Мелани Гаjдос – модна вила

21.10.2024 14:22
Мелани Гаjдос – модна вила

„Ме прашуваат како јадам без заби. Луѓе без нозе трчаат маратон. Сè е прашање на перцепција”.

Се зголемува бројот на манекенки и манекени кои ги поткопуваат стандардите на модната индустрија. Поради ретка генетска состојба, Мелани Гајдос нема коса и заби. Таа ја прифаќа својата уникатност и предизвикува возбуда во модната индустрија.

Мелани е родена со ектодермална дисплазија - состојба кога порите на кожата, забите, ноктите, 'рскавицата и помалите коски не се формираат на вообичаен начин. Додека била дете растот на трепките ѝ ги оштетил очите, така што сега има оштетен вид. Освен тоа, има и алопеција (опаѓање на косата и влакната на телото) и билатерален расцеп на непцето.

Добар дел од нејзиниот живот била набљудувана како болна или заразна, а луѓето се плашеле од нејзиниот изглед.

„Кога бев помлада навистина верував дека сум самовила. Татко ми така и ме нарекуваше, а светот на самовилите вистински ме заинтригира. Мојата личност е многу блиска со самовилите. Мојата состојба никогаш не ме вознемируваше, ме вознемируваше она што ми го кажуваа луѓето во врска со тоа”.

На дваесет и шест годишна возраст добила три забни импланти и првата протеза, но по осум месеци престанала да ја носи.

„Тоа беше долг и комплициран процес, од гледна точка на медицински/физички, но и психолошки причини. Главната причина е во тоа што ми е полесно да јадам како што сум навикната (а јадам прилично многу!). Се покажа дека протезата повеќе ми пречи отколку што ми помага”, објаснува таа.

„Открив дека ми е попријатно да бидам таква каква што сум, без никакви „подобрувања”. Можеби другите мислат дека сум некомплетна, но тоа е затоа што имаат заби и знаат што значи тоа, а не можат да замислат како е да немаш ниту еден. Забите не ми недостасуваат, бидејќи никогаш не сум ги имала”.

Мелани дипломирала уметност во Њујорк и работела со светски познати фотографи. Нејзината кариера започнува кога се јавила на оглас во кој се барале луѓе со уникатен изглед за модни фотографии.

Се пријавила со поддршка на нејзиното момче, кој ја убедувал да се опушти, да го прифати предизвикот и да проба да го доживее манекенството како забава, и покрај тоа што Мелани мразела да се фотографира.

„Тој ми помогна да сфатам дека јас сум единствената личност која изгледа како што изгледам - и дека во тоа има потенцијал”.

Мелани Гајдос ја паметиме по видео спотот на бендот Рамштајн за песната „Mein Herz Brennt“.

„Отсекогаш бев фасцинирана од тоа да го пронајдам начинот на кој би можела да бидам поголема од животот. Сакав да се појавам на билборд или на големиот екран”, вели Гајдос.

Нејзините први јавни појавувања предизвикале изненадување и шок: „Во позитивна и негативна смисла. Повеќето луѓе останаа без зборови”, додава таа.
Нејзиниот успех во модниот свет навестува промена во модната индустрија, но Мелани вели дека тоа е бавен процес, иако модата станува поинклузивна.

„Едноставно нема доволно различни луѓе кои би се избориле за своето место”.

Подемот во кариерата ѝ донел повеќе самодоверба и надеж дека работите можат да одат кон подобро.

„Престанав да носам перики. На некој начин се принудувам себеси да учам која сум во суштина и каква е природната состојба на моето битие. Целиот овој процес ми помогна да станам посамоуверена, посилна и посреќна”.

„Сè уште работам само со луѓе што ми се допаѓаат, што ми помогна да го подобрам моето разбирање за тоа која сум навистина, како се проектирам себеси и вистински да го прифатам моето тело. Јас сум единствената личност што го прави она што го прави, а на почетокот ми беше тешко да прифатам да бидам објективизирана од другите”, објаснува Мелани.

„Сега немам проблем со тоа луѓето да ме гледаат поинаку од начинот на кој се гледам себеси. Научив дека ние сме огледало едни на други. Се бориме да ги разбереме нештата со кои не мора да се идентификуваме. Секоја птица лета кон своето стадо”.

Извор: https://portaloinvalidnosti.net

ОкоБоли главаВицФото