1022 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 16:59
Љупчо Константинов (1946-2024) беше роден охриѓанец и детството и раната младост ги помина во родниот град, каде што со другарите свиреле гитари по охридските плажи. Кога се родила љубота за музиката се присетува дека со другарите со велосипеди по калливо време во февруари минувале по пет километри за да дојдат до местото каде имало телевизор и да го слушаат фестивалот Сан Ремо. „Мислам дека првата плоча од ‘Битлси’ стигна во Охрид. Одевме со другарите со гитарите по плажите. Навечер, во септември му носевме грозје на еден англиски турист во хотел Палас и нѐ засака човекот. Кога се врати дома ни прати грамофон и плоча од ‘Битлси’. Така се разви љубовтав кон музиката“, рече Константинов во 2019.
Во шеесеттите години на минатиот век учи во Средното музичко училиште во Битола, каде што свири тромбон, а истовремено свири и соло гитара во битолската рок група „Корнети“. Со забавна музика почнува сериозно да се занимава на почетокот на седумдесеттите години, на Скопскиот музички фестивал, кој својот врв го доживува токму во тој период, каде што прави аранжмани, пишува композиции и полека се афирмира заедно со останатите македонски композитори од епохата. Во 1972 г. дипломира на Музичката академија во Белград. Потоа долги години, сѐ до пензионирањето, работи во Македонската радиотелевизија како музички продуцент, а во еден период е и директор на првиот Национален избор за песна на Евровизија.
Автор на музиката за бројни играни, документарни и анимирани филмови, ТВ-филмови, серии и драми. Меѓу другите, автор е и на музиката за филмовите „Среќна Нова 49“, „Македонска сага“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Јужна патека“, „Хај-фај“ и други. Од неговата песна „Еј ти, младо момче“ во изведба на групата „Индекси“, неговата наградувана и изведувана авторска музика се смета за македонско музичко богатство.
На мастеркласот во Битола во 2019 рече дека пред да се вљуби во музиката, се вљубил во филмот. Раскажа дека во Охрид живееле во маало каде било единственото кино. Како деца секој ден минувале таму и гледале кој филм ќе се прикажува. Вистинска радост за нив била кога вработениот ќе им фрлел парче од филмска лента што ја лепел. Собирале албуми со содржини за филмови, слики од Гари Купер, Кирк Даглас, Брижит Бардо и други.
„Бидејќи татко ми беше од Битола му побарав да ми донесе апарат. Ролните ќе ги ставев во топла вода на масичка со два клинци, ја бришев емулзијата и потоа цртав коцки. На секое квадратче слика. И првиот филм беше цртан директно на лента. Патка како несе јајце. Татко ми виде дека нема да можам многу да учам со тоа и ми го зеде, па гитарата се појави тогаш“, рече Константинов.
Автор е на музиката и за деведесетина театарски претстави од кои голем број работени со прочуениот италијански режисер Паоло Маџели, со кои гостувал на сцените во цела поранешна Југославија: „Смртта на Дантон“, „Електра“, „Хелена“, „Платонов“, „Луди денови“, „Три сестри“ и „Вујко Вања“ на Чехов, „Црна дупка“ и „Тетовирани души“ на Горан Стефановски, „Метастабилен грал“, „Добриот човек од Сечуан“, „Цигла“, „Еден месец на село“ итн., претстави со кои режисерот Паоло Маџели ги отворал или „Сплитското лето“ или „Дубровничките летни игри“, но гостувал и на сцените на театрите во Загреб, Скопје и низ цела Европа.
Константинов лани ја доби највисоката државната награда „11 Октомври“ за животно дело, како и наградата Златен објектив за 2023, која ја доделува Кинотеката на Македонија. Во 2019 ја доби наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
„Им благодарам на сите мои соработници, да не беа тие, немаше денес да бидам тука. Патот дотука не беше лесен, беше послан со трње, не со персиски килими, туку со стотици табаци испишани нотна хартија и илјадници часови поминати во музичките студија во создавање музика за програмските потреби на Радиото, како и применета музика, мојата животна преокупација, музика наменета за театарската сцена, филмската уметност и телевизијата“, рече лани Константинов во Собранието на доделувањето на државната награда „11 Октомври“.