Сите мои психијатри

10.10.2024 18:41
Сите мои психијатри

Пет песни за денот на менталното здравје, 10 октомври: Сите мои психијатри, Удрена од бранови депресија, Лудаци, Хипохондрија, Дебела.

СИТЕ МОИ ПСИХИЈАТРИ

Имав психијатри многу,
ги менував , фала Богу!
Ме анализираа, бележеа,
некои заспиваа;
да можеа ‒ ќе лежеа.
Други играа игрици на компјутер,
ми викаа: ама ти си супер! супер!
Имаше и Исусови поданици,
ме учеа на дисциплина,
да бидам добра, да бидам фина.
Други ме учеа да бидам рачунџија,
да не му се замарам,
смислата во парите да ја барам.
Ги имаше од сите сорти,
често се наоѓав пред нивните порти.
И на приватно и на државно кога ги барав
убедена сум дека ги замарав.
Само трач кога ќе споделев
вниманието ќе им го соберев.
Да не грешам душа сред суша,
имаше и по некој што знае да слуша,
ама залудно беше фин
кога немаше слободен термин.
Така решив да ја завршам маратонската трка,
животот и не е некоја фрка,
кога ќе ги поминеш сите станици
сфаќаш: за глупавоста нема граници!

УДРЕНА ОД БРАНОВИ ДЕПРЕСИЈА

Кога сум негде на пат
и потоа се враќам во родниот град
ми се случува чудна регресија -
ме удираат бранови депресија!
Ме следи бранот до кај мене во станот.
И од кревет не ми се станува,
депресијата ме нишка, ме бранува.
Кога ќе се видам со моите другари,
пак истите ствари:
пари, пари, превари!
Желудникот храната не ми ја вари.
Ме болат:
глава, коски, мускули, кичма, зглобови.
Го губам здивот, немам волја за живот.
Стварно сакам да ширам позитива,
да сум полетна, цветна, пролетна,
арно ама, штом си дојдам дома, не сум истата,
по патот ја губам искрата!

ХИПОХОНДРИЈА

Земи витамин це и витамин де
и витамин ка и омега 3, 6 и 9
и мелатонин и бе комплекс ‒ па во кревет.
Истражи на интернет вешто
да купиш уште нешто.
Истури колку што можеш повеќе пари на каса,
и немој да спиеш помалку од осум часа!
Здравјето е приоритет
во вештачкиов свет!
Стравот во коски ни е всаден
во незабавниот ни живот јаден.
Препораки и совети се редат,
од кол центрите будно нè следат.
Натура терапи, Гуд Хелт и уште многу други
на капитализмот верни слуги.
Како да се најде радост и магија
кога главна тема е автофагија.
Тажно е и радост ми фали,
пред време вака сме стари.

ДЕБЕЛА

Нека бликаат колкови и пркосните гради бујни,
насмевката да свети под образите рујни!
Излези! Исправи се! Во сиот сјај појави се!
Дебела те именуваат, на бол те потсетуваат.
Што, пак, тие знаат, освен празни совети да ткаат?
Немој срам да носиш, ако нивните норми ги косиш.
Немој да носиш извини кога мене најубава си ми!

ЛУДАЦИ

Лудаци мои!
И лаги и измислици кога кажувате
и иднината кога ја предвидувате
како огледала вистината ја одразувате,
од машинеријата што нè дроби
сместени во лавиринтите на болничките соби.
Да се сопрат водопадите!
Да се сопрат живописните бои!
Медикаментозно и стручно
да се свитка душата што стои!
Ох, мои лудаци, пријатели мои,
реалноста денешна вас ве крои,
многу сте и ве сакам како деца свои.


Колажи: Julie Cockburn

ОкоБоли главаВицФото