1029 hPa
37 %
18 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 12:59
Најголемиот апсурд на практично маглестиот и илузивен меѓународен правен поредок – од гледна точка на еден лаички набљудувач што одгледува здраворазумска мисла – е што иако навидум ја исфрла војната од меѓународното право, за легални меѓународни граници помеѓу суверените држави ги признава традиционално само оние постигнати со војна, значи со силата на оружјето. Изгледа малоумно и криминално, но историјата на државите упорно ни ја повторува оваа сурова приказна, и тоа ладнокрвно и цинично, налактена на мрсен и заплукан бар, со догорок залепен на долната усна, напати помеѓу зборовите плукајќи тенок и прецизен млаз низ двата предни пожолтени заба на црниот дасчен под.
Денес сè уште најлегитимниот темелен акт на меѓународното право е Повелбата на Обединетите нации, која основните прашања од најголемо егзистенцијално значење за земјите членки ги дефинира на неверојатно неконзистентен, ако не и контрадикторен начин. Елем, во членот 1 точка 2 од Повелбата, како основна цел на Обединетите нации и меѓународното право на мирот и безбедноста се дефинира „развивањето пријателски односи меѓу нациите, засновани на почитување на начелото на рамноправност и на правото на народите за самоопределување (…)“, додека во членот 2 ставот 4 се забранува употребата на сила, така што „сите членови во своите меѓународни односи се воздржуваат од заканата со сила или од употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на секоја држава“.
Не е потребен докторат од меѓународното право за човек веднаш да заклучи дека двете основни начела на Повелбата на Обединетите нации, за правото на народите на самоопределување и за неповредливоста на територијалниот интегритет и суверенитет на државите, се многу често директно спротивставени. Оваа непријатна контрадикторност е неизбежна историска неминовност во сите случаи на создавање нови држави со сецесија на дел од постојна држава или со отцепување на повеќе делови од државна целина, или со зголемување постоечка држава со анексија на делови од друга итн. Во сите овие случаи остварувањето на правото на самоопределување директно го дерогира територијалниот интегритет на државата!
Така, на пример, четвртата деценија од 19 век, САД зафаќаа помалку од 60% од нивната денешна површина, ориентирана кон атлантскиот источен брег на континентот, додека останатите 40% ѝ припаѓаа на Република Мексико. Во 1836 година огромната област Тексас се прогласи за независна република, се отцепи од Мексико и аплицираше до Конгресот на САД да се припои кон Унијата. САД извршија и формална анексија на Тексас во 1845 и областа стана 28-ма држава на САД следната година, што веднаш ја предизвика Мексиканско-американската војна. Американската војска изврши успешна и брутална, да се изразам модерно – непровоцирана инвазија на Мексико, која заврши со освојување на главниот град Мексико Сити и со славната мировна спогодба Гвадалупе – Хидалго во 1848 година. Со оваа спогодба САД за сите времиња ги анектираа дотогаш мексиканските територии, кои станаа денешните сојузни држави Калифорнија, Тексас, Невада и Јута, како и значајни делови од денешните Аризона, Колорадо и Њу Мексико. Денес би било веројатно малку чудно Мексико да бара враќање на неговите територии од пред 1848 година.
Да не должам, практично сите денес меѓународно признаени државни територии и граници се резултат на ужасни крвави војни, колежи и злосторства, воени судири меѓу соседи, граѓански братоубиствени војни, а неретко и праведни самоодбранбени, ослободителни или антиколонијални војни. Освоената територија се сметаше за легална по старото правило од римското право uti possidetis iuris, што значи дека заземеното во војна станува легална сопственост и по неа. Овој принцип бил клучен во определувањето на границите, државните територии и сопственоста на сите затекнати живи и предметни блага повеќе милениуми, од прости причини што военото освојување се сметало за легален начин за нивно стекнување.
Ако некој жител на Македоња Вечна мисли дека границите на нашата земја се исклучок од горе кажаното, тој е во потполна заблуда. Безмалку сите наши граници кон соседите се уредени како резултат на сурови војни и масовна гибел, но од страна на други завојувани држави. Македоња имала ретка среќа за нејзините граници да се колат други: границите со Бугарија, Грција и Албанија се освоени со оружјето на Кралството Србија во Балканските војни, додека границата со Република Косово е освоена со бомбардирањето и копнената инвазија на Србија од страна на НАТО, со која првин НАТО изврши анексија на Косово, за подоцна да стане и независна држава. Само границата со Република Србија е утврдена по мирен пат, како исклучок, со примена на видоизменетиот римски принцип uti possidetis iuris: со право да се задржат териториите што двете соседни држави и претходно ги држеле.
Од контрадикцијата меѓу правото на самоопределување, кое се однесува на народите односно етничките ентитети, и интегритетот и неповредливоста на границите кои се однесуваат само на територијата, произлегоа многу војни последниов век и кусур, од времето на националните еманципации. Причина за ова е што териториите на државите и просторната распространетост на народите многу често не се совпаѓаат, зашто наследените граници одредени со воени колежи во минатото не воделе грижа за ништо друго освен за територии, а етничкото или религиското простирање на населението, кое било важен мотив во војните, не можеле да се совпаднат со резултатите на воената моќ и среќа.
Тоа е и причината што во распаѓањето на Југословенската Федерација, како и на СССР, непринципиелната и контроверзна примена и на начелото за самоопределување на народите и на принципот uti possidetis iuris, ги предизвика граѓанските војни во Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија, во кои загинаа повеќе од 100.000 луѓе, но ги предизвикаа и сите судири на територијата на некогашниот Советски Сојуз. Војните меѓу Грузијците и Абхазите, Ерменците и Азербејџанците, Украинците и украинските Руси, како и денешната катастрофална војна што НАТО и Украина ја водат против Русија, во која по три години исцрпувачка рововска војна загинаа или се осакатени, според некои проценки, милион Украинци и Руси, се исто така резултат на погрешно и непринципиелно применување на меѓународното право.
Имено, кога федерациите се распаѓаа меѓународното право му даде апсолутна предност на правото на народите на самоопределување, но границите на самоопределените федеративни единици беа определени по мирнодопски сфатениот принцип uti possidetis iuris, односно постојните административни граници на републиките и автономните области се претворија во легални меѓународни граници, иако тие историски не биле наменети за меѓународна употреба и за нив самоопределените ентитети не воделе преговори ниту крвави војни. Така, со идеја напати произволните административни граници да не се менуваат при драстична промена на статусот на териториите, големи делови од народите против своја волја и самоопределување останаа „киднапирани“ во други држави како малцинства. Ним не им беше дозволено да го применат ниту принципот на самоопределување, ниту да се стекнат со сувереност на земјата на која живееле дотогаш, што остана трајна причина за напнатост, етнички чистења и војни, на кои крајот и разрешницата уште не им се согледува.
Така што, правото во кое за исти случаи не се суди на ист начин воопшто и не е право, што особено се однесува на илузивното меѓународно право кое во практика е право на посилниот. И така произволните граници и заумниот национализам продолжуваат да си ја бараат војничката крв, како да е таа единствената и неизбежна цена на нивниот легитимитет.
Слики: Michael Page
Извор за текстот: Слободен печат