1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Жорж Кутон бил параплегичар и водечка светлина на Француската револуција. Роден е во Оверњ, како син на адвокат и внук на продавач. Станал адвокат во Клермон-Феран, каде се истакнал со неговиот љубезен карактер, но и јасниот, прецизен и убедлив говор. Им давал бесплатни правни совети на сиромашните и ги поддржувал добротворните институции. Подоцна станал слободен масон.
Иако Кутон страдал од проблеми со зглобовите уште од своето детство, дури во 1782 година постепено ја изгубил употребата на едната, а потоа и на другата нога, и покрај разните третмани како електротерапијата, диета со млеко и бањи со сулфур. Инвалидноста не го спречила во 1787 година да се ожени и да има две деца. Но, до крајот на животот трпел огромни болки и редовно доживувал здравствени кризи кои често го принудувале да остане во кревет. Неговата парализа никогаш не била соодветно дијагностицирана, па не се знаело дали настанала од инфекција на 'рбетните нерви или била последица на мултиплекс склероза.
Во 1791 година Кутон станал заменик на Законодавното собрание. Во Париз му се придржуил на јакобинскиот клуб. Во Собранието се истакнувал со неговата елоквентност и демократските идеали.
Во 1792 година бил избран во парламентот. Отпрвин, не заземал страна во борбата меѓу Монтањарите и Жирондинците. Гласал за смртта на Луј XVI и станал соработник на Робеспјер. Кога Жирондинците паднале од власт повикувал на умереност. Потоа станал член на Комитетот за јавна безбедност.
Кога во 1793 година градот Лион се побунил против новиот режим, Комитетот за јавна безбедност повикувал Лион да биде уништен, за да се даде пример. Кутон Требало да ја преземе одговорноста. Меѓутоа, тој се погрижил да се уриваат куќите на богатите, а оние на сиромашните да бидат изземени. Не сакал ни да ги надгледува масовните егзекуции. Затоа побарал да биде ослободен од должноста, а на негово место бил испратен некој побрутален.
Се вратил во Париз и станал претседател на Конвенцијата (на функцијата бил само неколку недели), наследувајќи го сликарот Жак Луј Давид. Од почетокот на 1794 година почнал да користи инвалидска количка, која порано ѝ припаѓала на грофицата од Артоа во Версај. Ниту тогаш, ниту претходно, неговиот инвалидитет не го спречил да извршува политички функции и важни мисии за владата.
Кутон им помогнал на Робеспјер и Сен Жист да го урнат Дантон: се вели дека пред неговото погубување Дантон забележал „Ако му ги оставам нозете на Кутон, Комитетот за јавна безбедност би можел да се тетерави уште малку“.
Кутон имал мала заслуга во донесувањето на законот 22 Prairial, кој, со цел да ги скрати постапките на Револуционерниот трибунал, го отстранил правото на правна одбрана на луѓето обвинети за политичко противење на Револуцијата. Тврдел дека злосторството против народот е полошо од злосторството против индивидуата и дека таквите „напади врз постоењето на слободното општество“ треба да се третираат поинаку. Како резултат на овој закон, десетици илјади биле егзекутирани за време на теророт што следел.
Иронично, една од првите жртви бил самиот Кутон. Кога Робеспјер се заканил со нова чистка во Конвенцијата, неговите непријатели тргнале против него и неговите следбеници пред и самите да бидат погубени. Жорж Кутон можел да го напушти Париз на мисија во Оверњ, но напишал дека сака или да умре или да триумфира со Робеспјер и слободата. При апсењето паднал по скали и ја повредил главата.
На своите непријатели им рекол: „Ме обвинуваат дека сум заговорник: посакувам да можевте да читате во длабочината на мојата душа“.
Кутон бил погубен на 28 јули 1794 година, заедно со Робеспјер и Сен Жист. Најпрвин бил однесен на скелето, но на џелатите им биле потребни петнаесет мачни минути да го наместат неговото тело под гилотината. Кутон никогаш не бил ни суров ни жеден за крв како останатите обвинети, а во смртта и животот го постигна она што се нарекува „еднаквост на гилотината“.