1026 hPa
69 %
1 °C
Скопје - Сре, 15.01.2025 18:59
Играта со зборови од насловот на познатиот роман на Ремарк од 1929 година за секојдневието на рововскиот живот во Првата светска војна се чини соодветна за годишнината од нападот на Хамас на Израел на 7-ми октомври. Додека медиумите го пренесуваат секој нов и неочекуван настан - убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханија и лидерот на Хезболах Хасан Насрала; инвазијата на Израел во Јужен Либан; иранскиот напад со балистички ракети на Израел - јасно е дека нештата стануваат такви какви што биле отсекогаш. Можностите кои се остваруваат отсекогаш биле тука.
Од пошироката историска и филозофска перспектива, критичарите на Израел ја промашуваат поентата кога тврдат дека Израел не успева во мисијата за уништување на Хамас и дека само убива Палестинци и ја уништува Газа. Сетете се на израелската стратегија од времето пред 7-ми октомври. Израел со години водеше сметка парите од странство уредно да доаѓаат до Хамас, за Палестинците да останат поделени и да се спречи можното напредување кон решение кое вклучува две држави.
Секако, во Газа, на Западниот брег и во Либан, Израел дејствува во самоодбрана. Но многу зависи од тоа на кого се однесува самоодбраната. Ако Русија окупира дел од територијата на Украина и ја прогласи за дел од Русија, може ли да се повикува на самоодбрана кога ги убива оние кои се противат на тоа? Кога Германија ја нападнала Белгија на почетокот на Првата светска војна, еден белгиски министер наводно изјавил: „Што и да зборуваат историчарите за оваа војна, никој нема да може да каже дека Белгија ја нападнала Германија“. Но, по руската инвазија, почитувањето на утврдените факти веќе не се подразбира. Кремљ и неговите сојузници се сè поефикасни во тврдењата дека Украина го почнала конфликтот.
Израелската реторика е слична. Кога на 1-ви октомври израелските вооружени сили (ИДФ) започнаа „ограничена копнена операција“ во Либан, таа фраза многумина ги потсети на рускиот еуфемистички опис на сопствената инвазија како „специјална воена операција“. Во двата случаи можеме да го парафразираме Гручо Маркс: Можеби изгледа како војна, можеби и боли како војна; но не се залажувајте. Тоа е војна.
И повторно, нештата стануваат такви какви што биле отсекогаш. Кон крајот на јули, група израелски министри, пратеници, новинари и ТВ коментатори го осудија упадот на воената полиција во базата Сде Теиман во јужен Израел, по извештајот дека израелските резервисти ги злоставуваат палестинските заробеници. Упадот и апсењата предизвикаа големи јавни протести, иако свиркачите беа израелски резервисти.Ужаснати од она што говиделе,херојски излегоа пред јавноста со обивнувања дека стражарите во базата ги мачеле палестинските затвореници содомизирајќи ги со метални шипки. Некои од заробениците искрвариле до смрт.
Меѓутоа, наместо да покажат огорченост од таквите злосторства, некои израелски претставници беа огорчени од започнувањето истражна постапка. Еве го транскриптот од Кнесетот (парламентот), кој го пренесе британскиот новинар Питер Оборн:
Неидентификуван израелски пратеник: „Ова е безумно, некој во обвинителството мисли дека може да апси војници заради тоа што им го прават на терористите од Нукба (елитна единица на Хамас). Не можеме да продолжиме како некогаш...“
[Дофрлување]: „Легитимно е да му се става шипка на човек во ректумот?“
Пратеник: „Тишина! Да, ако е од Нукба, сè е легитимно. Сè.“
Или размислете за оваа снимка од панел дискусијата на израелската телевизија (која исто така ја сподели Оборн):
Прв панелист: „Војници се осомничени за силување врзан затвореник - не ве загрижува тоа?“
Втор панелист: „Не ме интересира што им прават на луѓето од Хамас. Единствениот проблем што го гледам е тоа што злоставувањето на затворениците не е државна политика. Прво, тие го заслужуваат тоа, и тоа е добра освета. Второ, тоа може да биде средство за одвраќање.“
Замислете ги нашите реакции ако истото се одиграше во Русија. Колку и да звучи лудо, можеби најдобар начин за да го расветлиме нашиот морален проблем е прибегнувањето кон теории на заговор. Пред речиси една година, го замислив следниот телефонски разговор меѓу израелските и јастребите на Хамас:
Израелски јастреб: „Здраво. Се сеќаваш дека тајно те поддржувавме во конфликтот со Палестинската ослободителна организација? Време е да ја возвратиш услугата: зошто не ги нападнете и масакрирате Евреите во близина на Газа? И онака се непријатели на Арапите, миротворци, такви ни се потребни. Ни треба нешто за да ги запреме граѓанските протести против владата и да го пренасочиме вниманието од спорното етничко чистење на Западниот брег. Светот ќе биде шокиран од вашата бруталност, а ние ќе бидеме жртви. Така ќе обезбедиме национално единство и ќе го забрзаме етничкото чистење на Западниот брег!“
Јастребот на Хамас: „Добро. Но и нам ни треба услуга: како освета за нашиот масакар морате да ги бомбардирате цивилите во Газа, морате да убиете илјадници, особено деца. Тоа ќе го зајакне антисемитизмот во светот, што е и наша крајна цел!“
Израелскиот јастреб: „Нема проблем. И нам ни треба повеќе антисемитизам. Тоа ќе ни помогне да останеме во улогата на жртва и да правиме што сакаме во самоодбрана!“
Секако, таквото измислено сценарио е опсцено самото по себе. Но да се сетиме на романот на Роберт Харис Дух (подоцна филм на Роман Полански). Изнајмениот писател кој го ангажирал Адам Ланг, поранешниот британски премиер моделиран по примерот на Тони Блер, открива дека неговиот клиент во Лабуристичката партија го подметнала ЦИА и дека цело време ги користела неговите услуги. Коментирајќи го „шокантното откритие“ во оваа книга, критичарот на Обзервер напиша дека тоа е „толку шокантно што едноставно не може да биде вистина, но ако е, тоа би објаснило многу важни настани во поновата историја на Велика Британија“.
Како и измислицата на Харис, моето гнасно сценарио се игра според логиката на денешното перверзно танго: не е вистина, но ако е, тоа би објаснило сè. Мојот замислен телефонски разговор не ѝ припаѓа на реалноста, но е реален. Бидејќи на жртвите наводно им е дозволено да ги возвраќаат ударите, војната му дозволува на Израел да го продолжи етничкото чистење на Големиот Израел. Со зборовите на израелскиот радикално десничарски министер за финансии Безалел Смотрих, „доброволната миграција“ на Палестинците од Газа е „правилно хуманитарно решение“, за опколената енклава и целиот регион.
Паралелите помеѓу Украина и Палестина се сè повоочливи, зашто некои клучни разлики се замаглени. Произраелскиот запад (особено САД) поддршката за Украина и поддршката за Израел ја прикажува како две кампањи во истата глобална војна, како да нема разлика помеѓу Израел и Украина. Во меѓувреме, на псевдо-левицата, многумина тврдат дека иницијалните напади на Русија и Хамас се оправдани одбранбени мерки, одговор на историските провокации и угнетувањето, како Доњецк да е рускиот Западен Брег.
Во новиот светски поредок кој се создава во моментов, војната во Газа е јазолна точка во која се кристализираат сите одредувачки антагонизми на модерната доба. Таму ќе се одлучи сè. „Палестина“ денес е универзален симбол - ознака за сите европски гревови и крстилница на антисемитизмот.
Трагедијата е во тоа што Израел, произлезен од европското чувство на вина по Холокаустот, сега станува симбол на европското угнетување и колонизацијата. На преживеаните од геноцидот Европејците им дадоа земја која со векови ја населувале други луѓе. Тоа е првобитниот грев кој, сè уште неизвалкан, не дозволува тишината и мирот да се спуштат на блискоисточниот фронт.
Карикатури: Mohammad Sabaaneh
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.project-syndicate.org/