1008 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 06:59

„Ментално болните се како колибри: никогаш не слетуваат, секогаш лебдат два метри над земјата“.
Росарио е роден во 1909 година во Џапаратуба на источниот брег на Бразил, како потомок на африкански робови. Додека растел бил изложен на моќната религиозна култура и хибридните традиции на народната уметност. Биспо до Росарио работел како сигнализирач во морнарицата (бил исфрлен поради непослушност во 1933 година), а потоа бил и боксер, пред конечно да заврши во Рио како чудак.
Во 1938 година имал визија со ангели кои се капат во светлина. Верувал дека тој е Исус Христос и дека Дева Марија му дала мисија. Негова задача била одново да го создаде универзумот во визуелна форма. Верувал дека во дворот каде што живеел на улицата Сао Клементе го донеле седум ангели. Истата година бил уапсен, а потоа хоспитализиран на лекување од параноична шизофренија. Остатокот од својот живот требало да го помине во болницата Колонија Хулиано Мореира во Рио де Жанеиро.
Своето творештво го започнал на таванот од болницата, правејќи попис на универзумот. Следните педесет години поминувал и до 20 часа дневно работејќи опсесивно, создавајќи повеќе од 800 скулптури, предмети и облека кои почнале да се шират низ целата зграда. Во 2012 година, осумдесет предмети биле позајмени во Музејот Викторија и Алберт.
.jpg)
Шиењето транспаренти за религиозните поворки во Џапаратуба било машка работа, па Росарио работел во рамки на својата културна традиција. На своите креации од ткаенина шиел религиозни пораки и секакви други текстови.
Во тие креации бил вложен огромен труд. Декоративните извезени текстови се споредуваат со илуминираните ракописи. За британската публика неизбежна е споредбата со неодамнешната продукција на Трејси Емин, само што бразилскиот уметник не е ориентиран кон овој, туку кон другиот свет.
Делото на Росарио е извонредно сложено и влијателно. Потсетува на надреализмот, креациите од ткаенина на Луиз Буржоа, на колажите и конструкциите на Курт Швитерс. Пред сè, во оваа сложена и луда креација е духот на Дада. Ова креативно достигнување е уште поизвонредно заради тоа што Биспо до Росарио бил самоук, работел во уметнички вакуум и ја создал сета оваа извонредна уметност преку сопствената оригиналност и имагинација. Не посетувал часови по арт-терапија и немал контакт со други уметници.
.jpg)
Во 1982 година беше отворен Museo do Bispo Rosario, институција која се грижи за делата што Росарио ги создал во болницата. Првата изложба на неговите уметнички дела е одржана во 1989 година, само неколку месеци откако Артур Биспо до Росарио почина од рак. Потоа следеа ревии на биеналето во Венеција, Париз, Лондон. Денес, сè повеќе луѓе во уметничкиот свет го почитуваат Артур Биспо до Росарио заради неговата автентичност и оригиналност. Неговата ризница од 802 дела сега е назначена како дел од националното наследство на Бразил, а неговиот музеј одржува уметнички работилници за луѓе со ментални болести и за членови на јавноста. Во неговиот роден град Џапаратуба е поставена негова статуа.
Терминот „аутсајдерска уметност“ се користи за творци надвор од мејнстрим културата како Биспо до Росарио. Тешко е да се оцени аутсајдерската уметност. Како го оценувате креативното дело создадено од некој кој никогаш не се сметал себеси за уметник? Тери Касл ја опишува аутсајдерската уметност како „прекрасна, дезориентирачка, а понекогаш и одбивна појава“. Шизофренијата, депресијата и другите ментални болести често се поврзуваат со оригиналната креативна мисла, како и со религиозноста. Дали треба да има некаква разлика што овие активности се генерирани од екстремни и невообичаени состојби на мозокот? Дали има некоја значајна разлика помеѓу делото на Росарио и она на холандскиот ренесансен мајстор Хиеронимус Бош, кој насликал извонредни визии на рајот и пеколот? Најпосле, многу уметници и писатели доживеале ментална болест, што им дава поинаква перспектива на светот, а можеби и горлива потреба да се изразат.
.jpg)
Артур Биспо до Росарио е само еден од многуте луѓе со ментална болест кои се прославиле со нивната оригинална уметничка визија. Тој е дел од бразилската култура како уметник, поставувајќи прашања за кои сè уште се дискутира денес и кои се поврзани со уметничкото создавање и изразување - за тоа што се смета за уметност, од каде доаѓа уметноста и каде припаѓа.
Покрај неколкуте луѓе со ментална болест кои се препознаени како големи уметници, има уште илјадници кои творат во своите домови или на сесиите за уметничка терапија или работна терапија. Огромен дел од оваа уметност е исто толку банална и неинтересна, како и делото што вие или јас би го создале на нашиот вечерен час - што не значи дека сето тоа е неважно или бескорисно, туку дека менталното заболување не може од секого да направи уметник.
Без разлика дали се пророци, поети или сликари, луѓето со шизофренија и манична депресија имаат огромен придонес во културата.
.jpg)