1017 hPa
27 %

35 °C
Скопје - Вто, 17.06.2025 14:59
Пол Витгенштајн е роден 1887 година во исклучително богато австриско семејство, а нивниот дом го посетувале многу познати композитори и културни дејци – Брамс, Малер, Штраус итн.
Сите деца биле музикални и амбициозни. Сепак, нивниот татко Карл сакал тие да се вклучат во семејниот производствен бизнис, наместо да тргнат по уметнички пат. Но, баба им Фани била нивен покровител и затоа го охрабрувала Пол кога го изразувал својот музички талент.
По смртта на неговиот татко во 1913 година одржал успешен дебитантски концерт, иако самиот ги платил и салата и оркестарот.
Меѓутоа, по избувнувањето на војната ѝ се придружил на австриската армија и служел на рускиот фронт. За време на борбите во Украина бил застрелан во раката и заробен од Русите. Десната рака морала да му биде ампутирана, а тоа сигурно значело крај на неговата кариера. Кога ја слушнал веста, Лудвиг во својот дневник напишал: „Постојано мислам на кутриот Пол, кој толку ненадејно ја загуби кариерата! Ужасно. Каква филозофија е потребна за да се надмине нешто такво! Како поинаку да се постигне тоа освен со самоубиство!“ (Тројца од нивните браќа и сестри навистина се самоубиле).
Сепак, закрепнувајќи во воениот логор во Омск, Пол му пишал на својот поранешен учител да напише концерт за пијано само за левата рака. На дрвена гајба нацртал контури на клавијатура за пијано и вежбал седум часа на ден, забавувајќи ги другите затвореници. „Тоа беше како да се искачувате на планина. Ако не можете да се издигнете на еден начин, пробајте на друг“, рекол подоцна. Веројатно бил инспириран од еден друг Австриец, Леополд Годовски, кој предавал пијано на Империјалната музичка академија и пишувал дела за лева рака со цел да ја подобри техниката на учениците. Го познавал грофот Геза Зичи, еден од учениците на Лист, кој станал првиот професионален пијанист со една рака во светот по несреќа при лов.
По војната, Витгенштајн продолжил како пијанист, аранжирајќи композиции за лева рака и свирејќи композиции што ги напишал самиот. Едноставно, не сакал да биде познат како изрод или да биде сожалуван. Со текот на времето станал почитуван и познат изведувач.
Нарачувал дела на водечки композитори меѓу кои Прокофјев, Штраус, Хиндемит, Корнголд и многу други, и секогаш инсистирал на ексклузивни права за изведување. За жал, неговиот вкус бил насочен кон романтичната музика од деветнаесеттиот век, а не кон авангардните композиции кои ги преферирале луѓето како Хиндемит. Не му се допаѓале таквите композиции и не сакал ни да ги свири, а некои од нив биле откриени и изведени по неговата смрт, на пример, делото на Хиндемит конечно било премиерно изведено во 2004 година. Во 1931 година му напишал на Прокофјев:
„Ви благодарам за концертот, но јас не разбирам ниту една нота и нема да го свирам.“
Ова дело за прв пат во 1956-та година требало да го отсвири друг пијанист кој ја изгубил раката во војната. Витгенштајн исто така имал лош однос и со Равел, бидејќи самиот направил промени на новиот Концерт во Д за левата рака, без никакви консултации.
Музичарот Иван Илиќ посочил дека Витгенштајн можеби не бил запознаен со вистинската работа на композиторите од кои нарачувал, туку се водел од нивниот престиж, велејќи:
„Ако Витгенштајн беше повеќе запознаен со композицискиот стил на Равел, немало да биде изненаден од резултатот“.
Прокофјев за него рекол:
„Не гледам некој посебен талент во неговата лева рака.“
Можеби Пол Витгенштајн никогаш немало да стане познат пијанист доколку не се случеле необични околности. Неговото семејство се срамело од него, чувствувајќи дека го срами семејното име и посакувало да се откаже од музиката.
Пол емигрирал од Австрија во Соединетите Држави во 1938 година. Семејството Витгенштајн по потекло било еврејско, иако биле христијани три генерации од татковска страна и две од мајчина страна. За нацистите, тие сè уште биле Евреи. Сестрите на Пол и Лудвиг инсистирале да останат во Виена, верувајќи дека никој нема да се осмели да ја наруши нивната привилегирана егзистенција. Пол морал да го поткупи нацистичкиот режим за да ги остави неговите сестри на мира. Витгенштајнови биле едно од најбогатите семејства во Европа, со имот од 6 милијарди долари, а сето тоа било наменето за заштита на двете сестри во нивната виенска палата.
Пол Витгенштајн почина во Њујорк 1961 година, откако стана американски државјанин и ја продолжи својата кариера на свирење и предавање музика. Додека бил во Америка, нарачал композиција од Бенџамин Бритен во 1942 година, но, очекувано, не му се допаднала. Без оглед на вкусот и талентот на Витгенштајн, пијанистите со посебни потреби имаат добра причина да му се заблагодарат за неговата решителност и придонесот во проширувањето на репертоарот.