одложува за некое идно време, иако сите се свесни дека за опстанокот на една слаба држава како Македонија, од животно значење е безбедноста што ја пружа НАТО и благосостојбата што ја ветува ЕУ. Тезата дека можеме сами се поткрепува со образложението дека во регионот владее мир повеќе од една деценија, мир кој, патем речено, го воспоставија токму овие два сојуза. Од безбедносен аспект, ваквата политика на самоизолација е одење по острица на жилет, зашто политичката формула на македонската влада не го зема предвид елементот изненадување. Дали сте се прашале каде и како почнаа жестоките турбуленции во арапскиот свет по децении диктаторски „мир и стабилност“?
Верувале или не, почнаа на пазарот во едно гратче во Тунис со кошкање меѓу продавач на овошје, чија количка ја превртел некој локален полицаец. Овој безначаен инцидент го запали целиот арапскиот свет! И на Балканот има многу пазари. Да не не залажува тоа што извесен период настаните мируваат, зашто историјата знае ненадејно молскавично да се забрза. Тоа го искуси мојата генерација со настаните од почетокот на 1990-тите кога „моќните“ диктатури на Источна Европа едноставно имплодираа. Тоа е стравот што сега го имам за Македонија. Страв од непредвидливи настани како оној со превртената количка со овошје во малото гратче во Тунис деновиве. Страв од имплозија на политичките институции, како онаа што и’ се случи на Југославија пред две децении. Страв дека тоа може да се случи пред да станеме дел од НАТО и од ЕУ.
Фуере згреши само во едно - премногу се трудеше
Владата, поделбата на патриоти и предавници ја преслика и надвор, делејќи ги дипломатите и странски функционери на пријатели или непријатели, во зависност од тоа дали се критични кон неа. Најдалеку во тоа отиде со евроамбасадорот Ерван Фуере. Како ги оценувате од тој аспект потезите на власта?
- Се разбира дека не го одобрувам таквото поведение на владата затоа што тоа не и’ носи корист на државата. На Фуере, човекот кој се трудеше да помогне, можам да му забележам само едно - премногу се трудеше. Има и причини за ваквото поведение. Знаете, странските дипломати се само луѓе кои фасцинирани од публицитетот и љубопитноста на локалното население забораваат дека нивната задача е да помагаат локални херои во битката за демократија, а не самите да стануваат тоа. Но, големиот проблем не е во странците, кои се менуваат на три или четири години, туку во фактот што земјата предолго не може да застане на сопствените нозе и се наоѓа под туѓо туторство и нега. Кога како држава цврсто ќе застанеме на своите две нозе, странците ќе бидат само драги гости кои ќе се придржуваат до една нужна дискреција во својата работа.
Извор: Шпиц, 06.03.2011
Со Лазар Мојсов или
Испратено на 07 март 2011 од ВампирСо Лазар Мојсов или Колишевски кога ќе има интервју?
Се’, се’, ама човекот што
Испратено на 08 март 2011 од ГоранСе’, се’, ама човекот што викаше: „Независна Македонија? Без мене.“ Многу е, во друга држава би му било срам да се појави.
Во друга држава Малески би
Испратено на 08 март 2011 од МакетонецВо друга држава Малески би бил сметан за пророк! И би бил почитуван и слушан, меѓу другото и поради големите заслуги во осамостојувањето на земјата... Македонија денес ја толчат свињи со копитата и ја колваат петли како да е буниште... А е буниште...
Точно во друга земја би бил
Испратено на 08 март 2011 од ЕмпиристТочно во друга земја би бил пророк ако земјата се викаше Будалија.
Ова, Емпирист, мислејќи на
Испратено на 08 март 2011 од МакетонецОва, Емпирист, мислејќи на тебе, го рекол Иполит Тен: На светов има четири типа на луѓе: заљубени, славољубиви, набљудувачи и имбецили; најсреќни се имбецилите. Блазе си, ти, преродбенику, на умот!
како успеа да го смениш
Испратено на 09 март 2011 од Емпиристкако успеа да го смениш никот? Мора да си администраторот на страницава, биејќи претходниот коментар беше потпишан со друг ник. Коља коља...
Ех, Коља Коља - Валтер:)
Испратено на 09 март 2011 од МакетонецЕх, Коља Коља - Валтер:)
Intelektualec par
Испратено на 08 март 2011 од gragjaninIntelektualec par exelance!Intervjuto e inpresivno.Gospodinot Maleski e eden od edinstvenite 5 makedonski intelektualci i zatoa bi trebalo pochesto da se slusha negovoto mislenje