1016 hPa
50 %

23 °C
Скопје - Вто, 20.05.2025 19:29
Во вторник, на 15 октомври во 19 часот, во кафе-книжарницата Илика ќе се одржи настанот насловен „Дизајн што зборува, книга што оживува”.
Kафе-книжарницата Илика најавувa интересна средба, овојпат посветена на дизајнот на корици на книги и нивната врска со приказните кои ги читаме меѓу кориците.
Визуелниот елемент е првиот контакт на книгата со читателите и тој значително влијае на впечатокот што го оставаат врз нас. Дизајнот на кориците не е само декоративен; тој е уметнички израз кој ја одразува суштината на книгата и пораката што сака да ја пренесе. За многу читатели/ки, корицата може да биде одлучувачки фактор во изборот на книга, создавајќи мост помеѓу текстот и визуелниот свет.
На настанот, модераторката Ивана Јовановска ќе нè запознае со креативниот процес на дизајнерките Ема Велковска и Марија Смилевска. Тие ќе го споделат своето искуство, предизвици и иновации во светот на дизајнот. Ќе ни кажат нешто повеќе за важноста на изборот на бои, типографија и композиција, како и за тоа како овие елементи можат да пренесат емоции и создадат интрига околу приказната. Ќе поразговараме и за тоа како дизајнот како алатка успева да создаде нова димензија на нарацијата, па ги поврзува и другите уметности истовремено.
Покрај дискусијата, ќе можете да разгледате и купите дел од изданијата на кои Ема и Марија работеле, селектирани од Илика. Ова е одлична прилика да ги запознаете дизајнерките лично, да разговарате со нив и да добиете инспирација за сопствените проекти.
Ема Велковска (родена 1995 година, Скопје) е графичка дизајнерка која има студирано индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје. За време на студиите, таа започнува самостојно да се образува во областа на графичкиот дизајн, со посебен фокус на создавање постери за музички настани.
Овој интерес за дизајн и анимација во корелација со музика и интеракција ја води кон експериментирање и создавање на колаборативни проекти. Била на пракса во агенции, во Белград и Скопје, а нејзиното професионално работно искуство го започнува во Кома Дизајн Студио. Понатаму работи во McCann Skopje, а моментално е дел од тимот на New Moment Skopje. Покрај работата во маркетинг агенцијата, таа исто така истражува дигитални технологии, не само како алатка за работа, туку и како опфатна платформа што влијае на нашите секојдневни животи и перцепции.
Преку своите дизајнерски дела, Ема се стреми да предизвика реакции и да отвори дебата, верувајќи дека „која било креативната личност е моќен визионер кој може да даде нова перспектива на проблемот.” Има работено на бројни проекти, вклучувајќи дизајнирање книги за Музеј на Град Скопје, Tiiit Inc, Темплум, АртКонект, Илика, Крик Фестивал и многу други. Нејзината желба е да работи во симбиоза со други креативци, како што се писатели и музичари, користејќи дизајн како мост помеѓу нив и гледачот.
Марија Смилевска е визуелна уметница, сликарка и графичка дизајнерка. Родена е 1980 г. во Скопје. 2007 г. дипломира на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Од 2008 г. работи на илустрации за учебници, а од 2009 и моментално работи во Кома дизајн студио како графички дизајнер. Од 2015 г. има соработувано на повеќе разни проекти како илустратор и дизајнер на корици и дизајнер на книги со Или-Или, Темплум, ФООМ, Контрапункт, Готен, Илика и многу други.
Има остварено неколку самостојни изложби во Скопје и учествувано на локални и меѓународни групни изложби, мултимедијални перформанси, истражувачки проекти, интервенции во јавен простор, и други проекти во Македонија, Германија, Хрватска, Австрија.
Истражува различни форми на уметност, имајќи способност да го пренесе гледачот во нова реалност.