1026 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Сре, 13.11.2024 02:59
Роза Билингхерст за време на протест на суфражетките
Роза Меј Билингхерст е една од најпознатите активистки за правата на жените. Родена е во Луишам (област во југоисточен Лондон) во 1875 година, во богато лондонско семејство (татко ѝ бил банкар, а нејзината мајка потекнувала од угледно семејство познато по производство на пијана).
Како петгодишно девојче Роза Меј боледувала од детска парализа, која на неа оставила трајни последици. Се движела со патерици и инвалидска количка - модифициран трицикл. Образованието го добила дома, со гувернанта.
Нејзината сестра Алис била управителка на дом за незгрижени деца и Роза Меј често волонтерски работела со неа. Сестрите им пружале поддршка на децата од сиромашните квартови, жителите на воспитно-поправните домови и проститутките. Токму тие средби со социјалната неправда ја насочиле да им се придружи на суфражетките.
Бидејќи, за жал, била сведок на навистина тажни и трогателни сцени, во една прилика рекла: „Срцето ме болеше од тага и си мислев - доколку жените би учествувале во управувањето со државата, луѓето кои тешко живеат сигурно би имале подобри и посреќни услови. Постепено ми стануваше јасно дека нееднаквите закони, кои ги држат жените подредени во однос на мажите, се главната причина за ова зло”.
„Открив дека машките закони за бракот, родителството и разводот, ги ставаат жените во ропска улога во секој поглед, а штетни се и за самите мажи, бидејќи им даваат тиранска моќ”, објаснува Меј.
Роза Меј била повеќе од посветена на движењето за право на глас на жените. Организирала настани и состаноци, кога било потребно - се врзувала за портите на Бакингамската палата, учествувала во мирни протести и бурни демонстрации, влегувајќи во директни конфликти со полицијата.
Политички, Меј започнала како членка на Женската либерална асоцијација, но радикализирана од нејзините искуства за работа во заедницата се приклучила на милитантната суфражетска Женска социјална и политичка унија во 1907 година. Нејзиното семејство донирало пари за каузата, но сепак според Меј било неопходно и физички да се учествува во јавните акции и покрај сите опасности.
Во тоа време, нејзината количка со три тркала (комбинација од количка и трицикл со рачно управување) се сметала за производ на висока технологија. Таа не можела да остане незабележана, а нејзиното присуство придонело за публицитет на движењето.
Учествувала во маршот на суфражетите до Алберт Хол на 13 јуни 1908 година, дистрибуирајќи летоци за претстојната демонстрација на Хајп Парк. Во јули, таа работела за Женската социјална и политичка унија (ЖСПУ) на дополнителните избори во Хагерстон. Тоа вклучувало учење на локалните деца суфражистички песни. Две години подоцна, таа го основа огранокот на Гринвич на ЖСПУ.
Роза Меј често излегувала облечена во бело, а нејзината количка била облепена со пароли кои повикувале на право на глас на жените. Била истакната личност на своето време, запаметена по нејзината борбеност во јавните акции.
На еден протест во 1910 година, полицаец брутално ја исфрлил од количката, а кога повторно седнала во неа, тој ги извадил вентилите од нејзините гуми и ѝ ги врзал рацете, оставајќи ја среде уличните немири.
Неколку дена подоцна, Роза Меј поворно била во акција, поподготвена да ја искористи инвалидската количка за да се пробие низ полициските линии. На двете страни од количката имала закачени патерици и ги користела за да ја растера толпата.
Дамата на трицикл, или суфражетката на три тркала, како што ја нарекувале, била апсена неколку пати, често под обвинение дека ја попречува работата на полицијата, по што останала запаметена.
Поради учество во акцијата за кршење прозори и излози, била осудена на тешка едномесечна работа, но во затворот биле збунети од нејзината појава и не знаеле како да ја спроведат досудената казна.
По последната акција во која учествувала, била осудена на осум месеци затвор, а потоа се впуштила и во штрајк со глад.
Затворскиот третман, особено присилното хранење, значително ѝ го ослабел здравјето и ја оставил со искршени заби, па по совет на затворскиот лекар таа ослободена порано.
Кога излегла од затвор го објавила своето искуство и се заложила во парламентот да се преиспита принудното хранење.
„Можат да ме убијат во овој процес, бидејќи не сум физички силна, но не можат да ми ја одземат слободата на духот, ниту одлучноста да се борам до крај”.
Роза Меј на протест
Извор:https://farmerofthoughts.co.uk