1035 hPa
80 %
0 °C
Скопје - Саб, 18.01.2025 06:59
Што е тоа што прави луѓе од различни култури заедно добро да функционираат на едно место, ама не и на друго?
Соживот и толеранција. Само праведно мнозинство може да создаде добро и функционално општество. Ова неретко се истакнува во дебатата во ЕУ за мултикултурноста и плурализмот. Потребата од дијалог и отворена интеракција, меѓу и во рамките на различните етнички и верски групи, е факт што не треба да се занемарува.
Но, во последно време реалноста зборува и за нешто друго. За поинаков, па дури и дијаметрално спротивен пристап. „Мултикултурализмот целосно пропадна“, беа зборовите на поранешната германска канцеларка Меркел, на кои вреди да се потсетиме.
Во Данска со широк политички консензус е институционализирана поделбата во општеството на западни и незападни култури, поставена како основа за интензивирање на политиката за уривање на имигрантските гетоизирани квартови во градовите. Минатата недела во Европскиот суд беше усвоен за расправа данскиот т.н. „гето-закон“, наречен и „гето-пакет“, кој предвидува да се намали бројот на социјални станови до 2030 година, но не во сите населби, туку само во оние во кои половина од жителите се од незападно потекло, кои се со ниски примања или се невработени, и каде што е присутна натпросечна стапка на криминал. Што ќе покаже судската расправа за овој контроверзен закон, кој данските медиуми го нарекоа „политика со булдожер“, останува да се види.
Но, ваквите политички идеи добија и ефект на ширење и се препознаваат и во дебатата во други земји. И министрите во конзервативната влада во Шведска, поддржана во Парламентот од екстремните десничари, сè почесто зборуваат за западна културна сфера. Шведските демохристијани дури предлагаат да се затворат училиштата кои не ги следат и практикуваат „западните вредности“. Стереотипите околу западното културно заедништво сè повеќе се шират во јавниот простор, без никаква посебна критичка дистанца.
Во секој случај, неоспорен факт е дека голем број земји членки на ЕУ изминатите децении по многу нешта станаа мултикултурни и мултиетнички. Тоа последниве години предизвикува социјални тензии во општеството, проследени со низа прашања што во приватната сфера кај многу европски граѓани внесуваат несигурност. Еден поранешен ЕУ-проект, „Толеранција и различност“, кој претставува студија околу малцинската и интеграциската политика во Европа, нуди интересни идеи и приоди кон оваа проблематика. Што е тоа што прави луѓе од различни култури и од различно етничко потекло да можат заедно добро да функционираат на едно место, но не и на друго?
Што било тоа што овозможило муслиманите, христијаните и Евреите да живеат во хармонија, на пример, во периодот на владеењето на Маврите во средновековна Шпанија? Кои фактори ги поедноставуваат, односно отежнуваат претпоставките за мирен соживот на луѓето? И какви поуки можат да се извлечат од добрите примери? Во актуелниов миг во јавната дебата во повеќе членки на ЕУ мултикултурните општества често се опишуваат дека во себе содржат силен конфликтен набој.
Во визиите на американскиот професор Самуел П. Хантингтон, познат како гласноговорник на она што тој го нарече „судир на цивилизации“, токму исламот е опишан како религија „со крвави граници“ која создава конфликти – тврдење што предизвика низа критички реакции. Критичарите тврдат дека Хантингтон делумно го „ноншалирал“ идејниот плурализам содржан во поимот ислам и ги занемарил можните социо-економски објаснувања на групните конфликти. Интересни се и гледиштата околу проблематичноста на мултирелигиозните и мултиетничките општествени средини зад кои стои колегата на Хантингтон од Харвард, професор Роберт Д. Путнам, кој тврдеше дека довербата и социјалната солидарност меѓу граѓаните се намалуваат паралелно со продлабочувањето на мултиетничкиот карактер на различните општествени средини.
Во најширока смисла, поаѓајќи од вакви критички позиции, разликите од етничка, религиозна и национална перспектива се сфаќаат како извор на конфликтни ситуации. Поради тоа постојано се бараат „противсили“ што можат да ги неутрализираат и спречат конфликтите. Ваква слика за едно мултикултурно или мултиетничко општество е несомнено песимистичка. Затоа неизбежно е прашањето дали тоа навистина ја рефлектира историската и актуелната стварност. Дали, наместо тоа, фокусот не може да се стави врз примери на конструктивен соживот меѓу различни етнички групи низ историјата? Дали таква беше и Босна, во која нетрпеливоста меѓу „три неспоиви цивилизации“, западната христијанска, источната христијанска и муслиманската, доведе до војна, и покрај заедничкиот јазик и раширената социјална интеграција, каде што беа вообичаени мешани бракови отаде религиозните граници?
Она што во западноевропските земји дава јасен повод да се зборува за негативна дистанца е главно поврзано со продлабочувањето на социјалната и економската сегрегација на „гастарбајтерите“ и имигрантите. Исполнувањето на меѓународните норми и стандарди за малцинските права се доведува во корелација со нивото на лојалност на малцинствата кон општествената заедница во чии рамки живеат.
Но, без оглед колку тоа функционира преку позитивни искуства, националистичките партии сѐ поотворено бараат затегнување на ременот околу државниот буџет, така што поддршката на малцинските култури постепено згаснува. Шведската конзервативно-десничарска влада лани целосно ги укина дотациите на имигрантските сојузни организации, меѓу кои е и Македонскиот сојуз во Шведска, оставајќи ги буквално со празна каса. Пораката беше банално јасна. Интегрирајте се во шведското општество и прифатете ги овдешните норми и вредности, а доколку и понатаму сакате да се собирате и да организирате ваши културни активности, платете си го тоа од сопствениот џеб. Интересно е дека зад таквата порака застана дури и претседателот на шведските либерали, повикувајќи се на некакви мерки на штедење врз грбот на имигрантите, наводно со цел да се спаси мизерна сума наменета за имигрантските организации, која во државниот буџет, всушност, претставува само обична трошка. И тоа во една од најбогатите земји во Европа! Времињата несомнено се менуваат. Но во каква насока ќе продолжат промените?
Нема никакво сомнение дека инсистирањето на доминантното значење на културата и традициите на мнозинското население, со цел да се унапреди интеграцијата во општеството, сè повеќе се наметнува како едно од централните политички прашања во низа ЕУ-членки. Токму затоа е и инсистирањето на „еден државен јазик“, и дека клучот за развој на функционално општество е кај мнозинството. Надежите за „праведно“ општество, се разбира, ќе бидат свртени кон оние што и понатаму сметаат дека е потребно да се зборува во полза на малцинствата, но кои едновремено нужно не припаѓаат на некое малцинство.
Во крајна линија, илузија е да се верува дека мултикултурализмот, колку и да е како поим збунувачки и повеќезначен, сам по себе претставува причина за (не)успешна интеграција. Правата што ги имаат малцинствата се надоврзуваат на нивните неспорни обврски во однос на мнозинскиот дел на општеството. Во спротивно, Македонија, ако ја земеме за пример во овој контекст, во ЕУ нема да даде придонес за отстранување на гетата, туку ќе ги внесе таму и сопствените.
Слики: Owen Gent