1032 hPa
51 %
13 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 10:59
Побунетите читателки и оваа година, со регионален книжевен избор „Штефица Цвек“ ни понудија листа на побунетите книги кои ги поместуваат границите на литературата со својот отпор и надеж, и заслужуваат видно место во современата регионална библиотека. Целта на наградата, именувана по големата феминистичка хероина на писателка Дубравка Угрешиќ, е да ги афирмира женските, маргинализирани и побунети писателски практики во неконкурентна атмосфера, фокусирајќи се на феминистички, женски и квир теми, естетски иновативни дела и оние поврзани со малцинското, антиколонијалното, неомарксистичкото и еколошкото творештво. Без ограничување на бројот на награди, „Штефица Цвек“ трета година по ред ја потресе регионалната книжевна сцена, избирајќи седум наслови помеѓу кои се најде и збирката на Јелена Анѓеловска Куќата не се помрдна.
Кога ја добив збирката, морам да признам, најпрвин мислев дека куќата што не се помрднува претставува безбедно засолниште и цврст поим за дом. Сепак, уште на првите страници ми беше јасно дека ова е сосема спротивна куќа и дека куќата, чии темели се тематската рамка на збирката на Анѓеловска, навистина треба да се помрдне, а можеби и да се сруши и обнови како куќа од карти илустрирана на насловната страница. А каква е таа куќа?
Поетско-драмската-прозна збирка функционира како голема куќа во која се населени три помали куќи, односно три циклуси собрани околу различни животни простори, во кои и околу кои егзистираат песни. Се одликува со посебна наративност и просторност (песните се случуваат) и нејзината структура наликува на драма. Песните (главен текст) се поделени во три циклуси (три чина) обележани со римски бројки и придружени со краток воведен опис на просторот и ситуациите во кои се случуваат (дидаскалии). Интересно е отсуството на доминантен глас, односно лирски субјект во класична смисла. Различните гласови се во постојан меѓусебен, но и отворен дијалог со читателот. Така, драмското во збирка е и нејзината внатрешната организација и, благодарение на силните поетски слики, дијалози, наративност и просторност, многу е лесно да се визуелизираат песните како сцени од претстава. Збирката е многу питка, без оглед на хибридноста на родот. Всушност, формалните експерименти, односно комбинација на стихови и проза, дополнително ја зајакнуваат збирката и го задржуваат вниманието на читателот од првата до последната страница.
Во рамките на збирката, значењето на куќата и домот, поврзано со физичките и емоционалните простори, се трансформира. Големата куќа како тематска рамка претставува свет управуван од патријархатот, свет кој не се движи, додека помалите, конкретни куќи во песните го симболизираат домот што го сменува обликот, значењето и улогата. Секако, во сите три циклуси, јасно е што се подразбира под дом: „нешто каде што припаѓаш или што ти припаѓа“ (стр. 37), што различни гласови го губат, бараат, рушат и градат низ целата збирка.
Во првиот циклус станува збор за стан во кој привремено се сместени воени бегалци, жени бранови кои и покрај пеењето и мирисот на готвење, седат на туѓ кауч стискајќи ги своите торби како да се на гости. Нивниот автобус застанал во непознат град, во безбеден, но непознат стан во кој внесле војна и музика од насмевки, и во кој виткајќи ги питите сонувале за бело знаме и враќање дома. Нивниот стан е солидно засолниште, но куќата и сè што ја прави куќата дом за нив повеќе не постои.
Во песните од вториот циклус, во дијалогот влегува гласот на потстанарот во постојаната борба за простор за живеење, на чии песни одговара скулпторот опседнат со изградба на простор за живеење „што подалеку од дома“ (стр. 37). Иако различни на почетокот, и двата гласа се номади, но разликата е што скулпторот, при првата можност купува билет за далечна земја, а гласот го менува станот тринаесет пати за десет години правејќи домови за еден ден.
Третиот циклус е најбунтовен. Авторката сместува стихови и две сведоштва во куќата на Новосадската лезбиска организација, чии ѕидови и ролетни пружат отпор, заштита и трпат дожд од навреди и крупни јајца. Во овој циклус, куќата е место каде што се случува среќата, во која се сестри кои држат сè во ред и никогаш не му судат на никого (стр. 75), но и бариерата помеѓу нив и куќата која не се движи. Гласовите во овој циклус „имаат прецизно разбирање за селото и градот, прославите и насилството“ и „некаква неверојатна – чесност!“ (стр. 75), трпат навреди и омраза, но нивните срца сè уште „удираат со силата на уличните напади / револуции кои се одвиваат во нив секој ден“ (стр. 75).
Жените во збирката се жени пчели, жени работнички чии раце „виткаат пити“ (стр. 7) и на чиј грб децата ќе одлетаат во подобар свет. Жените се мајки кои ги рушат оградите со голи раце, ги затвораат домовите во еден ден и слепо се бранат. Тие се лишени од секој квадратен метар од куќата во која им се суди и која секогаш ќе му припаѓа на „поранешниот директор“ (стр. 38), а никогаш на нив. Но, и покрај сè, тие не се предаваат, доаѓаат пеејќи во десетерци и дванаесетерци. „Тие се држат исправено живеејќи ги тие животи, / а во нив блескаат ѕвезди кои не можат да се видат од Земја“ (стр. 76).
Јелена Анѓеловска ја помрднува книгата на формално и суштинско ниво. Куќата е засолниште за бегалци, потстанарските станови и седиште на лезбиска организација. Како концепт во рамките на збирката, таа постојано се движи, мрда, лета, а со експерименталната форма се мрда и куќата на литературата. Сепак, многу е јасно која куќа не се помрдна. Збирката ги повикува читателките (но и читателите) на бунт, на револуција, на борба, на уривање на темелите на куќата што ја носат на грб, во која не влегуваат слободно и чија внатрешност и градина се контролирани од угнетувањето. Куќата не се помрдна, но Анѓеловска впери прст кон неа и (се надевам) ги затресе нејзините темели, поканувајќи ја публиката на големи работни акции. Ако куќата не сака да дојде кај нас, ние ќе дојдеме кај неа!
Текстот е креиран како дел од регионалната иницијатива Štefica Cvek #3 спроведена од Naratorium (Босна и Херцеговина), Rebel Readers (Србија), Kulturtreger/Booksa (Хрватска) и Коалицијата МАРГИНИ (Северна Македонија).
Слики: Аlefes Silva