1030 hPa
45 %
16 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 11:59
По повод годишнината од војната во Газа, неколку активист(к)и, професор(к)и, новинар(к)и од Хрватска одговoрија на прашањето: Како влијаеше Палестина врз светот и како светот влијаеше врз Палестина последнава година? Карикатури: Ахмад Кадура.
Емина Бужинкиќ, истражувачка и активистка: Меѓународното право е импотентно
Постојано ги повторувам зборовите на американско-палестинската историчарка Мезна Като која по повеќе од половина година од незапирањето на геноцидот во Газа рече: „На светот повеќе му треба Палестина отколку што на Палестина ѝ треба светот“. Палестинското прашање 76 години наназад, а особено последнава година со уште поочигледното истребување, ни ги отвори очите околу инструментализацијата на Палестина за утврдувањето на глобалниот поредок кој не ја крие својата колонијална глад. Режимот на окупација, апартхејд и воен терор на Израел врз Палестина, сосема евидентно го позиционираше палестинскиот живот како сосема безвреден и како закана која треба да се отстрани. Од самите почетоци на европскиот колонијален проект воспоставувањето на државата Израел во духот на ционистичката логика „земја без луѓе за луѓе без земја“ беше јасно дека политиката на бришењето ќе го пронајде својот партнер во профитот и континуираниот раст на воената индустрија и технологијата во најсуровата логика на капитализмот.
Палестина сосема јасно ни укажа и на фактот дека сите ние можеме да станеме колатерална жртва на политиката на САД, европските колонијални сили и корпорациите кои се толку одлучни во создавањето кризи и вонредни состојби и одржувањето на истата сурова логика. Бројните геноциди и војните на други простори кои за жал ни остануваат недостапни во информациската размена преку социјалните мрежи и медиумите, укажуваат токму на тоа.
Палестина исто така ни овозможи да разбереме дека меѓународното право и меѓународните човекови права, како и целокупниот систем на меѓудржавна соработка преку ОН, не само што не функционираат, туку дека се импотентни да одговорат на силата на неправдата и во голема мера да ја штитат воената машинерија оправдувајќи ја со либералниот универзализам.
Луција Муланиќ - политичка научничка и новинарка (ЦМС): Да собереме храброст и да проговориме!
Една година од геноцидот во Газа кој полека, но постојано доаѓа и на Западниот брег, Палестина стана тест за сите наши вредности и за нашата подготвеност да ги застапуваме истите. Ова е геноцид кој можеме да го следиме во реално време. Палестина покажува и колку пропагандата е распространета ширум светот, па и во Хрватска. Видлива е во незнаењето и неразбирањето на доселеничката колонијална експанзија како корен на овој конфикт, во намерното неточно прикажување на конфликтот како религиски помеѓу оние кои наводно се на страната на цивилизацијата и демократијата и оние кои не се, како и во пропратната исламофобна реторика и анти-палестинскиот расизам. Најпосле, Палестина влијаеше на светот така што во реакцијата на геноцидот создаде широко органско движење на солидарност ширум светот. Се согледува во разновидните тактики, како протестите кои ги гледаме од Јапонија и Јемен, сè до САД, до студентските окупации на универзитетите, целните кампањи БДС (Boycott, Divestment and Sanctions) на движењето против разни компании кои се учеснички во геноцидот, уметничките инсталации, герилските акции кои на свои начини укажуваат на геноцидот кој трае.
Исто така, некои земји и политички опции заземаа јасен став против геноцидот и колонијалната експанзија која во моментов е видлива и во ширењето на Израел во јужен Либан. Солидарноста со Палестинците очигледно дојде од општествените движења кои веќе со децении се солидарни со палестинската борба за слобода и јасно се позиционираат против структурното насилство и колонијализмот, како движењето за црнечките права во САД, аболициските феминистички колективи, државите од Јужна Америка, Азија и Африка, како Јужноафриканската Република која и самата има јасно сеќавање на не толку дамнешната политика на апартхејдот. Солидарноста сепак има цена - која исто така ја гледаме ширум светот во криминализацијата на солидарноста со Палестинците и неправедното поврзување на критиката на геноцидот и окупацијата со антисемитизмот, која првенствено ја трпат самите Палестинци и Арапите во дијаспората, но и останатите кои во денешно време застапуваат радикални ставови дека геноцидот треба да запре.
Јерко Бакотин, новинар на Новости: Тотален пораз на хуманоста и елементарното човечко достоинство
Палестина влијаеше на светот на низа начини. Веројатно најзначајното беше тоа што се случи тотален пораз на каква било идеја за хуманоста и елементарното човечко достоинство. Тие се предадени не само од страна на израелското раководство, туку пред сè од страна на западните влади кои на Израел му го овозможуваат непреченото убивање. Поразот дополнително се потенцира со фактот дека убивањето го гледаме во живо во милони и милиони снимки на социјалните мрежи. Тоа самото по себе е перверзно, а притоа светската јавност - „публиката“ - отрпна на убивањата до нечувствителност. Поголем интерес кај медиумите и јавноста побудуваат само новите ескалации, иако луѓе се убиваат секојдневно. Значи, пропаднавме во политичка и етичка провалија.
Понатаму, на сите им стана очигледно колку е гнила и длабоко лицемерна западната приказна за таканаречениот „меѓународен поредок заснован на правилата“ и вредностите на човековите права. Ако го споредиме односот на Западот кон руската агресија на Украина и односот кон израелската убиствена кампања против Газа, јасно е дека тие концепти се применуваат селективно. Во првиот случај имаме солидарност со жртвите и застапувањето на нивното право на одбрана и слобода, во другиот де факто рамнодушност пред колежот, маскиран со неколку неуверливи изрази на емпатија. Се случува крах на меѓународниот поредок кој долго ќе одекнува. Неговото рушење започна уште од американскиот напад на Ирак, рускиот напад на Украина зададе нов моќен удар, но го докрајчи оваа ситуација. Израел дури и го прогласи главниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за персона нон грата, додека Кнесетот летово изгласа резолуција со која принципиелно одбива воспоставување палестинска држава, што е во спротивност со безброј резолуции и одлуки на ОН уште од онаа која во 1948 година на територијата на британскиот мандат во Палестина со воспоставувањето на Израел беше предвидено и воспоставување арапска држава. Израел е држава која себеси се поставува над сите други држави во светот, тоа го праи агресивно, па тоа и го симболизира со ваквите гестови. Правилата кои би требало да важат за сите, не важат и за Израел, кој во тоа има поддршка од клучните западни земји. И покрај тоа, токму таа поддршка го овозможува ова однесување. Остатокот од светот, надвор од Западот, се води според сопствените интереси и нема да ги жртвува своите односи со Западот заради Палестина, но е многу свесен за ова лицемерие.
Трето, дојде до заострување на конфликтите и поларизација во рамки на западните општества. Репресијата на пропалестинските ставови и изразите на солидарност не постојат само во Германија. Во бројни земји дојде до пораст на антисемитизмот и исламофобијата и нетрпеливоста генерално. Постоечките идеолошки тензии помеѓу левицата, либералите и десницата - вклучувајќи ги и оние за другите прашања - преку прашањата за Палестина дополнително се заоструваат. Палестинското прашање станува важна политичка крстосница во општествата, како и клучен генерациски момент на масовно политизирање на младите, можеби и поголем од прашањето за виетнамската војна своевремено.
Како светот влијаеше на Палестина? Главно никако - односно, попрецизно кажано, многу негативно. Во последниве седумдесетина години голем број американски претседатели му се закануваа на Израел со прекин на испораките со оружје, со цел да влијаат на потезите на израелското раководство. Барем еден претседател тоа и го направи неколку пати - звучи неверојатно, но станува збор за Реган. За разлика од него, Џо Бајден не се ни закани. Влијанието на остатокот од светот - пред сè Западот - се состои во тоа што го овозможи најсуровото газење и уништувањето на Палестинците. Не е занемарливо ни какви последици во однос на Палестинците ќе има фактот дека целиот свет суштински и целосно ги предаде: станува збор за предавство до самата срж. Покрај сосема оправданиот бес и гадењето, многу веројатно ќе дојде до понатамошна радикализација и подготвеност на очајнички терористички чинови каков што беше минатогодишниот напад на Хамас.
Горан Пеќанац, член на иницијативата за слободна Палестина: Политиката е мртва
Не ми се чини дека светот влијаеше на Газа, освен на најлошите начини. Уште по начинот на кој Палестина се бори против окупацијата е видливо дека знаат дека се сами. Можеби се лажам и некој има поинаква теоретска рамка, но јас не го гледам тоа.
Палестина влијаеше на светот во неколку важни сегменти. Првиот е дека Палестина на необичен начин обединува огромен број луѓе со широки интереси и способности. На пример, Иницијативата за слободна Палестина не е монолитна заедница, тоа е една шарена алијанса. Неодамна се сетив на починатиот Фредерик Џејмсон. Во еден од неговите, за мене најдраги текстови, American Utopia, Dual Power and Universal Art, споменувајќи ги Хамас и Црните пантери, предлага дека војската треба да има уметнички единици, одред за проверка на квалитетот на водата, пошта, поети итн. Тоа ми се чини како добар пат по кој ќе тргне активизмот. Мислам дека политичката колективна акција заборава колку ни е потребно масовно, во рамката на Џејмсон, регрутирање луѓе кои ќе работат на тоа. Палестина е показател дека е можно да се инспирираат голем број луѓе за иста цел заради екстремноста на проблемот.
Тоа е директно поврзано со најважното нешто што можеме да го научиме од Палестина, а тоа е дека политиката е мртва. Симболичната мрена е речиси целосно отстранета од официјалната политичка активност. Она што остана се јасната вистина и патот. Ние, било да сме војска, активисти или хуманитарци, можеме само да си ја потчиниме политиката на себеси, а не да се надеваме дека политиката ќе направи нешто заради добра намера или агенда.
Третиот сегмент е падот на илузијата на лично, но и колективно ниво. Луѓето забораваат дека логиката на отпорот беше секуларна. ПФЛП (Народниот фронт за ослободување на Палестина) и ДФЛП (Демократскиот фронт за ослободување на Палестина) беа многу поекстремни, никој не се надевал дека ќе излезе жив од тие акции.
Ивона Гргуриновиќ - професорка на Катедрата за етнологија и културна антропологија на Филозофскиот факултет во Загреб: Новите дострели на технологијата на смртта
Би сакала на ова прашање да одговорам така што ќе речам дека страшните слики од Газа, од окупираниот Западен брег и сега од Либан, кои ги гледаме секој ден веќе цела година, нè научија да се бориме за никогаш да не се повтори нешто такво. Меѓутоа, историјата нè учи дека, колку и да е страшен хоророт што го доживуваат Палестинците и колку и да изгледа неповторливо зашто „светот сигурно нема да дозволи нешто такво“, нема никаква гаранција дека нема повторно да гледаме слични слики на некое друго место. Газа ни ги покажа новите дострели на технологијата на смртта, одново ни покажа дека војната, како незапирлива капиталистичка машина за правење пари, ни најмалку не попушта пред незамисливото човечко страдање. Од друга страна, оваа војна ни ги покажа дострелите и креативноста на човечката солидарност рефлектирана во антивоените иницијативи, протестите и акциите за помош.
Ако зборуваме за таканаречената меѓународна заедница, се плашам дека таа целосно ги изневери Палестина и Палестинците, со своето недејствување да го запре масакрот на кој сведочиме. Светот генерално, односно некои негови делови, и обичните луѓе како вие и јас, се организираат и вршат притисок, меѓу другото, и на таканаречената меѓународна заедница. Мораме да издржиме во тоа, без оглед колку беспомошно се чувствуваме понекогаш.
Борислав Микулиќ, пензиониран професор на Катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб: Не постои чувство на одговорност за настаните во Газа зашто не постои емпатија со слободата
На прашањето за масивната војна на Израел против Палестинците во Газа светот се распадна по сите рабови, политички, морално и интелектуално, како во пандемијата со короната. Но тоа не е ефектот на Палестина во светот, тоа е ефектот на Израел. Државата Израел, со асистенција на „водечките западни сили“, го претвори правото на одбрана во право на војна, во уништување на туѓиот животен простор и геноцид. Израелската влада во ниеден момент не криеше дека под изговорот за конечна пресметка со организацијата Хамас го имитира токму Хамас подигнувајќи ги терористичките акции на државно ниво или дека предцивилизацискиот старозаветен принцип на освета го прави принцип на современата политика и започнува масивна војна за „конечно решение на палестинското прашање“ - според нацистичкиот модел за уништување на сите Евреи во Варшавското гето: со истребување на луѓето и уништување на секој отпор. Децениската внатрешна политика на апартхејд, шиканирањето и теророт кон Палестинците, Израел најпосле ја насочи кон надвор.
Затоа она што треба да ја апсобира енергијата не е сожалувањето над Палестинците, туку револтот против злосторничката политика на Израел. Прашањето не е што сме направиле за Палестина: со виктимизацијата на Палестина само ја миеме злата свест за пасивноста на Европа во однос на Израел. Воопшто не станува збор за легитимните мерки на државата Израел за заштита на своето население од упадите на терористичката организација Хамас. Израел сака да го уништи секој сегашен и иден облик на воен отпор против окупацијата на палестинските територии и ширењето на Израел кое е програмирано со ционистичкиот проект и основањето на државата Израел во 1948 година. Таа е европски проект. Додека највлијателните влади од Западот активно го поддржуваат Израел, поголем дел од светската јавност сè уште се однесува како во автоблокада: декларативно го признава правото на Палестинците на сопствена држава, но ги одржува моралната уцена на Израел и пропагандистичката мантра за нацистичката и антисемитска природа на секоја критика на ционизмот. Денес, водечките земји од Европа, како Германија и Франција, законски ја прогонуваат секоја актуелна јавна критика на ционизмот и насилството на државата Израел кон Палестинците како „акт на антисемитизам“. И покрај тоа, цивилните протести на Палестинците на Западот ги дифамираат со апсурдни квалификации како „палестински антисемитизам“.
Не станува збор за незнаење дека Палестинците се подеднакво „семити“ како и Евреите. Се работи за злокобно негирање на знаењето дека израелската политика кон Палестинците денес ја повторува нацистичката политика кон Евреите. Застрашувачки е што Европа денес кон судбината на Палестинците се однесува како кон судбината на Евреите. Поистоветувањето на секоја критика на Израел со антисемитизмот денес не донесува само блокада за миротворното дејствување против политиката на Израел преку морална уцена со холокаустот на Евреите. Во однос на Палестинците тоа го содржи нивното премолчено, но политички делотворно симболичко исклучување додека ги возвишува Евреите во парадигматски облик на семитска раса. Израелската воена пропаганда против Палестинците е отворено расистичка и ја користи истата реторика и практика за дехуманизација на другите луѓе. Тоа е споредливо само со нацистичката узурпација на ариевството, прогласувањето на Евреите за антираса и со исклучувањето на европските Роми од поимот човек. Како што гледаме, во таквата политичка регресија активно учествува доминантен дел од политичкиот, културниот и академскиот естаблишмент од Западот, кој се смета за либерален. Произраелската политика на водечките западни држави изгледа као симптом на ренацификацијата на Европа.
Тоа е причината зошто анализата на антисемитизмот на Хана Арент во книгата Изворите на тоталитаризмот од 1951 година важи и денес како за денешната политика на Израел кон Палестинците, така и за ставот на западните земји кон Израел. Иако и самата била припадничка на ционистичкото движење, го напуштила заради расистичката и колонизаторската идеологија кон Палестинците и пред основањето на државата Израел. Анализата на европскиот антисемитизам од 19-от и 20-от век ја отвори со реченицата која предизвика мало внимание иако е подеднакво вознемирувачка како и нејзиниот слоган за баналноста на нацистичкото зло: „Евреите се единствен европски народ без држава - секогаш блиски со власта“. Денес зад еврејскиот народ не стои само државата Израел, туку „светската власт“ - САД и главните членки на НАТО, Франција и Германија, главните перјанички на класичниот антисемитизам од 19-от век, кои денес официјално ставаат „филосемитска“ маска, за да го заменат својот терор над Евреите со израелскиот терор над Палестинците.
Мухамед Ал Хунис, консултант и судски толкувач на арапски јазик: Палестинскиот проблем е во сржта на Блискиот исток: Израел е конструкт на колонијалните сили
Овој проблем трае предолго и Палестинците не очекуваат премногу зашто помошта од светот никогаш не била на соодветно ниво. Има разочарување, но не е неочекувано. На сите им е јасно дека никој нема да им ги даде правата на Палестинците без тие да се изборат за тоа како и сите народи низ историјата.
Најважното влијание е враќањето на прашањето за Палестина на централното место на Блискиот исток. Доминантната политика беше дека палестинскиот проблем не постои и дека таму ќе се склучи мир. Оттогаш, како Палестина да не постои за западниот свет. Оваа војна докажа дека проблемот е во сржта и дека никој нема да може да реши ништо на Блискиот исток без решавање на палестинскиот проблем. Второто влијание е дека западно-европската демократија за која се надевавме дека ќе биде прифатена другаде, го губи своето влијание на Блискиот исток, особено кај Арапите и муслиманите зашто се покажа дека се работи за многу реторика со малку акција. Западната демократија го прифати правото на државата Израел на самоодбрана, а никој не зборува за правото на одбрана на Палестинците.
Третото влијание е во тоа што меѓународно-правниот систем е пред колапс. Судот за воени злосторства покажа дека не е направен за да им суди на сите подеднакво, туку само на некои. Како што изјави јавниот обвинител, „овој суд е за Путин и африканските државници, а не за Израел и Западна Европа“. Четвртото влијание е уште една демонстрација дека ОН како координативно тело е во парализа зашто не може да се договори за ништо.
Татјана Тадиќ, потпретседателка на организацијата Are You Syrious?: Нашиот колективен срам
Газа е обележје на нашата генерација и засекогаш ќе биде запишана во историјата како наш колективен срам, наш политички и морален неуспех. Една година од почетокот на геноцидот и масакрите, на кои им нема крај, а повеќето медиуми дактилографски веродостојно ја препишуваат дехуманизирачката геноцидна реторика на израелските владини и воени службеници. Во Хрватска изостана јасна политичка осуда на геноцидот, сè уште не сме се оттргнале од мудрувањето за „одговорноста на двете страни“, со кое ја бришеме реалноста на децениите колонијална окупација. Јасно е дека со ваквите изјави се поставуваме на надзорната (уште една) листа на државниот безбедносен апарат, но окупираниот народ има право на одбрана од илегална окупација. Тоа го кажуваат и десетиците резолуции на Генералното собрание на ОН кои ги поддржуваат народноослободителните движења во нивната борба за независност и самоопределување.
Има многу начини за учество во геноцидот. Можеби не сме го повлекле чкрапалото на снајперот или не сме го стегнале последниот шраф на дронот кој ќе сее смрт од небото, но историјата ќе ни суди заради молчењето додека жртвите на геноцидот сето тоа го пренесувале во реално време на нашите екрани.
Арон Бушнел, Мет Нелсон и 27-годишната жена чие име не го знаеме, се самозапалија во знак на протест против геноцидот во Газа. Често размислувам која била последната капка што ја прелеала чашата, моментот кој ги довел до таква одлука. Дали тоа бил последниот поздрав на Калед и неговата внука Реем? Или човекот кој ги носеше остатоците од своите деца во пластични ќеси? Или смртта на Хинд Рајад, која претходно, пред да биде убиена, го доживеала незамисливото, заробена во автомобил опкружен со телата на нејзиното мртво семејство? Смртта на Рефат Аларер, чие единствено оружје беше зборот? Или Јуман Арфа и нејзините близнаци, стари ни четири дена, убиени со прецизен удар? Или Исмаил ал-Гул, кој продолжи да известува за злосторствата откако окупациските сили го убија неговиот брат, неговите пријатели, неговите колеги? Најпосле и самиот беше убиен додека ја работеше својата работа, придружувајќи им се на 130-те свои колеги кои станаа мети зашто се осудија на светот да му покажат што се случува во Газа. Дали се тоа докторите кои одржаа конференција за новинари опкружени со телата на мртвите од масакрот во болницата Ал Ахли? Или луѓето во Газа на кои им е одземено дури и достоинството со погребувањето на своите најмили, кои собираа остатоци од 70 килограми непрепознатливи делови од тела изгорени од израелските бомби, кои тежеа колку еден човек? Можеби заради човекот чии раце беа врзани со пластични лисици пред да биде прегазен со воено возило, почнувајќи од долниот па до горниот дел од телото додека сè уште беше жив?
Медицинското списание Лансет неодамна објави проценка на бројот на смртните случаи во Газа, според која се убиени околу 186.000 луѓе до средината на јуни 2024 година. Ако смртните случаи продолжат со моменталното темпо, до крајот на годината би можело да има уште дополнителни 149.500 смртни случаи, со што вкупниот број од почетокот на геноцидот би можел да достигне околу 335.500.
Дали ви е мачно? Чувствувате ли силна, висцерална реакција читајќи ги овие зборови? Тие се само делче од она што се случи последнава година. Сè уште излегувате на улица и барате итен прекин на огнот, прекин на испораките со оружје и економски санкции. Барате прекин на окупацијата на Палестина. Оддадете им почест на храброста и непоколебливоста на Палестинците пред силите кои се обидуваат да ги уништат нивната слобода и нивното достоинство. Како што рече Гасан Канафани во 1970-та година: „За нас, да се ослободи нашата држава, да се има достоинство, да се има почит, да имаме човекови права е есенцијално како и самиот живот“.
Карикатури: Ahmad Qaddura
Извор за текстот: H-Alter