„Maskas” - изложба на Warm Metal и Хуго Виндер-Линд

24.10.2024 12:14
„Maskas” - изложба на Warm Metal и Хуго Виндер-Линд

Моден Викенд Скопје го претставува креативниот дијалог меѓу двајца различни, но подеднакво инспиративни уметници - Warm Metal (С. Македонија) и Хуго Виндер-Линд (Велика Британија) - во рамките на изложбата насловена Maskas поддржана од Британскиот совет.

На 25 октомври во 20 часот, светлата на Лабораториум ќе го осветлат отворањето на ова визуелно патување кое ги истражува тенките граници помеѓу културите и идентитетите. Изложбата ќе остане отворена и на 26 и 27 октомври 2024 како дел од Моден Викенд Скопје.

Warm Metal е моден бренд основан од Теодора Митровска, македонска дизајнерка која живее и работи во Лондон. Со својот концептуален пристап, Митровска ги руши границите на конвенционалната мода, создавајќи уникатни парчиња што ја рефлектираат нејзината желба да ги истражува личните и социо-политичките теми. Warm Metal функционира како комерцијален бренд, но неговата суштина лежи во креативниот израз, ослободен од ограничувањата на сезонските трендови и индустриските стандарди.

Хуго Виндер-Линд, роден во 1992 година и сместен во Брајтон, Обединетото Кралство, ја наоѓа својата инспирација во дивите и ненаселени предели на рурална Англија. Во својата уметност тој ги истражува границите помеѓу природата и цивилизацијата преку сликарство, скулптура, фотографија и литература. Виндер-Линд се оддалечува од хуманистичкиот поглед, истражувајќи како материјалниот свет може да ја одразува човечката историја и идентитет, притоа спојувајќи ги традицијата, науката и фолклорот во една кохерентна уметничка нарација.

Оваа изложба претставува уникатен културен експеримент во кој двајцата уметници - Македонка и Британец - ги претставуваат своите култури низ призмата на другиот. Како појдовна точка, секој од уметниците го снабдува другиот со визуелен материјал изваден од поширокиот социо-политички контекст на сопствената култура. Неминовно е инспирацијата на двете страни да биде површна и не-поткрепена со подлабоко разбирање на културолошкиот контекст на другиот. При ова уметниците намерно се впуштаат во погрешно или површно толкување на елементи од туѓата култура и се принудени да искреираат дела кои се културолошки "неинформирани". Овој експеримент е иронична метафора за предрасудите и погрешните сфаќања кои често се јавуваат помеѓу различни култури.

Придружете се на ова патување, каде што уметноста не само што ја премостува културната дистанца, туку и ги проширува хоризонтите на вашето лично разбирање за културата и различностите.

ОкоБоли главаВицФото