Во Аргентина гладуваат деца

09.10.2024 03:12
Во Аргентина гладуваат деца

Стапката на сиромаштија во Аргентина порасна на речиси 53 проценти во првата половина од претседателството на самопрогласениот анархо-капиталист Хавиер Милеи, објави аргентинската Државна агенција за статистика. Тоа е најголемото ниво на стапката на сиромаштија во последните две децении во Аргентина и во суштина значи дека 3,4 милиони граѓани се турнати во сиромаштија само оваа година заради спроведувањето на мерките за штедење на претседателот. Се проценува дека две од три деца во Аргентина каде живеат 46 милиони луѓе сега се сиромашни, а 66 проценти од децата помлади од 14 години гладуваат. Цените на јавните услуги, храната, горивото, патарините се сè повисоки.

Милеи и минатата година за време на претседателската кампања зборуваше дека државата е „основата на сите проблеми“, се декларираше како почитувач на приватната сопственост и слободниот пазар. Изразуваше и желба за укинување цела низа државни институции, вклучувајќи ги министерствата за култура, животна средина, наука, труд и социјална сигурност и образование. На гласачите им ветуваше дека неговата политика на „економско прилагодување“ примарно ќе цели на „политичката каста“. Праксата покажа нешто сосема поинакво - кога стапи на функцијата, товарот на економските кратења го префрли на недоволно платените работнички и работници, пензионерите и невработените граѓани и граѓанки. Неговата администрација ги замрзна пензиите, ги намали јавните трошоци за народните кујни, ги скрати програмите за социјална помош и ги запре сите проекти поврзани со јавните работи. Десетици илјади државни службенички и службеници добија откази, а намалени се и државните субвенции за енергија и превоз.

Странските инвеститори и шарлатаните од Меѓународниот монетарен фонд ги поздравија острите кратења на државниот буџет на Милеи и „средувањето на државните финансии по годините дефицит“, и покрај тоа што земјата е во рецесија и економското закрепнување не е на видик. Граѓаните на Аргентина се помалку импресионирани со нападите на јавниот буџет, па на Милеи му опаѓа широката општествена поддршка со која сакаше да се фали откако во декември ја презеде претседателската должност. За првпат поголем број Аргентинци негативно ја гледаат владата на Милеи. Неговите гласноговорници незадоволството на јавноста се обидуваат да го пригушат со постојани литании за „катастрофалната ситуација“ која „ја наследиле од претходните, лево ориентирани влади“. Шок-терапијата ја презентираат како единствена можна опција за опоравување по левичарите, за кои констатираат дека им оставиле само „бомби кои треба да ги деактивираат“. Засега, на Милеи и неговата компанија сето тоа им поминува зашто се чини дека не постои силна и организирана алтернатива на моменталната политика во Аргентина.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portalnovosti.com/