Фрида Кало

24.10.2024 14:18
Фрида Кало

Фотографија: Николас Муреј

„Не сум болна. Скршена сум. Но, среќна сум што сум жива сѐ додека можам да сликам”.

Родена е како Магдалена Кармен Фрида Кало и Калдерон во куќата на нејзините родители во Кохоакан, кој во тоа време бил мало предградие на Мексико Сити. Животот на Фрида започнал и завршил во Мексико Сити, во нејзината куќа позната како „Сината куќа”.

Датумот на раѓање го навела како 7 јули 1910 година, но во нејзината крштеница пишува 6 јули 1907 година. Фрида ја побарала оваа промена бидејќи сакала годината на нејзиното раѓање да се совпадне со годината кога започнала Мексиканската револуција, бидејќи во тој случај нејзиниот живот би започнал со раѓањето на модерно Мексико.

Бидејќи била забележана по нејзината неконвенционална појава, вклучувајќи ги силно нагласените веѓи и тенки мустаќи кои не ги отстранувала. На шестгодишна возраст заболела од полиомиелитис, што резултирало со тоа што десната нога ѝ била многу послаба од левата. Така останало засекогаш.

Кога се запишала во средно училиште се однесувала како непослушно момче и станала водачка на бунтовничка група во која учествувале главно момчиња, кои постојано правеле проблеми. Главно се шегувале со професорите. Во тоа училиште Фрида првпат го запознала својот иден сопруг Диего Ривиера, познат мексикански муралист. Ривиера требало да наслика мурал во училишната сала.

Кога имала 18 години, на 17 септември 1925 година, се возела во автобус во Мексико Сити, на кој налетал трамвај. Металната шипка ѝ го пробила абдоменот, излегувајќи низ вагината. 'Рбетниот столб ѝ бил скршен на три места. Скршени ѝ биле и клучната коска, неколку ребра и карлицата, а десната нога ѝ била скршена на единаесет места. Ногата ѝ била изместена и згмечена.

Никој не верувал дека ќе остане жива, а уште помалку дека повторно ќе може да оди, но по еден месец поминат во болница ја пуштиле дома. Со месеци заробена во гипс, Фрида почнала да слика во кревет со помош на специјални ногарки што ги поставила нејзината мајка.

Со помош на огледало почнала да се слика самата себе, и тоа бил нејзиниот заштитен знак. Од околу сто и педесет дела кои се сочувани, повеќето се автопортрети. Како што самата таа вели: „Се сликам себе зашто често сум сама, и зашто најдобро се познавам себеси“.

Иако нејзиното закрепнување било чудесно (повторно проодела), во текот на целиот живот страдала од силни болки и замор, поради што морала да биде хоспитализирана подолг временски период, во поголем дел од времето била прикована за кревет и морала да оди на бројни операции. Во една прилика Фрида се пошегувала дека го држи рекордот кога станува збор за операции. Имала околу триесет операции во текот на својот живот. За да ги ублажи болките и физичките маки, се свртела кон алкохолот, дрогата и цигарите.

По несреќата, близок пријател ја запознава со уметничкиот свет на Мексико, вклучувајќи ги Тина Модоти (позната фотографка, актерка и комунистка) и Диего Ривиера. Диего и Фрида се венчале на 21 август 1929 година. Нивниот брак се состоел од љубов, афери со други луѓе, креативно поврзување, омраза и развод во 1940 година, кој траел само една година. Нивниот брак го нарекувале заедница на слон и гулабица, бидејќи Диего бил многу висок и крупен, а Фрида била мала и витка, со висина од околу 150 см.

И покрај аферите на Диего со други жени (една од нив била сестрата на Фрида), тој ѝ помогнал на повеќе начини. Како и Диего, и Фрида верувала во комунизмот и страстниот интерес за домородната култура на Мексико.

Диего ја охрабрувал во нејзината работа, величајќи ја како автентична, нерасипана и природна, нагласувајќи ги индијанските аспекти на нејзиното потекло. Во текот на овој период „Мексиканството“, страсното прифаќање на оригиналната шпанско-мексиканска историја и култура, им дало голема вредност на рефлексиите за домородната култура.

Истовремено, на нив се гледало како на наивни сликари на кои тоа им служи како начин да бидат признаени како уметници. Фрида, која имала индијанска крв од страната на нејзината мајка, имала унгарско-еврејско потекло од страната на нејзиниот татко. Иако на почетокот била самоука сликарка, набрзо благодарение на врската со Диего се нашла во најсофистицираните уметнички кругови. Навистина, тешко е да се замисли некој што го делел животот со Диего да остане уметнички наивен.

Веројатно затоа што имала почит и пружала веродостојност во уметничкиот свет, Фрида го охрабрувала митот за сопствената примитивност - делумно и поради нејзиното прифаќање на традиционалниот мексикански фустан - што бил карактеристичен за неа во текот на нејзината кариера.

Додека била жива не била толку позната како големите мексикански муралисти, Ривиера, Орозко и Сикеирос. Сепак, во текот на последните две децении од дваесеттиот век, кои донеле промени, темпераментното, моќно автобиографско дело на Фрида било критички и парично наградувано, дури и повеќе од нејзините машки сонародници. Нејзините слики, кои влечат корени од мексиканскиот портрет од деветнаесеттиот век, духовито вклучуваат елементи на мексиканската поп-култура и предколумбискиот примитивизам, што до тогаш (триесеттите години на дваесеттиот век) не се случувало.

Фрида Кало ja слика „Портрет на семејството на Фрида” во кревет.

Претежно мали и интимни слики кои се во контраст со големите традиционални мурали од нејзиното време, нејзините слики се работени на метални плочи, а не на платно, во стилот на мексиканските улични уметници кои сликале олтари или мали заветни слики кои ја слават Дева Марија или светецот за чудесно избавување од несреќа.

Фрида сите свои емоции ги пренела на платно. Ги сликала својот гнев и болката поради бурниот брак, болните спонтани абортуси и физичките страдања низ кои поминувала поради несреќата. Била толку горда на своите влакна на лицето што ги сликала на своите автопортрети.

И покрај сите страдања во животот била многу дружељубива личност чиј речник знаел да биде помалку груб. Обожавала да пие текила и да им пее на гостите на лудите забави кои ги приредувала. Сакала да кажува шеги и да ги шокира сите околу себе. Луѓето биле воодушевени од нејзината убавина и каде и да одела застанувале за да ѝ се восхитуваат. Мажите биле маѓепсани од неа и поради тоа Фрида имала бројни скандалозни афери.

Во 1936 година, Диего Ривиера, посветен на Троцки, ја искористил својата моќ да побара од мексиканската влада да им даде азил на Троцки и неговата сопруга откако биле протерани од Норвешка. Диего и Фрида ги сместиле во семејната куќа на Фрида, истата куќа во која таа го завела. (Фрида насликала автопортрет што му го посветила, а таа слика сега се наоѓа во NMWA во Вашингтон.) По атентатот на Троцки, Фрида се свртела против нејзиниот поранешен љубовник, тврдејќи во интервју дека Троцки бил кукавица и дека крадел од неа додека бил во нејзината куќа (што не било точно).

„Од моментот кога дојде ме иритираше со својата претенциозност, педантноста и затоа што мислеше дека е важен”, вели таа.

Подоцна била уапсена за неговото убиство, но за кратко време била ослободена. Диего исто така бил осомничен за убиство, но и тој бил ослободен. Неколку години по смртта на Троцки, Диего и Фрида уживале да раскажуваат дека го поканиле во Мексико само за да го убијат, но никој не знаел дали ја кажувале вистината или не.

Кало и Ривиера биле одлични раскажувачи. Факт е дека Фрида се свртела против Троцки зашто станала жестока сталинистка. Продолжила да го обожава Сталин дури и откако станало општо познато дека тој е одговорен за смртта на милиони луѓе, како и самиот Троцки. Една од сликите на Фрида носи наслов „Сталин и јас”, а нејзиниот дневник бил полн со адолесцентни чкртаници („Да живее Сталин!”) за Сталин и нејзината желба да го запознае.

Фрида била бисексуална и имала многу афери со жени, вклучувајќи ја и сопругата на надреалистичкиот поет Андре Бретон. Луѓето ја сакале Фрида насекаде низ светот. Кога ќе отидела во Франција пиела и вечерала со Пикасо и се појавувала на насловната страница на францускиот „Вог”. Во Америка ја сакале нејзината убавина и нејзината уметност. Во Мексико, нејзината татковина, имала многу обожаватели.

Во Мексико имала само една изложба, и тоа пролетта 1953 година. Тогаш нејзиното здравје било многу лошо и лекарите ја советувале да не присуствува на изложбата. Неколку минути откако на гостите им било дозволено да влезат во галеријата, надвор се слушнале сирени. Толпата полудела бидејќи надвор имало амбулантно возило придружено со мотори. Оттаму ја изнеле Фрида на болничка носилка!

Фотографите и репортерите биле шокирани. Ја сместиле во кревет среде галеријата. Толпа луѓе се упатиле кон неа да ја поздрават. Фрида кажувала шеги и ја забавувала толпата, но и пиела речиси цела ноќ. Изложбата доживеала неверојатен успех. Истата година поради гангрена требало да ѝ биде ампутирана десната нога под коленото. Станала многу депресивна и имала самоубиствени пориви. Неколку пати се обидела да се самоубие.

Во 1954 година, со пневмонија, присуствувала на комунистички марш протестирајќи против американската субверзија на левото крило на владата на Гватемала. Фрида Кало починала четири дена подоцна, а тоа е настан кој може или не мора да се нарече самоубиство. Официјална обдукција не била извршена. Последното нешто што било запишано во нејзиниот дневник се следниве зборови: „Се надевам дека заминувањето е радосно и дека никогаш повеќе нема да се вратам”.

Фрида во американски „Вог”, 1937. Фотографија: Тони Фрисел

Извор: https://portaloinvalidnosti.net

ОкоБоли главаВицФото