Ако климатската политика не е и социјална, тогаш е осудена на пропаст

28.10.2024 01:32
Ако климатската политика не е и социјална, тогаш е осудена на пропаст

Економскиот антрополог Џејсон Хикел е истакнат заговорник на одрастот: теорија според која, ако сакаме да ја обезбедиме својата благосостојба и здравјето на планетата, мораме да ја напуштиме капиталистичката опсесија со економскиот раст. Неговата премиса е јасна: ако ја признаеме сериозноста на климатската криза, мораме да ја прифатиме и потребата за радикална трансформација на нашите економии.

Дискусијата за пренасочувањето на фокусот од економскиот раст е во полн ек. Во Холандија зборуваме за „општа благосостојба“, која ја мери благосостојбата, а не само бруто домашниот производ. Тоа чекор во вистинската насока, зарем не?

Секако. Прекрасно е да се случува промена во начинот на кој го мериме просперитетот - сега гледаме колку луѓе имаат пристап до достоинствено домување или животен век. Дури и класичните економисти како Џозеф Стиглиц велат дека БДП, кој е само пазарна вредност на сè што е произведено, е лош начин за мерење на благосостојбата. Поранешниот француски претседател Саркози воспостави цела државна комисија на оваа тема.

Но ние сметаме дека тоа не е доволно. Ако автомобилот тргне кон провалија, не можете само да успорите. Тој пристап не ја решава основата на проблемот: дека нашата потрошувачка на енергија и ресурси е далеку над она што може да го поднесе планетата. Морате да се соочите со ова прашање, а одрастот го прави токму тоа.

Се чини дека теоретски би можеле да имаме економски развој во кој се комбинира растот на БДП со помала потрошувачка на енергија и поефикасна употреба на ресурсите. Но дали навистина можеме да го одвоиме растот од нашите планетарни граници?

Теоретски да, но реално - не. Науката е мошне јасна по тоа прашање. Последниве години успеавме да утврдиме дека поголемиот раст значи поголема потрошувачка на ресурси, дури и во ситуации на висока ефикасност. И Меѓународниот панел за ресурси на ОН дојде до истиот заклучок.

Некои високоразвиени држави успеаја да го зголемат БДП истовремено намалувајќи ја емисијата на гасови со ефект на стаклена градина со премин на соларна и други обновливи извори на енергија. Но тоа не е поентата. Мораме да го забрзаме намалувањето на емисиите. Во моментов ниедна држава во светот не го следи патот кој ќе нè одржи под затоплување од 1,5 степени целзиусови - дури ни Шведска или Обединетото кралство. На САД им е потребно намалување на емисиите од 17 проценти годишно, што е многу побрзо од моменталното темпо. Нашиот предлог е да се намали производството на помалку важни предмети за да ја намалиме потрошувачката на енергија. Ова веќе не е малцински став; најновиот извештај на Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) исто така наведува дека развиените земји треба да користат помалку енергија и дека тоа не е во склад со растечката економија.

Некои политичари, дури и во рамки на зеленото движење, се внимателни во поглед на пораките за економско успорување или за одрастот.

Не е целта да се намали БДП; тоа е резултат на итните интервенции за зачувување на населивоста на планетата. Ако почнете да произведувате помалку теренски возила (СУВ) или помалку приватни авиони, БДП ќе се намали. Во САД, ако преминете од приватен здравствен систем на јавен, БДП ќе се намали. Но тоа нема негативно влијание на нашето општество ниту на нашето чувство на благосостојба.

Моментално, чувството на благосостојба е ограничено во големи делови од општеството зашто нашето производство е длабоко недемократско. Со него управуваат мал број „акционери“ чија цел е максимизација на профитот, а не задоволување на човечките потреби. Резултатот е исклучително неефикасен систем кој троши премногу ресурси и не ги задоволува основните човечки потреби. Тоа е ирационална економија.

Брзата мода е добар пример. Сите сакаме да носиме нешто, но не сакаме маици кои се распаѓаат по првото перење. Ако економијата е подемократска и фокусирана на задоволување на нашите реални потреби, би постигнале подобри, социјално насочени резултати, како и намалување на потрошувачката на енергија. Искрено,не можам да замислам помоќна добра вест од тоа.

Во вашата книга „Помалку е повеќе“ зборувате за намалување на производството на добра кои не му служат на јавниот интерес, како приватните авиони и теренските возила. Но кој одлучува што е добро за јавната благосостојба, а што не е?

Владите можат да пружат услуги кои консумацијата на овој вид луксузни добра да ја направат непотребна. Ако имате квалитетен, пристапен јавен превоз, луѓето ќе го користат - поевтино е, полесно и позабавно од користењето сопствен автомобил. Во Барселона можете да се возите со метро за едно евро; електричните автобуси се уште поевтини, а електричните велосипеди чинат само неколку центи. Системот на изнајмување велосипеди е мошне популарен.

Многупати е докажано дека јавните услуги обезбедуваат благосостојба со минимална употреба на енергија и суровини и тоа го прават поевтино од приватниот сектор. Исто така можеме да ја намалиме нееднаквоста во општеството, на пример, преку даноци на богатството и прогресивно оданочување. Најпосле, појдовната точка на одрастот е намалување на потрошувачката на богатите.

Францускиот економист и историчар Томас Пикети тврди дека намалувањето на куповната моќ на богатите претставува најдобар начин за борба против климатските промени. Исто така мораме да започнеме демократски дијалог за тоа каде треба да се намали потрошувачката. На пример, сигурно не е тешко да пронајдеме разумни регулативи за да ја сузбиеме исклучително загадувачката брза модна индустрија. Имаме ограничување на брзината на автопатиштата и стандарди за емисиите на автомобилите, зарем не?

Ако не можеме да водиме разговор за тоа што сакаме да произведуваме како општество и како сакаме да ги користиме нашите ресурси, тогаш каква е целта на демократијата? На своите предавања често ги прашувам студентите да идентификуваат кои сектори ги сметаат за деструктивни и помалку потребни. Секогаш доаѓаат до истите примери. Сите можат да ги препознаат производите кои претставуваат проблем.

Гледајќи низ призмата на социјалната правда, дали е помудро да се донесе регулатива која би направила одредени нешта да бидат целосно недостапни или би требало да се оданочуваат загадувачките производи и активности, така што ќе им бидат достапни на оние кои сакаат (и се способни) да платат? Тоа често е суштината на проблемот во зелената политика.

На пример, да ја земеме авијацијата. Очигледно не напредуваме во пронаоѓање начини на летање кои се неутрални во однос на јаглеродот, така што оваа активност ќе мораме да ја намалиме. Но како да се направи тоа на праведен начин? Можете да предложите луѓето да плаќаат пазарна цена за првиот лет со кој ќе патуваат во текот на годината. Сите летови потоа би биле оданочувани прогресивно, така што луѓето би плаќале повеќе.

Тоа не е нереално, зашто повеќето луѓе што летаат се мошне богати. А луѓето би требало да бидат во можност да посетат болен член на семејството, на пример. Не сум за ограничувања кои се исти за сите, ниту за единствен превоз, зашто тогаш сиромашните луѓе го носат најголемиот товар, додека богатите едвај го забележуваат таквиот трошок.

Тука лежи проблемот кога станува збор за праведната транзиција. Ние се трудиме подобро да ги редистрибуираме приходите и ги оданочуваме загадувањето и емисиите на јаглеродниот диоскид, но сè уште имаме луѓе кои можат да си дозволат да купуваат нешта и луѓе кои не можат да си го дозволат тоа. Тоа значи дека се потребни дополнителни политики.

Точно. Данокот на гориво во Франција несразмерно повеќе ги погоди сиромашните луѓе, па „жолтите елеци“ имаа право да се противат на тоа. Често се потсетуваме дека ако климатската политика не е социјална нема да успее. Предлозите на политиките на еко-социјалистите за одрастот директно се занимаваат со тој проблем.

Се залагаме за бесплатно здравство, бесплатна вода и енергетска квота за секое семејство, како и јавна опција за добра и здрава храна. Јавните услуги се клучни во преминот кон одрастот, зашто ја отстрануваат врската помеѓу растот и благосостојбата. На тој начин можете да бидете сигурни дека секој има пристап до нештата кои му се потребни за добар живот, а притоа да не мораме сè повеќе да произведуваме во приватниот сектор.

Во својата книга исто така зборувате за гаранција за работа. Како би изгледала гарантираната работа?

Основата на секоја иницијатива за премин кон одрастот би требало да биде гаранција за зелени работни места. Знаеме дека приватниот сектор нема доволно брзо да дејствува во многу нешта кои ни се потребни за зелената транзиција: изградба на инфраструктура за обновлива енергија, проширување на јавниот превоз, зголемување на енергетската ефикасност на домовите. Гаранцијата за климатски работнии места може да ги мобилизира луѓето да работат такви работи.

Прекрасно е тоа што кога на луѓето ќе им презентирате таква идеја - тоа го откривме со истражување - 60 до 70 проценти реагираат ентузијастички. Луѓето сакаат да бидат вклучени во важни општествени проекти. Порадо би работеле таква работа отколку да генерираат профит за некоја компанија. Ако работните места се загарантирани, исто така можете да водите рационален разговор за економијата. Сега не можеме да разговараме за намалување на авијацискиот сектор зашто луѓето сакаат да знаат што ќе се случи со работните места.

Дали работните места би требало да бидат во јавниот сектор? Во Холандија, сите области на кои се реферира - енергијата од ветерот, секторот за изолација и инсталации и социјалното домување - се високо приватизирани.

Тоа е проблем, но да, тие работи треба да бидат јавни. Дистрибуцијата и распоредувањето на зелените работни места би требало да бидат, колку што е можно повеќе децентрализирани и демократски. Локалното население би требало да одреди што е потребно во нивната област. Ако на заедницата ѝ треба подобра грижа или помош во обновувањето на блиската шума, работната сила може да биде мобилизирана околу тоа. Финансирањето доаѓа од централната влада, но управувањето може да биде децентрализирано. Се разбира, исклучок се националните проекти како енегретската инфраструктура.

Во случајот со коронавирусот, владите брзо изградија голема инфраструктура за тестирање и вакцинација. Дали научивме нешто од тоа?

Да. Како што рече францускиот социолог Бруно Латур, научивме дека постои „запирачка во случај на опасност“ за економијата. Начелно, сега знаеме дека е можно да се затворат секторите кои се штетни или помалку неопходни. И научивме дека владата може да го реорганизира производството така што нештата кои ни требаат можат да се произведуваат исклучително брзо. Можете да барате од компаниите да произведуваат маски за лице; исто така можете да ги замолите да произведуваат ветроелектрани. Исто така научивме кои работни места се неопходни и тоа знаење можеме да го искористиме во климатската криза. Кои работни места навистина мораме да ги заштитиме? Оние во здравството, производството на храна - значи, оние на кои ќе се сети секој.

Кога станува збор за енергетската криза поврзана со војната во Русија, се чини дека таа не го пружа очекуваниот поттик кон поодржливо користење на енергијата. Или барем се чини дека тоа е меч со две острици.

Во САД, Бајден - таканаречениот „претседател за клима“ - вложува големи напори да го зголеми домашното производство на нафта за да се намали зависноста од Русија. Но ако вашата економија продолжи да користи сè повеќе енергија во тесниот пазар, инфлацијата исто така ќе расте. Впрочем, инфлацијата не е ништо друго туку дискрепанца помеѓу понудата и побарувачката. Ако Европа сака да ја заузда инфлацијата тоа може да го направи со едноставно намалување на потрошувачката на енергија. Германија ја научи таа лекција - само погледнете го нејзиниот месечен билет за јавен превоз од 9 евра (лето 2022).

Отворањето нови полиња за екстракција на гас и нафта исто така е поттикнато од страна на лобито за фосилни горива. Како да го исфрлиме од нашите политички системи?

Секторот на фосилни горива треба да биде во рацете на владите. Тоа е најголемиот лобистички џин кој светот некогаш го видел, а неговите компании се помоќни од повеќето земји: можат да ги подмитат политичарите и да ги преплават медиумите со пропаганда. Се обидуваме да се бориме против тоа, но секогаш завршува со пораз. Кога ќе почнеме да зборуваме за регулирање на индустријата на кој било значаен начин - а камо ли за намалување на производството на фосилни горива - ќе западнеме во битка која не можеме да ја добиеме.

Значи, тој сектор треба да биде во јавни раце. Најпосле, нафтата под нашите нозе ни припаѓа на сите. Ако е во јавни раце може да се разговара како да се управува со намалувањето на употребата - каде е најпотребна и за кои човечки потреби - без предизвикување премногу хаос во поглед на цените на енергијата. Европските земји во моментов се мошне немоќни: немаат контрола над цените на енергијата или над количината на гас кој тече. Скокаат во место, заглавени среде климатската криза, но не се во можност да се занимаваат со неа.

Забележав дека изгледавте изненадено кога почнав да зборувам за национализација на индустријата со фосилни горива. Одлучивме до 2030 година да ги намалиме емисиите на јаглерод диоксид за половина, а развиените земји мораат да го направат тоа уште побрзо. Политичарите сакаат да зборуваат за емисиите, но суштината е дека употребата на фосилни горива мора да биде преполовена. Не гледам како ќе се случи тоа ако индустријата не е во рацете на владите.

Она што го велите е дека би требало да ги откупиме компаниите како Шел.

Да. Владите требаше да го направат тоа пред две години кога паднаа цените на акциите.

Зошто сметате дека тоа е пресудно? Зарем не можат да се постигнат истите цели со традиционалните механизми за наплата и законодавството?

Фосилниот сектор ќе му се спротивстави на секое законодавство; секогаш го правеле тоа и секогаш победуваат. Ако компаниите кои се занимаваат со фосилни горива одлучат како ќе се одвива намалувањето на употребата, тогаш исто така ќе одлучуваат кој ќе има проблеми кога ќе дојде до недостаток. Милиони луѓе во Обединетото кралство мораат да избираат помеѓу храна и греење; тоа не би требало да се случува во развиено општество.

Владите мораат да обезбедат обичните луѓе и клучните сектори за услуги да добиваат енерегија по фер цена. Кој има пристап до здравствена заштита во САД? Сигурно не оние на кои им е најпотребна.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Pejac

Извор: https://www.wetenschappelijkbureaugroenlinks.nl/

Слични содржини

Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Екологија
Општество / Свет / Екологија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото