Аверзија во ЕУ против повеќејазичноста

15.10.2024 00:29
Аверзија во ЕУ против повеќејазичноста

Во ЕУ често се нагласува значењето на јазичната различност и повеќејазичноста, како важен дел од европското културно наследство. Но, едновремено, развојот поврзан со јазичната проблематика во повеќе ЕУ-членки се чини дека го покажува токму спротивното.

ЕУ на различни начини се обидува да ја унапреди повеќејазичноста во Европа, така што целта околу која се фокусираат таквите напори е секој граѓанин на ЕУ, освен својот мајчин јазик, да владее уште два јазика. Јазичната реалност во Европа се потпира врз мошне разгранет и раширен мултилингвизам. Во Европа се зборуваат околу 225 „домашни“ јазици. Кон таа бројка треба да се додадат и јазиците на имигрантите, на доселениците, така што, според некои истражувачи, вкупната бројка изнесува некаде околу 300 јазици што се користат во Европа.

Но, она што се случува во голем број членки на ЕУ е дека еднојазичноста се смета за сосема нормален и правилен модел на јазична политика. Голем број земји се чини се вртат сè повеќе внатре кон себе. Екстремната десница во изминатите години постигна успех на изборите во низа земји, а како резултат на таквиот развој се засилија и националистичките ветришта. За јазичната политика во Европа тоа е лоша работа. Една од последиците на заострувањето на толеранцијата во однос на користењето на сопствениот јазик, е дека многумина што зборуваат малцински јазици, можеби не се осмелуваат да го употребуваат својот јазик во јавен простор во градовите.

„Обединети во различноста“ е мотото на Европската Унија, врз кое по сè изгледа сè повеќе паѓа сенка. Повеќејазичноста во Европската Унија е принцип што е формулиран и прифатен како дел од Повелбата за формирање на Европската економска заедница од 1958 година. Повеќејазичноста во институциите на ЕУ со тоа е прогласена како еден од главните принципи за почитување и обединетост во различноста, пред сè со цел да се избегне доминација на една земја на штета на друга. Притоа секој граѓанин на ЕУ има право документите на Унијата да ги чита на јазик што го разбира.

Но, од друга страна, со процесот на проширување на Европската Унија и постојаното приклучување на нови земји членки, повеќејазичноста, всушност, станува гломазен проект, кој Унијата ја чини милијарди евра, предизвикува застој во работата, усложнување на механизмите за превод и комуникација, така што многумина сметаат дека постепено се претвора во сериозен баласт, наместо да функционира, според изворната замисла, како олеснувачки инструмент.

Оние што заговараат исклучивост во јазичната проблематика на најширок план во општествената комуникација, по правило се противници на употребата и поддршката на користење на јазиците и културите на различни имигрантски групи. Но, фокусирањето врз решенија што во преден план подразбираат функционална еднојазичност, е во исто време насочено и против сите јазици на националните малцинства и нивните култури.

Во Финска, на пример, тоа се случува преку критиките и анимозитетот со кој екстремно-десничарската и националистичка партија Вистински Финци настапува во Парламентот, обидувајќи се да ја редуцира и да ја минимизира традиционалната двојазичност во Финска, каде што јазикот на финските Швеѓани (помалку од шест отсто од населението) е во рамноправна употреба со мнозинскиот фински јазик.

Како одговор на таквите политички заложби, неодамна во Националната библиотека во Хелсинки беше отворена изложба, по повод Европската недела на јазиците, на популарни книги за деца и млади во превод не само на шведски, туку и на сите 24 официјални јазици во ЕУ.

Веќе е повеќепати констатирано дека обесправените малцинства во Европа не добиваат никаква помош од ЕУ. Унијата постепено го губи својот кредибилитет во областа на заштитата на малцинските права. Пред неколку години една граѓанската иницијатива на унгарското малцинство во Романија не беше прифатена и поддржана од Европската комисија. Во кампањата во врска со оваа иницијатива беа собрани милион потписи, со цел да се поттикне ЕУ да го унапреди законодавството за заштита на малцинствата и нивното право на образование, култура, регионална политика и учество во медиумското информирање. Но и покрај таквите силни притисоци, ништо позначајно не се има случено во Брисел на овој план. Зошто тогаш би се изразувало уверување дека ЕУ би можела да покаже решителност и одблиску да се позанимава со проблемите на кои е изложено македонското малцинство во Бугарија?

Одговорот на Европската комисија на споменатата граѓанска иницијатива на унгарското малцинство во Романија, бил, како што многумина оцениле, „целосно неверојатен“. Од една страна, во одговорот на Брисел било нагласено дека ЕУ ги штити правата на малцинствата, но истовремено е констатирано дека недостасува правен основ за да се бранат таквите права. Тоа е веројатно и најголемиот проблем со целиот ЕУ-апарат. Во свечени говори и изјави гласно се декларираат таквите европски вредности, но во практика, всушност, ништо не се случува.

Каква е тогаш вредноста на ЕУ доколку не може да интервенира против кршењето на човековите права? Европската комисија ја отфрли граѓанската иницијатива на Унгарците во Романија со образложение дека ѝ недостасува компетенција во доменот на законодавството за малцинствата, и дека за тоа прашање се грижи секоја земја членка одделно. Критичарите не го прифаќаат таквото образложение оти проблемот е што спротивставените интереси меѓу државната власт и малцинските групи ја поттикнуваат дискриминацијата, а што е директно спротивно на вредностите за кои ЕУ постојано тврди дека се залага.

На Каталонците и на Баскијците, на пример, тоа мошне добро им е познато. На Македонците во Бугарија, исто така. Напоредно, во Македонија пред неколку години беше усвоен Закон за двојазичност (во полза на малцинскиот албански јазик) кој, иако поттикна низа контроверзии, и понатаму функционира.

Проширувањето на ЕУ кон Исток неизбежно доведе до оживување на „подзаборавени“ малцински јазични и културни проблеми и извесни спорни прашања на границите, а со тоа и до појава на повеќе потенцијални жаришта на судири. Надежта беше, и уште е, дека ЕУ-членството ќе ги обврзе членките да ги решаваат проблемите со соседите и малцинствата на мирен начин, при што идеално решение би било сите земји со малцинства, вклучувајќи ги, се разбира, и земјите кандидатки од Западен Балкан, да бидат примени во полноправно членство, и со тоа во голема мера да се „декативира“ историскиот набој на дискриминација на националните малцинства.

Јасно е дека оттаму и доаѓа стравувањето на Бугарија од можното полноправно членство на Македонија во ЕУ. Оттаму и тврдото вето на Бугарија пред македонските европски аспирации, поттурнувајќи го во скутот на Брисел својот фамозен услов, или подобро речено лажен изговор и уцена, за неизоставно впишување на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Колку е тешко да се разбере аверзијата што се создава околу тоа?

Слики: Toni Hamel

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото