Кон „Никаде Некаде“ на Вања Димитрова

18.10.24 12:02

Самостојното претставување на Вања Димитрова, насловено „Никаде Некаде“ резимира неколку етапи од нејзиното долгогодишно творештво во областа на уметничкиот филм, аудиовизуелната уметност и фотографијата. Медиумската вкрстеност ја открива нејзината експериментална природа, потенцијалот за преобразба на естетските варијации и авторскиот оптикум кој врамува различни приказни (стварни или фикција), реални локации во различни земји, имагинарни светови, и конструирани ликовно-сценски визуелни поставки.

Нејзината суптилна и прониклива авторска перцепција се сосредоточува на интуитивниот пристап на наративите, субјектите или пејзажите кои постојат сами за себе, откривајќи реални или надреални, магични состојби/ситуации, чија вистина одложено или отпосле се (раз)открива.

Фокусот на ликовниот интерес е сликата како репрезентација, како визуелен отисок на бараната реалност изразена преку филмскиот израз во фотографијата, филмот како документарен или конструиран наратив, најден, виден, асемблиран впечаток од живеењето. Визуелното во овие дела е патување низ времето или времињата, низ просторот или просторите чија совпадливост е можеби таму (не/ни)каде.

Проектот ги опфаќа прашањата околу идентитетот во глобалната социјална и културна клима. Значењето на оваа изложба се базира на трансформативната моќ на уметноста, раководена од потрагата на индивидуалното бивствување, борбата за опстојување во сегашното и технолошкото забрзување на денешницата кое посега по елиминирање на базичната човекова идентификација.

Кадрираните глетки содржат композициска складност, урамнотеженост на „полното“ и „празното“, динамика на елементите во сцените, прикажувајќи го нераскинливото сплотување на човекот и природата и заедничкиот обид за опстанок во заробеното време исполнето со „немата“ отуѓеност и самотност.

Гледната точка на Димитрова произлегува од филмскиот начин на перципирање на реалноста, сериско ловење и промислување на претставувањето на дејствието – развиено сценски и сценографски, не како единствена или изолирана глетка. Приказот на едно дејствие содржи визуелни податоци од сцена и последователно повеќе кадри од таа сцена, упатувајќи на впечатокот – „разложена филмска книга“ низ која се проследени циклуси од едно „присуство на заемност“ на снимениот субјект и/или природата и авторката/снимателскиот субјект. Но, и покрај фактичкото присуство и едновременоста на процесот на снимање, портретираните ликови во потполност се изземени од детерминираноста на временско-просторните координати и детерминанти.

Фотографскиот приказ е само еден секвенциониран облик од дијалогот кој се развива помеѓу набљудуван(иот/ото) и набљудувачот, помеѓу континуираното придвижување и статичното око зад камерата. Фотографските циклуси застапуваат едно живеење таму „некаде“, а намерната ненасловеност концептуално ја поддржува логиката на можното „никаде“, подвлекувајќи ги непрепознатливите време, место, приказна.

Вања Димитрова е филмска авторка и визуелна уметница од Македонија. Дипломира на Gerrit Rietveld Academie на секторот за аудио-визуелни уметности и магистрира ликовни уметности на Sandberg Instituut, двете Академии во Амстердам, Холандија.

Во 2020 г. таа го прави мултимедијалниот филм: „Alone Together”, кој е еден од неколкуте филмови направен во првиот бран на пандемијата Ковид, снимен во Холандија. Наградена е за најдобар ехспериментален филм на многубројни интернационални филмски фестивали.

Авторка е на документарниот филм „Заклучени Невремиња” снимен во женскиот затвор Идризово и Психијатриската болница Негорци, во Македонија, на краткометражниот игран филм „Absence” инспириран од вистинска приказна на воен фотограф за време на војната во Босна и распадот на Југославија, снимен на 35мм во Холандија.

Двата филма се селектирани на повеќе интернационални филмски фестивали. Со анимацијата „Birdy“ е селектирана на Berlinale Talent во склоп на Berlin Film Festival. Селектирана е и на GUP, The New Dutch Photography Talent 2020.

Како визуелна уметница работи во областа на фотографијата, инсталацијата, видео артот, и учествува на многубројни интернационални изложби.

„Никаде Некаде“ е нејзина прва самостојна изложба.

Како филмска авторка работи на нејзиниот прв долгометражен филм како сценаристка и режисерка.

Фотографии: Вања Димитрова
Текст: Натали Рајчиновска-Павлеска

Слични содржини

Општество / Активизам / Фотографија / Квир / Око
Општество / Активизам / Фотографија / Квир / Око
Активизам / Фотографија / Квир / Око
Јавни простори / Фотографија / Уметност / Око
Фотографија / Наука / Око

ОкоБоли главаВицФото