Влијанието на гените врз политичките ставови

17.10.2024 23:36
Влијанието на гените врз политичките ставови

Од каде доаѓа нашиот политички став?

Дали досегнува до нашето детство, ставовите што нè опкружуваат, околностите во кои сме пораснале?

Дали сето тоа е резултат на воспитувањето - или природата има свој удел преку суптилните механизми на ДНК? Каде се наоѓа мозокот во сето ова?

Научниците сериозно ги истражувале корените на политичките уверувања последниве 50 години, поттикнати од подемот на социобиологијата, студиите за биолошката основа на однесувањето, а овозможени со модерните алати како скенерот на мозок и секвенцерот на геномот.

Оваа област напредува, но разоткривањето на биологијата на однесувањето никогаш не е едноставно.

На пример, да ја разгледаме студијата објавена неодамна. Истражувачи од Грција и Холандија проучиле МРИ снимки на речиси 1 000 Холанѓани кои одговарале на прашалници за своите политички ставови.

Трудот е реплика на студијата од 2011 година, која е бизарно нарачана од глумецот Колин Фирт, за да се проверат резултатите.

Студијата на Фирт, спроведена на УЦЛ, известува за структурните разлики помеѓу конзервативните и либералните мозоци. Во просек, конзерватиците имале поголема амигдала, област поврзана со перцепцијата на заканата.

Либералите во просек имале поголем антериорен цингулатен кортекс, област вклучена во донесувањето одлуки.

Во најновата студија на Холанѓаните, истражувачите не нашле знаци на поголем антериорен цингулатен кортекс кај либералите. Меѓутоа, нашле докази за многу малку поголема амигдала кај конзервативците. Mail Online објави дека тоа укажува дека конзервативците се „посочувствителни“, но подоцна го сменија ставот, истакнувајќи дека студијата не кажува ништо за сочувствителноста.

Важно е да се погледне големината на разликите кои ги откриле научниците. Кога д-р Стивен Шолте, коавтор на студијата од Универзитетот во Амстердам, ги вршел мерењата открил дека амигдалата на конзервативците во просек е поголема од онаа на либералите за приближно едно зрнце сусам. Тоа е трипати помалку од она што е пронајдено во студијата од 2011 година.

Во извештајот за iScience истражувачите истакнале дека е „критично внимателно да им се пристапи на овие наоди, за да се избегне поттикнување заблуди и стереотипи“.

Тогаш, што значи тоа? Дали луѓето со поголема амигдала чувствуваат поголема закана и затоа тежнеат кон конзервативизмот? Или конзервативците чувствуваат поголема закана и како резултат на тоа развиваат малку поголема амигдала?

„Невозможно е да се знае со користење на такви корелациски податоци што е причината за тоа“, вели д-р Диамантис Петропулост Петалас, првиот автор на студијата.

Очигледно, социјалното е еден од најмоќните обликувачи на политичките ставови.

Политичките вредности и уверувања можат да се обликуваат во раниот живот, особено кога децата имаат политички ангажирани родители или старатели.

Но, политичката идеологија продолжува да се развива преку образованието и во возрасната доба, додека влијанието на семејството опаѓа. Повисокото образование е доследно поврзано со полибералните ставови, особено во однос на прашањата како имиграцијата, граѓанските права и родовата рамноправност.

Можеби најинтересна е улогата на генетиката. Студиите со близнаци покажуваат дека политичката идеологија е наследна во приближно 40 проценти.

Но, што всушност значи тоа? Тоа се мерки на ниво на популација. Не станува збор дека 40 проценти од уверувањата на поединците се обликувани од генетиката, а 60 проценти од околината.

„Тоа покажува во колкава мера разликите помеѓу луѓето се последица на генетските фактори“, рече професорот Арон Вајншенк, политички научник на Универзитетот Висконсин, Грин Беј. „Тоа не е проценка за поединецот“.

Исто така сложено е влијанието на генетиката во однос на политичките уверувања кај луѓето. Истражувачите не очекуваат дека ќе пронајдат „ториевски“ или „демократски“ ген.

Наместо тоа, вели Тобијас Едвардс од Универзитетот Минесота Твин Ситис, гените дејствуваат индиректно преку личноста и другите фактори, како времето поминато во образование, приходите и интелигенцијата.

„Не треба да очекуваме дека постојат специфични гени за либерализам или конзервативизам, туку многу генетски варијанти со многу мали ефекти, кои дејствуваат директно преку другите особини“, вели тој.

Изминатава година Едвардс и неговите соработници известија дека генетиката може да се користи за предвидување на политичките склоности, при што поинтелигентните браќа и сестри во семејствата тежнеат кон полиберални политики.

Но, односот со партиската припадност е многу посложен, смета Едвардс. Како што истакнува, исклучително интелигентни луѓе има и на десната и на левата страна.

Уште една грешка би било да се изедначи интелигенцијата со разумните вредности и размислувања.

„Гледајќи наназад во историјата можеме да видиме дека интелигентните поединци ги привлекувале разни и често контрадикторни идеи“, рече Едвардс.

„Интелектуалците 'флертувале' со опасни идеологии и тирански режими. Многу паметни луѓе верувале во идеи кои се едноставно глупави“.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Geoff Mcfetridge

Извор: https://www.theguardian.com/