Фланери О’Конор

22.10.2024 11:53
Фланери О’Конор

Фотографија: Associated Press, Атланта, 1962

„Писателот/ката ја претставува мистеријата преку манири, благодатта преку природата, но кога ќе го заврши своето дело, секогаш мора да остане насетувањето мистерија што не може да се објасни со ниту една човечка формула”.

Фланери О’Конор, која ги напиша некои од најдобрите приказни на англиски јазик, како и два моќни романи „Мудра крв (Wise Blood, 1952) и „Насилниците победуваат” (The Violent Bear It Away, 1960), потекнува од богато семејство на стари католици од Џорџија. Нејзиниот татко Едвард починал од болеста лупус во 1941 година, а нејзината мајка Регина продолжила да ја води семејната фарма.

Како млада жена на Женскиот колеџ во Џорџија во блискиот Милџвил, таа пишувала, илустрирала и уредувала литературно списание. По дипломирањето на општествени науки во 1942 година, добила стипендија на Работилницата за писатели на Универзитетот во Ајова, каде што магистрирала во 1947 година, а потоа заминала во Њујорк.

Нејзиниот пријател Роберт Фицџералд тогаш ја опишал како „срамежлива девојка од Џорџија, со лице во облик на срце, бледо и мрачно, со убави очи кои знаеја да престанат да се муртат и на брилијантен начин да се отворат кон сè”.

Фланери О’Конор стои покрај автопортрет од 1953 година на кој e претставена како држи фазан.

Кон крајот на 1950-та година, додека го пишувала својот прв роман „Мудра крв”, почнала да чувствува тежина во рацете. На враќање кон дома во Џорџија за Божиќ се разболела и, како и на нејзиниот татко, ѝ бил дијагностициран лупус, автоимуна болест каде што телото формира антитела на сопствените ткива.

Во болницата „Емори” во Атланта добила трансфузија и инјекции кортизон, по што нејзината состојба се подобрила доволно за да се врати дома на семејната фарма со нејзината мајка, иако се очекувало да умре за неколку години.

Набргу потоа, „Мудра крв” била прифатена за објавување, излегувајќи од печат во 1952 година, иако одредени „грозни” аспекти во книгата ги оддалечиле од неа нејзините роднини и соседи, а религиозните аспекти на книгата го оддалечиле книжевниот свет.

Како резултат на успехот на нејзината прва книга ја добива стипендијата „Кенјон”, по што продожува да пишува кратки раскази и го започнува својот втор роман, „Насилниците ќе победат” (The Violent Bear It Away).

Здравствената состојба се подобрувала и влошувала како што продолжувале хормонските третмани. Во 1954 година таа им напишала на Фицџералдови:

„Периодов се движам со бастун, а тоа прави голема разлика... Како што велат црнците, ја носам бедата со себе”.

Лупусот, или третманите за лупус, предизвикувале дегенерација на нејзините коски и таа набрзо преминува на алуминиумски патерици.

Меѓутоа, со поддршката на нејзината мајка и со зголемениот успех на писателската работа, вклучувајќи го и нејзиниот прв том раскази, „Тешко е да се најде добар човек”, таа успева да постигне стабилен живот, па дури и патувала за да може да присуствува на книжевни настани, да зборува и чита во околината на САД.

Во својот дом на фармата одгледувала пауни, патки, гуски и егзотични птици. Нејзиниот втор роман е објавен во 1960 година, а било јасно дека нејзината подвижност се подобрува тогаш кога била способна да вози низ нејзината област.

Фланери О’Конор на тригодишна возраст

Во последните тринаесет години од нејзиниот живот, кога живеела на семејната фарма, често затворена во куќата, таа исто така и сликала. Често сликала мртва природа и пејзажи инспирирани од нејзината околина.

Фикцијата на О’Конор обично е сместена во рурален јужен амбиент, користи локален дијалект и има гротескни елементи, па оттука и етикетата „Јужна готика”. Таа самата во една прилика вели дека „приказните се тешки, но тие се тешки бидејќи нема ништо потешко или помалку сентиментално од христијанскиот реализам”.

Американската критичарка и писателка Венди Лесер истакнува дека „Болеста и чувството на распарченост, грдоста и менталната нестабилност, болното, неоткупливо стареење, како и нејзиниот неизбежен придружник, смртта, се почеток и центар во погледот на О’Конор на човечката состојба”.

Расните теми исто така се истакнуваат во нејзините приказни. Не е чудно што додека ги читаме нејзините дела имаме чувство на непријатност и пријатност во исто време, но и незаборавност. Покрај тоа, вообичаено постои силна нишка на саркастичен хумор, што спречува текстот да стане претежно мрачен. Покрај нејзините романи и приказни, таа била и активна пишувачка на писма.

Во 1958 година, на повик на роднините, О’Конор заминува на патување во Лурд со нејзината мајка, а потоа во Рим на аудиенција кај папата Пиј XII. Иако била посветена католичка, сепак се плашела од можноста за чудо.

Додека нејзината болест неколку години била во ремисија, таа била повеќе стабилизирана, отколку излечена. На почетокот на 1964 година, Фланери била подложена на операција на абдоменот, по што нејзиниот лупус се вратил на сила. Фланери О’Конор починала во болницата во Милџвил од откажување на бубрезите на 3 август 1964 година.

Фотографија: Џо Мектајр

Извор: https://farmerofthoughts.co.uk

Слични содржини

Книжевност / Живот
Активизам / Квир / Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото