1019 hPa
71 %
10 °C
Скопје - Сре, 22.01.2025 13:59
Фотографија: Мајкл Р. Декер
Кени Фрајс е роден 1960 година со фибуларна хемимелија, вродена попреченост која подразбира отсуство на коски на нозете. Неговите нозе имале одредена изместеност и изгледале пократки од вообичаено. Кога се родил, татко му се онесвестил кога бабата вреснала на цел глас: Мојата ќерка роди изрод!
Кени уште од шестмесечна возраст бил подложен на операции цели десет години, а огромната напнатост во домаќинството околу неговите медицински потреби понекогаш избувнувала во физичко малтретирање од страна на неговите татко и брат.
Со текот на времето семејството го надминало шокот и се покажало дека нивниот син е првиот ученик со видлива попреченост во редовното училиште во Бруклин. Потоа студирал книжевност и театар, креативно пишување и драматургија; објавувал мемоари, есеи, поезија, драми. Моментално живее во Берлин и предава креативно пишување на универзитет.
Целиот живот имал сексуални искуства со своите машки пријатели, но дури кога ја поминал својата прва година на универзитет во странство, поточно во Велика Британија, го доживеал своето прво „љубовно искуство“. Кога отворено го споделил тоа со родителите, мајка му одговорила: „Па, што сакаш да направам? Скокни низ прозорец!“ Години подоцна, кога Кени живеел во стан во Њујорк во кој се шетале бубашваби, рамнодушноста на неговата мајка малку се подобрила со следната реакција: „Не ми е гајле со кого спиеш, гледај барем да не спиеш со бубашваби“.
Откако завршил постдипломски студии и студирал драматургија во Колумбија, почнал да објавува дела за неговите искуства како хомосексуалец, Евреин и личност со попреченост. Во 1994 година Вики Луис го поканила да присуствува на Contemporary Chautauqua за попреченост и перформанс во Лос Анџелес, каде што се среќава други писатели со попреченост и добива инспирација да ја уредува антологијата Staring Back: The Disability Experience from the Inside Out.
Кени Фрајс како дете
Антологијата обезбедува платформа за лезбејската писателка Адриен Рич да „излезе од плакар” и да се појави во јавност како лице со попреченост со ревматоиден артритис, што доведува до доживотна кореспонденција и соработка помеѓу Адриен и Кени сѐ до смртта на Адриен во 2012 година.
Решен да замине во странство, Кени продолжува понатаму и ја добива стипендијата за креативни уметници на Комисијата за пријателство со Јапонија и САД за да студира попреченост и јапонска култура. Бил фасциниран од темата за постојаните промени во јапонските градини, поврзувајќи ја со попреченоста и за таа цел интервјуирал преживеани лица со попреченост од Хибакуша и Хирошима.
По враќањето во САД се подготвувал да замине на своето второ патување во Јапонија, но бил хоспитализиран поради згрутчување на крвта во белите дробови, а потоа бил позитивен на ХИВ. Сепак одлучил да оди и да започне третман со лековите во Јапонија. На патувањето го запознава и се вљубува во Мајк, кој сега е негов сопруг.
По Јапонија, Кени патува во Германија благодарение на грант за истражување книги за да ги проучува лицата со попреченост кои растат во Источна Германија. Набрзо сфатил дека треба да ја следи историјата наназад од нацистичкото владеење и масовните убиства на лица со попреченост. Оттогаш поминува речиси една деценија во Германија, а и денес живее во Берлин.
Истражувањето на Кени кулминира во неговата актуелна книга, Сопнување над историјата: Попреченоста во холокаустот (Stumbling Over History: Disability in the Holocaust). Се залага за претставување на попреченоста во квир музејските поставки во Германија и го води „Иднината на попреченоста во уметноста“, меѓугенерациски есеистички проект во кој се вклучени писатели и уметници со попреченост на возраст под четириесет години.
Кени објаснува дека „моето тело е мојот активизам“, предизвикувајќи ги геј, инвалидитетските и еврејски стереотипи низ различните простори во кои живее.
Фотографија: Роберт Џард
Телото памети
На почетокот со јасна намера пишував за идентитетот. Вкрстувањето на различните идентитети е голема тема. Почнувајќи оттаму, трагав за нешто поголемо: врската помеѓу телото и сеќавањето, што во мојот случај се однесува на тоа што сум геј, Евреин и личност со попреченост.
Телото ги поттикнува сеќавањата да испливаат на површина. Кога бев на студии, не можев да ги посетам пријателите кои работеа во хемиска лабораторија. Би доживеал екстремна реакција, бидејќи мирисот на хемикалии моментално би ми ги вратил сеќавањата на времето поминато во болница додека бев дете.
Ако ги погледнам своите лузни или ако некој ги допре, се враќаат сеќавањата од времето кога имав операции. Во една од моите песни, насловена Говорот на телото, од тоа направив метафора: - Што е лузна, ако не сеќавање на некогаш отворената рана?
Идентитети
Тоа што сум Евреин е најлесно. Пораснав во Њујорк, опкружен со Евреи. Тоа беше мојата заедница. Излегувањето на крај со тоа што сум геј беше неизбежно. Морав да се соочам со животот како сексуално битие.
Кога ја составував мојата автобиографија, се занимавав со попреченоста како дел од мојот идентитет. Не користев инвалидска количка до пред пет години, а не користев ни бастун до мојата дваесет и осма година.
Постоеја некои работи што не можев да ги направам, но не гледав проблем во тоа. Не чувствував дека имам попреченост. Се разбира, ги прифатив сите омаловажувачки пораки на општеството: од страна на лекарите, моето семејство, брат ми.
Но, тоа ми стана јасно дури кога отидов на студии. Геј сцената е опседната со изгледот и привлечноста. Го компензирав тоа со својата острина и понекогаш ги забавував луѓето. На овој начин, центарот на вниманието е пренасочен од попреченоста.
Парада на гордоста
Никогаш не ми се допаѓале парадите на гордоста. Не сум тип на личност која се качува по барикади или собира потписи за петиции. Мојата политичка акција е да бидам таму каде што моето присуство го вознемирува статус квото – без разлика дали е тоа банка, универзитет, јавен тоалет, геј бар или кое било друго место.
Јас сум подвижна политичка изјава, иако секогаш не сум свесен за тоа. Знам дека парадите на гордоста се важни: на спротивната страна на гордоста е срамот. Учествував на паради кога бев помал, но веќе не ме интересираат.
За мене, парадите беа повеќе забава отколку можност да се надмине срамот. Срамот никогаш не исчезнува целосно. Со текот на времето, учиш како да го контролираш, малку по малку. Сè уште поминувам низ непријатни ситуации, со таа разлика што сум посвесен за она што се случува во тие ситуации.
Култура на попреченоста
Попреченоста не е проблем. Доколку некој има самоуверен и горд однос кон попреченоста, не значи дека ужива во болката и страдањето. Постојат многу начини за справување со болката.
На крајот на краиштата, зошто да се гордееме со што било? Долго време водев борба со депресијата и со децении земав лекови. Дали сум горд на тоа? Секако дека не.
Но, депресијата е дел од мене, дел од кој не можам да се ослободам. Кој одлучува за тоа кој дел од личноста некому му е важен, а кој не? Луѓето велат дека е кул да се вози мотор, но не е кул да се вози количка. Кој одлучува за тоа?
Културата на попреченост ми е многу важна. Мислам дека моите книги придонесуваат за таа култура. Многу работи ги обединуваат лицата со попреченост. За жал, голем дел од тие обединувачки фактори се поврзани со угнетувањето, исклученоста, маргинализацијата - бариерите со кои се соочуваме.
Зарем не е исто и во другите малцински култури? Лицата со попреченост споделуваат заеднички искуства. Иако овие искуства често се сведуваат на тоа да нè (пр)оценуваат како нешто што не сме.
„Чевли”, Кевин Волф, акрил на платно, 1995 година
Извор: https://theoutwordsarchive.org