1031 hPa
35 %

11 °C
Скопје - Сре, 19.03.2025 13:18
“Пред вас се отвора светот на зборовите, како да е ковчег со богатство кое не сте знаеле дека го поседувате, а истовремено ве прави неизмерно богати. Зборот и неговото значење се девизите кои го стимулираат светот.”
Во време кога и Македонија транзитира низ уништувачка пандемија, но се соочува и со огромни препреки кои се однесуваат на јазикот и неговата депривација “Вокабуларис” е четиво кое ќе ви го сврти погледот кон убавата страна на животот, зборот и неговите естетски модулации. Трилер елементите, Нашевска, односно младата Ен Игма, добро ги фосилира пред нас, отворајќи свет кој слободно може да премине во сценарио за Дизни. Колку пати сме се запрашале, каков живот водат зборовите? Дали тие ја добиваат модлата на материјалноста која ја означуваат, бидејќи нашето помнење и учење е такво, човек не би можел да научи збор доколку не би го знаел неговото значење, а уште помалку доколку при енграмирањето не би го сортирал во соодветна категорија и слика?
Што прават зборовите? Што мислат зборовите? Во какви приказни живеат? Дали навистина зборовите се добри и лоши? Или зборовите имаат тенденција да бидат само добри, но некои мора да ја завршат валканата работа? Дали зборовите јадат, како што нѐ јадат мислите? Што би било кога во светот би постоеле зборови одредени од убавото, од принципот на реалноста? Би биле ли луѓето среќни? Или ќе живеат во вакумиран хаос? Можам да продолжам со набројување колку многу прашања отвора делото за восхит. Но дали се прашањата доволни за да се воспостави рамнотежа помеѓу доживеаното и помисленото?
Зборовите се пионери на нашето постоење и Нашевска ги доловила нивните графолошко-асоцијативни карактеристики до едно когнитивно совршенство. Се опрашуваат пред вас, ги гледате во судница, во полициска станица, во зоолошка градина, во своите домаќинства. И вие самите ги облекувате чевлите, под дадени упатства на авторката, и станувате нивни творец, можеби РЕД пред вас се појавува во своите две димензии и три букви, можеби Ред ќе биде човек во црн костум, со зачешлана коса и сериозен израз. Исто како и спојувањето на зборовите, и овде, во расказноста на Нашевска, имате илјадници можни варијации и веројатности како да го согледате напишаното кое сѐ се освен наивно и фигуративно предадено.
Зошто први исчезнуваат Грозна и Лага? Зарем нивното исчезнување е случајност или планирано бегство, киднапирање, егзекуција можеби? Дали Човек, изумителот на овоземското, намерно се обидува да ги ликвидира непријатните колокации и дали напоредното исчезнување на малата Габи, предизвикано од лага, е поврзано со исчезнувањето на зборот Лага?
Во градот на зборовите, гардот на општочовечката имагинација, Вокабуларис, ненадејно протекува вирусот на неписменост и започнува да ги напаѓа зборовите. Исплашени од оваа пандемија која набрзо се проширува, како и тоа дека зборовите би можеле да бидат избришани, се обидуваат да најдат решение, но и да дојдат до почетокот на настаните, до нултиот збор од каде тргнала инфекцијата. Во човечки обликуваниот свет, во кој се чини дека зборовите имаат значење на витална функција, исчезнуваат две деца. Додека Љупка трага по нив, навлегува во едни нови и неистражени зборовни синтагми, љубовни обезвучувања и криминални конјугации. Зборовите ја истражуваат човечката природа да се прилагоди на настаните кои поттикнуваат мисли на страв, неизвесност, на надеж и желба. Дисекцираните емоции се релативно збунувачки и кометовидни, поминуваат молњевито и го обземаат читателот на својата траекторија.
Дејството е пример за одливање од една паралела во друга, циркулира како низ опитен систем од цевки и канистри, ликвидно прелева и претекува преку збор, претставник на зборот и настанот на кој му претходи праумисла. “Вокабуларис” не е само мостра на цврстата ерудиција и хемиско поврзаните координатни рамнини во кои приказот за зборовите добива и свои човечки пропорции, став и лик.
Со книгата ќе чувствувате дека имате лингвистички оспособен собеседник, затоа што заедно ќе ја откривате моќта на поседување која дури и праисториските луѓе, пред да го откријат говорот, ја пренесувале како сликовита мисла.
Не е доволно да се познаваат зборовите, туку експертизата да се подредат во низа, да создадат дело кое ќе биде истовремено задоено со уметничка вредност, но ќе буди интерес да го прочитаат генерации, е пресудно за делото да добие на квалитет. Беспоговорно тврдам, дека читајќи ја “Вокабуларис” јас го доживував магичното весло на Дизни како ја пресекува содржината и некако успешно се проектирав, споредувајќи го Вокабуларис со Текстополис од “The Emoji Movie”, “Inside Out” или “Wreck-It Ralph”.
Утопијата на Ен Игма е одлично освежување на литературната сцена во Македонија.
Книга за сите возрасти, спакувана како сценарио под крошната на Дизни, но пренесува доволно гласна порака за да ја разберат возрасните, да навлезат во имагинативниот свет на своите емоции и сензации, перцепирани преку зборот, како насилна човечка доблест или казна.