Екстремно продолжување на макронизмот

14.10.2024 01:00
Екстремно продолжување на макронизмот

Само две недели по преземањето на власта, новата француска влада на премиерот Мишел Барние на 8-ми октомври го преживеа гласањето недоверба во парламентот, кое на дневен ред го стави левичарската коалиција Нов народен фронт (НФП), инаку и победник на изборите одржани на почетокот на летото. Предлогот доби само 197 од потребните 289 гласови, а клучна улога одиграа претставниците на екстремно десниот Национален сојуз (РН), чии 125 претставници се воздржаа од гласање за „да ѝ дадат шанса“ на новата влада. Воедно, таквиот исход на француската влада и даде зелено светло да се соочи со моментално најголемиот проблем, донесувањето буџет со кој ќе се обиде да го намали долгот заради кој Франција формално беше прекорена од Европската унија.

Во инаугурацискиот говор новиот министер за финансии Антоан Арман го претстави буџетот најавувајќи дека тој ќе биде „во согласност со правилата на ЕУ“. Тоа значи дека со него преку намалување на државната потрошувачка и воведување нови данови ќе се направи обид за да се намалат државниот дефицит и националниот долг. „Дамокловиот меч кој ни виси над главите е наш колосален долг“, им рече Барние на пратениците во обраќањето во парламентот на 1-ви октомври, осврнувајќи се на фактот дека пред предвремените избори во јуни Франција доби директива од Европската комисија да започне процедура за намалување на прекумерниот долг заради пречекорувањето на максималниот дефицит од 3 проценти.

Оваа година дефицитот беше повисок од 6 проценти, а новата влада со помош на зголемувањето на буџетот за 60-тина милијарди евра во следната година планира да го намали на 5 проценти, а потоа и на 3 проценти во 2029-та. Барние рече и дека 40 милијарди евра ќе се прераспределат со редуцирање на јавната потрошувачка, а 20 милијарди со дополнително оданочување на корпоративниот сектор и најбогатите поединци. Презентирајќи ја програмата на новата влада, како дел од мерките за декарбонизација на енергетскиот сектор, најава и инвестиции во нови нуклеарни капацитети, како и нови преговори со синдикатите за реформа на пензискиот систем. Рече дека нема намера да го отповика законот со кој минатата година претседателот на државата Емануел Макрон ја зголеми возрасната граница за пензионирање од 62 на 64 години и најави зголемување на минималната плата за 2 проценти и мерки за сузбивање на расизмот и антисемитизмот.

За понатамошно јакнење на репресивниот систем „на улиците и на границите“ ќе биде задолжен новиот министер за внатрешни работи, тврдолинијашот Бруно Ретајо од редовите на Републиканците, партија која на изборите освои помалку од 6 проценти од гласовите. Барние, кој исто така е припадник на Републиканците и извршуваше низа високи должности и во Франција и во Европската унија, беше поставен за премиер од страна на Макрон на 21 септември и покрај тоа што најмногу гласови доби коалицијата НФП предводена од Непокорена Франција на Жан-Лук Меланшон. Со низа процедурални маневри и со гласовите на сојузниците, но и премолчената поддршка од екстремно десниот Национален сојуз, Макрон прво одби да ја именува (умерената) кандидатка на НФП, Луси Касте, а потоа на власт ја инсталираше малцинската влада на изборните губитници со која, како што рече Меланшон, обезбеди „продолжување на макронизмот“.

Порачувајќи дека сака новата администрација да биде „влада на единство“, Макрон истовремено се мачеше да пронајде министри, од кои многумина се неискусни или биле дел од локалната власт, додека единствениот член на кабинетот кој не е десничар е министерот за правосудство, социјалистот (поранешен) Дидие Миго. Бидејќи опозицијата има мнозинство во парламентот, новата француска влада може да падне на кој било законски предлог, па така и на оној за буџетот, а рекордната излезнсот и резултатите од изборите покажаа дека мнозинството Французи сакаат прекинување на политиките на макронизмот. Исто така, во анкетата спроведена кон средината на септември само 52 проценти од испитаните биле задоволни од изборот за премиер на Макрон, а дури 74 проценти од испитаните рекле и дека Барние нема да издржи до крајот на мандатот.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Moshe Gilula

Извор: https://portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото