1015 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 09:59
Издавачката куќа „Илика“ во соработка со Здружението за германско-македонска соработка и развој и Гете институт Скопје ќе одржи промоција на монодрамата „Мачката Елеонора“ на германската авторка Карен Јес вечерва, 25 октомври (петок) во 20 часот во просториите на КСП Центар-Јадро.
„Низ разговорот со авторката ќе се обидеме да му се приближиме на овој современ драмски текст враќајќи се наназад кон процесот на неговото создавање, применетите драмски постапки, како и кон изборот на авторката да претстави еден специфичен вид на идентитетска трансформација”, велат од „Илика”.
„Така е, немам опашка, а имам стапала и говор, тоа е точно. Тоа не е доказ за постоењето како човек“, му вели Елеонора Гарацо на својот терапевт Гералд Вилдбрух и решава дека од денес натаму: таа е мачка.
Монодрамата „Мачката Елеонора“ на Карен Јес е преплетена со слични остроумни реплики, поетично опишани сензации и протестни императиви со кои агентката за недвижнини Елеонора Гарацо конечно ја повлекува линијата помеѓу себе и светот, одлучувајќи се да живее во осаменоста на нејзиниот дом и градина. Кохезијата од прашања поврзани со трудот и работата, родовиот идентитет како и одржливоста и конзумеризмот во „Мачката Елеонора“ нѐ канат да ги преиспитаме сопствените позиции и влеваат храброст кај читателите преку претставениот чин на радикално отфрлање на реалноста.
Разговорот со авторката ќе го води преведувачката на монодрамата Катерина Шекутковска и ќе биде консекутивно преведуван од германски на македонски јазик.
Оние коишто сакаат да се придружат на продлабочен разговор за книгата, поканети се да се пријават за средбата помеѓу читателите/ките и авторката која ќе се одржи на 26 октомври (сабота) во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Неформална пријава може да испратите на мејл-адресата: ilika.publishing.shop@gmail.com. Разговорот ќе се одвива на англиски јазик.
Дизајнот на постерот е на Ема Велковска и Марија Смилевска.
Портрет на Карен Јес: Jewgeni Roppel