1007 hPa
33 %

28 °C
Скопје - Пон, 07.07.2025 20:59
Откако ја искористи одличната можност во Газа, Израел тргнува во нова – војна во Либан. Кога веќе зборуваме за војните, Израел е земја со неограничени шанси. Секоја војна е можност, секоја можност е војна. Имаме проблем во Газа? Решението е војна. Проблеми на северната граница? Повторно војна. Поголемиот дел од Израелците се воодушевени бидејќи со години чекаа ваква можност, а останатиот дел даваат поддршка во тишина и во мака. Но, речиси сите се уверени дека нема друг избор.
Едно е да се гледа на војната како на неопходно зло, а друга работа е кога се гледа како на шанса. Шанса за нов свет, за поинаква, подобра стварност. Хамас ќе биде уништен, заложниците ќе бидат ослободени, Хезболах ќе биде поразен и понижен, жителите на северот ќе се вратат, Галилеја ќе процвета, ќе се обнови растителниот свет. Каква прекрасна шанса претставува војната. Израел никогаш во својата историја не влегол во војна со која се поправило нешто во земјата или некој проблем бил решен – а неколку војни, како онаа од 1967 година, до непрепознатливост ја влошија состојбата. Само што тој факт никого не одврати. Почекајте до следната војна. Тоа ќе ги реши проблемите еднаш и засекогаш.
„Еднаш и засекогаш“ значи апсолутна победа. Бидејќи наводно го победи Хамас – еднаш и засекогаш - Израел ќе го скрши и Хезболах – еднаш и засекогаш. Единствено што тоа еднаш и засекогаш постојано се завршува со неколку години примирје, по кое доаѓа војна полоша од претходната. Сега поддржувачите на големата војна во Либан, својата желба повторно да ја видат израелската војска на влезот од Бејрут, ја правдаат со тврдењето дека е создадена голема шанса за Израел. Кон крајот на неделата дури ги поттикнуваа оние што носат одлуки: 500 ослепени луѓе во Либан, по експлозијата на пејџерите се златна можност што наскоро нема да биде видена. По ѓаволите, кога веќе ќе влезете во војна?
Да се види војната како можност е само по себе знак на болно размислување. Да се размислува за војната како прво и единствено средство за решавање на проблемите е знак на ментално нарушување. Но, во држава во која колумнистката на весникот „Хајом“, Карни Елдад, ги нарекува десетиците убиени, илјадниците ранети и стотина ослепени поради експлозијата на пејџерите во Либан, „редок подарок за овој народ, кој тоа го заслужува најмногу на светот пред претстојните новогодишни празници“, тоа не треба да нè чуди.
„Незамисливите удари што ги доби непријателот на север се точно тоа што на овој народ му е потребно: елеганција, прецизност, понижување, размислување милион чекори однапред“, ликува Елдад. Милион чекори однапред. Освен што за разумната јавност војната не е можност за ништо освен за крвопролевање, уништување и загуби.
Школата на размислувањето „еднаш и засекогаш“ по Газа се покажува во особено страшно светло. Тамошната ужасна војна требаше да ги реши проблемите еднаш и засекогаш, но ниту еден не е решен по години мачни борби, голем број загинати и потполно уништување. Израел од војната во Газа ќе излезе во многу полоша состојба од онаа во која се наоѓаше претходно. Како е воопшто возможно да се верува дека војната против многу посилна организација, во многу потешки теренски услови и со исцрпена војска, со целото гадење на светот, ќе доведе до подобар резултат од поразот во Газа. Поголемиот дел од Израелците уште не ја разбрале димензијата од поразот во Газа. Тие не стигнаа до очигледниот заклучок дека ќе беше подобро Израел да не влегува во таа војна, а веќе итаат кон либанскиот Сидон. Како и во случајот со Рафа – нема спротивставување. Луѓето демонстрираат, но не против војната.
Тешко е да се размислува за оваа неверојатна коинциденција: додека војниците без каква било смисла и корист убиваат и гинат во Газа, трупите веќе се пробиваат кон север кон уште една покрвава војна, која исто така би требало проблемот да го заврши еднаш и засекогаш. Сè гледаме и се согласуваме на лаги. По Либан одиме во војна со Иран. И таму ќе има шанси, таму исто така ќе ги решаваме проблемите – еднаш и засекогаш.
Карикатури: Omar Al Abdallat
Извор за текстот: Haaretz, 22.09.24.