1022 hPa
70 %

7 °C
Скопје - Чет, 13.02.2025 17:59
Фрида Зејмс, 2000 година
Фрида Зејмс (1932 - 2005) била американска активистка за правата на лицата со попреченост и професорка по математика - и во двата случаи, жена која знаела како да решава проблеми.
Во коавторство со својата помлада сестра, Дорис Зејмс Флешер, ја напишала книгата за историјата на движењето насловена „Движење за попреченост: од милосрдие до конфронтација”. Книгата е составена од стотина интервјуа со активисти кои ја создавале историјата на американското движење за правата на лицата со попреченост.
Тоа е комплексна приказна за пресврти, како на ниво на свест, така и на ниво на политика на застапување. Забележана е генезата на човековите права во контекст на попреченоста: од речиси заборавениот активизам од триесеттите години, преку движењето за самостоен живот во седумдесеттите, до повиците за паради на гордоста за лицата со попреченост во текот на деведесеттите.
Како и другите борби за граѓански права, движењето за попреченост се одвивало на улиците и пред судовите, додека активистите се залагале за промени во образованието, работните места и правниот систем.
„Додека ја пишувавме книгата, Фрида се чувствуваше виновна што седеше на компјутер со мене, верувајќи дека нејзиното место е на демонстрациите”, вели нејзината сестра Дорис.
Фондови за достапност, не за војна, 1981 година
Фрида стекнала попреченост во раното детство, како последица на вирусот полио, и била институционализирана сѐ до својата тринаесетта година. Нејзините родители работеле од шест наутро до полноќ, седум дена во неделата, цели тринаесет години, во мала продавница за слатки во време на Големата депресија во Америка. Заработувале доволно за изнајмување една соба - што не било прифатливо за социјалните работници задолжени за Фрида.
Дорис се сеќава на посетите на својата сестра во болница:
„Во тоа време имав три години. Одев да ја посетам Фрида со еден од моите родители, додека другиот остануваше да работи во слаткарницата. Бев премлада за да ме примаат во болницата, но бев возбудена што патувам со воз или автобус два и пол часа во еден правец, за потоа да можам да ѝ мавтам на Фрида, мојата принцеза Рапунзел која живееше во високата кула”.
Поради институционализацијата и училишниот систем кој автоматски ги потценувал децата со попреченост, Фрида главно била самоука.
„Одеше на училиште во посебна паралелка за деца со попреченост. Се собираа во училишниот подрум и не правеа ништо. Фрида со себе носеше книги, за да може да го работи она што најмногу го сака – да чита”, раскажува Дорис.
Кога трајно се вратила дома, била запишана во редовно училиште.
„Математиката секогаш ги импресионира луѓето, а особено е впечатливо кога девојка покажува математички способности. Еден од позитивните аспекти на животот во институција беше во тоа што Фрида таму не можеше да научи дека девојчињата не се занимаваат со математика”, објаснува Дорис.
Фрида Зејмс набљудува како фотографката и активистка Фло Фокс гради рампа, 1986 година
Во периодот кога Фрида стекнала државна стипендија за продолжување на образованието, требало да направи уште една операција на 'рбетот. Ситуацијата била таква што доколку одлучела да оди на операција, би изгубила дел од стипендијата. Нејзината мајка отишла да се консултира со лекар:
„Не би било добро некој да дознае дека сум разговарал со вас, но ова повеќе не можам да го гледам. Одведете ја Фрида што подалеку од овде. Операцијата нема да ѝ донесе ништо добро, може само да ѝ наштети, бидејќи е опасна”, ја советувал лекарот.
Семејството одбило понатамошни хируршки интервенции, прашувајќи се дали Фрида претходно била подложена на медицински експерименти. Набрзо дознале за пациент кој починал од истата операција која била планирана за Фрида.
Фрида го продолжила своето образование на колеџот во Бруклин, а на завршната година научила да вози автомобил со рачно управување. Оттогаш повеќе не морала да користи јавен превоз или да ги слуша поплаките на другите патници за тоа колку време ѝ требало да се качи со патерици.
Неколку години подоцна, Зејмс одиграла значајна активистичка улога во остварувањето на правото на достапен превоз.
Еднаквите права бараат пристапност за сите, 1986 година
Докторирала на катедрата за математика на Универзитетот во Њујорк и била вработена како предавач на Технолошкиот институт во Њу Џерси, каде што добила почесна титула. Истражувала математички парадокси и била наградувана за својата научна работа.
На движењето за правата на лицата со попреченост се придружила во седумдесеттите години, кога почнала да користи моторизиран скутер и активно да учествува на протести и демонстрации.
„Претходно додека користев патерици се плашев дека другите луѓе ќе ме соборат. Сега, кога сум на скутер, другите треба да се плашат дека јас можам да ги соборам. Тоа ме претставува поавтентично”, вели Фрида.
Апсење, 1985 година
Фрида Зејмс учествувала во бројни кампањи за пристапен Њујорк, а нејзиниот активизам вклучувал граѓанска непослушност, правни спорови и застапување преку литературата, за лицата со попреченост да имаат целосно учество во јавните сфери.
Неколку пати била апсена поради демонстрации, протестирање со седење и запирање на сообраќајот. Особено се залагала за правата на жените, националните и сексуалните малцинства.
Фрида Зејмс почина на 16 јуни, 2005 година. Во својот проштален говор, Дорис изјавува дека Фрида би била изненадена да ги види сите оние луѓе кои дошле да ја испратат.
„Сето ова поради мене? Но, јас не направив ништо” - „ќе речеше таа, и навистина ќе го мислеше тоа”, додава Дорис.
Акција на лица со попреченост (2001)
Фото: Flo Foks
Извор: https://portaloinvalidnosti.net